У.бр.81/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012,166/12, 15/2013, 170/13, 43/14, 44/14, 113/14,160/2014, 188/14, 20/2015, 61/15, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).

2. Трајана Ременска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот наведен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба содржела елементи на полова (родова) дискриминација, бидејќи правела разлика меѓу маж и жена во условите за стекнување на право на старосна пензија, односно предвидувала различен потребен број години живот за остварување на истата. Тоа било во спротивност со членот 9 од Уставот во кој било утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотна и општествена положба.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012,166/12, 15/2013, 170/13, 43/14, 44/14, 113/14,160/2014, 188/14, 20/2015, 61/15, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016) осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

4. Според член 8 став 1 алинеа 1 и 3 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност.

Со член 42 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката посебно го заштитува мајчинството, а според ставот 3 од овој член на Уставот мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 54 став 3 од Уставот ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имот или општествена положба.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, како и посебната заштита на мајките. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Според тоа посебната општествена заштита на мајката и мајчинството, хуманата популациона политика од аспект на жената односно кон семејството и детето и посебните права и обврски што од тоа произлегуваат е израз на интересот и грижата на општествената заедница за жената со оглед на нејзините биопсихолошки својства.

Во таа смисла заштитата на жената и забраната на сите облици на дискриминација е посебен интерес и на меѓународните правни акти. Така, според член 25 од Универзалната декларација за правата на човекот, мајките и децата имаат право на посебна нега и заштита.

Според член 4 став 2 од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената (донесена од Генералното собрание на ООН во 1979 година, која е во сила од 3 септември 1981 година) усвојувањето на посебни мерки од страна на државите членки, вклучувајќи ги и мерките содржани во оваа конвенција, чија цел е заштита на мајчинството не се сметаат за дискриминаторски.

Според член 11 точка 1 од Конвенцијата, елиминирањето на дискриминацијата на жената, покрај другото, содржи и утврдување на право на здравствена заштита и заштита на работа; и под точка (е), право на социјална заштита, меѓу другото, особено во случај на заминување во пензија.

Прашањето за различните услови за стекнување на правото на старосна пензија помеѓу мажите и жените, што произлегуваат од нивната возраст, веќе било предмет на оценка пред Уставниот суд на Република Македонија кој со Решение У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003 и 50/2004). Истата одредба подоцна повторно била оспорувана неколку пати при што Судот донел решение за отфрлање поради res judicata (решенија У.бр.224/2004 од 25 април 2005 година, У.бр. 231/2005 од 1 февруари 2006 година, У.бр.179/2005 од 16 ноември 2005, У.бр.161/2005 од 9 ноември 2005, У.бр.89/2007 од 4 јули 2007, У.бр.152/2009 од 12 октомври 2009 година)

Во наведените решенија Судот изразил став дека разликата во полот, како фактичка разлика, не мора секогаш правно да се апстрахира за да се постигне посакуваната еднаквост пред законот. Имено, ако разликата во полот има реални импликации врз положбата на луѓето во социјалната сфера, тогаш нејзиното уважување може, напротив, да го зајакне принципот на правната еднаквост кој подразбира еднакво постапување со еднаквите, а нееднакво со нееднаквите. Оттука, социјалната положба и улога на жената во одредени случаи може да биде релевантна за поинаква положба во поглед на остварување на определени права и обврски, како што се на пример оние во сферата на одбраната, заштитата на мајчинството итн. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е маж или жена, не го нарушуваат принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машки пол, туку всушност претставуваат праведно решение поради понеповолната положба на жената во однос на мажот која произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Во таа смисла, давањето од страна на законодавецот право на жената-работник да може да оствари право на старосна пензија за две години помала возраст од мажот, што во оваа сфера е оправдано според принципот на афирмативна акција, односно позитивна дискриминација.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека со оспорената одредба според која осигуреникот жена стекнува право на старосна пензија порано од осигуреникот маж во суштина се прокламира принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбата од членот 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.81/2016
09.11.2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски