81/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 3 точка в) и член 29 став 1 точка и) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002, 85/2003 и 40/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата го наведува членот 60 од Кривичниот законик според кој целта на мерките на безбедност била да се отстранат состојбите или условите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши кривични дела и членот 66 став 1 и 2 од истиот законик, според кој судот можел на сторителот на кривично дело да му забрани вршење определена професија или самостојна дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата положба, вршењето на дејноста или должноста заради извршување на кривично дело и ако оправдано може да се очекува дека вршењето на таквата дејност ќе ја злоупотреби за вршење кривични дела. Судот го определувал траењето на мерката од став 1, кое не можело да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор односно во здравствена установа за чување и лекување не се засметувало во времетраењето на оваа мерка. Подносителот на иницијативата заклучува дека постоела само мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност, а не како што било тоа определено во оспорените одредби. Таквата мерка ја изрекувал судот во траење од една до десет години, а не законодавецот како во случајот и тоа трајно. Поради тоа, со оспорените одредби се повредувале членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 9 став 2, 13 став 1, 14 став 1, 23, 32 став 1 и 2, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 3 точка в) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, за член на управен одбор и надзорен одбор може да се именува лице кое, покрај условите предвидени во Законот за трговски друштва го исполнува и условот да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност во областите наведени во точката б) на овој став (областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги).

Според член 29 став 1 точка и) од Законот, во претквалификационата фаза, заинтересираните до Агенцијата доставуваат пријава на тендер потпишана од овластени потписници на сите лица кои би биле основачи, во форма пропишана од Агенцијата како и документација во врска со барањето дозвола за основање на друштво и одобрение за управување со пензиски фонд и тоа, меѓу другото, уверенија дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото не им е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Ре-публика Македонија, владе-ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Членот 23 од Уставот, определува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (член 1 став 1и 2) се уредува задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, основање и работење на пензиски фондови и друштва за управување со пензиски фондови, како дел од системот на пензиското и инвалидското осигурување. Пензиските фондови и друштва се основаат со цел да примаат придонеси од осигурениците обврзани врз основа на закон, да ги вложуваат во финансиски инструменти и да вршат распределба на акумулираните средства согласно со закон.

Согласно член 7 став 1 од овој закон, единствена должност на друштвата за управување со пензиски фондови е управување со пензиски фондови, нивно претставување пред трети лица и други дејности поврзани со управувањето со пензиски фондови.

Во членот 17 став 1 и 2 од овој закон е утврдено дека управниот одбор и надзорниот одбор на друштвото се составени од по три члена. Ставот 3 од овој член, утврдува дека за член на управен одбор и надзорен одбор може да се именува лице кое, покрај условите предвидени во Законот за трговски друштва треба да исполнува и други услови меѓу кои да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

Од дикцијата на овој член според Судот произлегува дека основ за овој услов е постоење на правосилна судска пресуда со која поради докажана вина на сторителот на казниво дело му е изречена и соодветна мерка на безбедност во определено траење. Тоа значи дека оспорениот член 17 став 3 точка в) не предвидува нова мерка на безбедност што настапува по сила на закон, како што смета подносителот на иницијативата, туку дека таква мерка веќе постои изречена со правосилна пресуда на надлежен суд.

Во врска со оспорениот член 29 став 1 точка и) од законот, Судот оцени дека потребното уверение дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото не им е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност во точно определени области е составен дел од документацијата што е потребна да се приложи кон барањето дозвола за основање на друштво и одобрение за управување со пензиски фонд што во претквалификационата фаза од постапката на тендерот ја доставува заинтересираниот субјект до Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. За одбележување е дека ова уверение нема законска обврска да го прибави лицето кое треба да се именува за член на управниот одбор или надзорниот одбор, туку уверението го прибавува заинтересираното правно лице кое учествува на објавениот тендер за добивање дозвола за основање на друштво за управување со пензиски фонд.

Оттука, барањето податоци од казнената евиденција за тоа дали на кандидатот за член на управниот одбор и на надзорниот одбор му е изречена мерка на безбедност е во непосредна врска со неговата способност како носител на определена функција да врши должности кои произлегуваат од надлежностите на овие органи, а не во функција на докажување дали лицето е осудувано или не е осудувано.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека неможе основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со наведените одредби од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.81/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова