81/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 26 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010 и 44/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека „како што е формулиран овој став од наведениот закон, Комисијата за заштита од дискриминација секогаш може да најде изговор и оправдување дека очигледно нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, не се понудени нови докази и дека поради истек на времето од направената повреда на правото не е можно да се постигне целта на постапката и нема да постапува по претставката, па дури нема ниту обврска за тоа да го извести подносителот на претставката.“

Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба била во спротивност со член 24 став 1 од Уставот, според кој „секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „оспорената одредба е непрецизна, недоволно дефинирана и недоволно определива, па се создава простор за арбитрерност и различно и неконзистентно постапување по поднесените претставки, а со тоа граѓаните и да не добиваат одговор врз основа на тоа што од содржината на претставката произлегува дека очигледно нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, во истата работа е веќе постапувано, а не се понудени нови докази и дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката. Имено, ако Комисијата за заштита од дискриминација не постапува по претставката, како и на кој начин ќе ги утврди сите овие работи?!“

Поради овие причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 16 став 1, членовите 24 и 51 и член 54 ставовите 1 и 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба е сместена во Глава V од Законот посветена на постапката пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во член 26 став 1 од Законот се определува дека „Комисијата постапува по претставката доколку постапката пред судот за истата работа не е веќе поведена или правосилно завршена.“

Според оспорениот член 26 став 2 од Законот, „Комисијата не постапува по претставката ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, ако во истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази и ако утврди дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (алинеја 1) и владеењето на правото (алинеја 3).

Според член 9 став 2 од Уставот, „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“

Со член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 24 став 1 од Уставот, „секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.“, а според став 2 „граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.“

Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 54 од Уставот, „слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот“ (став 1). „Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста“ (став 4).

Од изнесените уставни одредби, на кои укажува подносителот на иницијативата оспорувајќи го член 26 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, произлегува дека: меѓународно-правно признатите и уставно утврдените основни слободи и права на човекот и граѓанинот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 1); граѓаните се еднакви пред Уставот и законите (член 9 став 2); на граѓаните им се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (член 16 став 1); граѓаните и други субјекти имаат право да поднесуваат претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добијат одговор без да трпат штетни последици за изнесените ставови во претставките ако со нив не сториле кривично дело (член 24 ставовите 1 и 2); слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во уставно утврдени случаи (член 54 став 1), со тоа што не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (член 54 став 4). Од изнесените уставни одредби, исто така, произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката (член 8 став 1 алинеја 3); во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, сите други прописи со Уставот и со закон и секој мора да ги почитува Уставот и законите (член 51 ставовите 1 и 2).

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација, пак, се определува дека со него се обезбедува спречување и заштита од дискриминација при остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори, за што се формира Комисија за заштита од дискриминација (член 1 ставовите 1 и 2), при што се заштитуваат сите физички и правни лица при остварувањето на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Републиката (член 2), а заштитата ја остваруваат сите државни органи, органи на единицата на локалната самоуправа, правните лица со јавни овластувања и правните и физичките лица од областите утврдени со Законот (член 4). Законот определува дека се заштитуваат: директна или индиректна дискриминација; повикување или поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност; јазик; државјанство; социјално потекло; религија или верско уверување; други видови уверувања; образование; политичка припадност; личен или општествен статус; ментална и телесна попреченост; возраст; семејна или брачна состојба; имотен статус; здравствена состојба; или која било друга дискриминаторска основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (член 3).

Притоа, со членовите 6-12 од Законот се утврдуваат дејствијата кои претставуваат: директна или индиректна дискриминација (член 6); вознемирување, сексуално вознемирување и понижувачко постапување (член 7); дискриминација на лицата со ментална и телесна попреченост (член 8); повикување и поттикнување на дискриминација (член 9); виктимизација (член 10); дискриминација во обезбедувањето на добра и услуги (член 11); потешки облици на дискриминација-повеќекратна дискриминација, повторена дискриминација, продолжена дискриминација или дискриминација со особено тешки последици.

Членовите 16-24 од Законот се однесуваат на статусот, составот, именувањето и разрешувањето и надлежностите на Комисијата за заштита од дискриминација, при што во член 24 точка 1 од Законот се определува дека Комисијата постапува по претставки, дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискриминација, а со членовите 25-33 од Законот, во чии рамки е и одредбата што се оспорува со оваа иницијатива, се уредува постапката пред наведената комисија.

Притоа, со член 25 од Законот се определува дека лицето кое смета дека претрпело дискриминација поднесува претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, истовремено поднесувајќи и докази и факти од кои може да се утврди актот или дејствието на дискриминација (ставовите 1 и 2); Комисијата по поднесените претставки одговара на македонски јазик и на неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот (став 4); претставката може да се поднесе најдоцна во рок од три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација (став 5), со тоа што Комисијата може да поведе постапка и по истекот на наведените рокови ако оцени дека се работи за случај од таква важност за кој би било неопходно и целисходно да се води постапка (став 6); Комисијата претставката ја доставува до лицето против кого е поднесена, во рок од 15 дена од денот на приемот (став 7).

Во член 26 став 1 од Законот се определува дека „Комисијата постапува по претставката доколку постапката пред судот за истата работа не е веќе поведена или правосилно завршена“, а според оспорениот став 2 од истиот член на Законот „Комисијата не постапува по претставката ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, ако во истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази и ако утврди дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката.“

Во член 27 од Законот се пропишува дека по приемот на претставката, Комисијата ја утврдува фактичката состојба со увид во документите и земање на изјави од подносителот на претставката, лицето против кое е поднесена претставката, како и од други лица , а според член 32 од Законот Комисијата може да изврши непосреден увид и во документацијата на државните органи, органите на едниците на локалната самоуправа, другите органи и организации кои вршат јавни овластувања и јавните установи и служби.

Според член 28 од Законот Комисијата дава мислење за наводната дискриминација во рок од 90 дена од денот на поднесувањето на претставката и за тоа го известува поднесувачот и лицето против кое е поднесена претставката, при што препорачува начин на отстранување на повредите на правото (ставовите 1 и 2), па лицето на кое е упатена препораката е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката и за тоа да ја извести Комисијата (став 3), а ако не се постапи по препораката, согласно член 29 од Законот Комисијата може да покрене иницијатива пред надлежен орган, тој орган да поведе постапка за утврдување на одговорноста на лицето кое извршило дискриминација.

Со членовите 34-41 од Законот се уредува заштитата од дискриминација во постапка пред суд.

Од изнесените законски одредби, покрај другото, произлегува дека Законот прецизно ги определил дејствијата кои претставуваат дискриминација (членовите 6-12), надлежноста на Комисијата за заштита од дискриминација (член 24 точка 1), како и ја уредил постапката пред Комисијата за заштита од дискриминација и обемот на нејзиното дејствување во остварувањето на заштитата од дискриминација (членовите 25-33). Притоа, во однос на постапката пред Комисијата, Законот определил дека постапката започнува со прием од Комисијата на претставката од засегнатото лице со факти и докази за наводите во неа (член 25 ставовите 1 и 2), Комисијата ја доставува претставката до лицето против кое е поднесена во рок од 15 дена од приемот (став 7), потоа Комисијата ја утврдува фактичката состојба со увид во документи, земање на изјави од засегнатото лице, лицето против кое е поднесена претставката и од други лица (член 27), како и со непосреден увид во документацијата на државните органи, општините и другите организации кои вршат јавни овластувања (член 32), после што Комисијата дава мислење, во рок од 90 дена од приемот на претставката, со определена препорака за начинот на отстранувањето на повредата на правото (член 28 ставовите 1 и 2), која препорака лицето против кое е поднесена претставката е должно да ја изврши и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од приемот на препораката и за тоа да ја извести Комисијата (член 28 став 3), а ако тоа не го стори, Комисијата може да се обрати на надлежен орган и да иницира постапка за утврдување на одговорност на лицето против кое е поднесена претставката (член 29). Законот определува и тоа дека Комисијата по поднесените претставки одговара на подносителот на претставката на македонски јазик и кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот (член 25 став 4).

Во оспорениот член 26 став 2 од Законот, пак, се определуваат три случаи во кои Комисијата не постапува по претставката: 1) ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува; 2) ако во истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази; и 3) ако утврди дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката.

Во однос на првиот случај на непостапување на Комисијата (ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува), гледано од аспектот од кој се проблематизира оваа законска одредба, Судот смета дека постојат прецизни законски одредби за тоа кои дејствија претставуваат дискриминација (членовите 6-12 од Законот), односно објективизирани правила за постапување на Комисијата по примените претставки, па ако претставката упатена до Комисијата не се однесува на ниедно од законски утврдените дејствија за повреда на правото на кое се повикува подносителот на претставката, Комисијата врз основа на нејзината надлежност утврдена во член 24 точка 1 од Законот и согласно на законското овластување од член 26 став 2 на Законот нема да постапува по претставката, а за тоа ќе даде одговор на подносителот на претставката согласно на член 25 став 4 од Законот. Според тоа, наводот во иницијативата дека овој дел од оспорената законска одредба е преопшта, широкоопфатна и истовремено непрецизна норма која го повредува правото на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и на нив да добие одговор, е неоснован имајќи ја предвид целината на Законот.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на наведениот дел од член 26 став 2 на Законот со уставните одредби на кои укажува подносителот на иницијативата.

Во однос на вториот случај на непостапување на Комисијата (ако во истата работа веќе постапувала, а не се понудени нови докази), исто така гледано од аспектот од кој се проблематизира оваа законска одредба, Судот смета дека и оваа ситуација се заснова на објективизирани правила на постапување на Комисијата со оглед дека може да се утврди дали дотогаш Комисијата постапувала против конкретен акт или дејствие и дали новата претставка укажува на нови факти и докази или не, при што и во овој случај Комисијата нема да постапува по претставката врз основа на нејзината надлежност утврдена во член 24 точка 1 од Законот и согласно на законското овластување од член 26 став 2 на Законот, а за тоа ќе даде одговор на подносителот на претставката согласно на член 25 став 4 од Законот. Според тоа, наводот во иницијативата дека и овој дел од оспорената законска одредба е преопшта, широкоопфатна и истовремено непрецизна норма која го повредува правото на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и на нив да добие одговор, е неоснован имајќи ја исто така предвид целината на Законот.

Поради тоа, Судот оцени дека и за овој дел од оспорената законска одредба не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните одредби на кои укажува подносителот на иницијативата.

Во однос на третиот случај на непостапување на Комисијата (ако утврди дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката), повторно гледано од аспектот од кој се проблематизира оваа законска одредба, имајќи предвид дека во член 25 став 5 од Законот е определено претставката да се поднесе во рок од три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација, како и дека во ставот 6 од истиот член на Законот е предвидена можност Комисијата да поведе постапка и по истекот на наведените рокови ако оцени дека се работи за случај од таква важност за кој би било неопходно и целисходно да се води постапка односно ако е можно да се постигне целта со постапувањето од Комисијата, Судот смета дека и оваа ситуација се заснова на објективизирани правила на постапување на Комисијата со оглед дека може да се утврди дали изминал наведениот законски рок и дали е можно да се постигне целта на постапувањето од Комисијата, при што и во овој случај Комисијата нема да постапува по претставката врз основа на нејзината надлежност утврдена во член 24 точка 1 од Законот и согласно на законското овластување од член 26 став 2 на Законот, а за тоа ќе даде одговор на подносителот на претставката согласно на член 25 став 4 од Законот. Според тоа, наводот во иницијативата дека и овој дел од оспорената законска одредба е преопшта, широкоопфатна и истовремено непрецизна норма која го повредува правото на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и на нив да добие одговор, е неоснован со оглед на содржината на целината на Законот.

Поради тоа, Судот оцени дека и за овој дел од оспорената законска одредба не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните одредби на кои укажува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.81/2014
19 ноември 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева