81/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитост на Одлуката бр.07-35/1од 24 април 2002 год. на Советот на Општина Кисела Вода за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за МЗ 64 Цветан Димов ИИ-Скопје за Блок 3.

2. Кирил Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитост на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата и нејзиното појас-нување, направено по барање на Судот од 22.05.2002 година, во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план во 1999 година немало приговори на планот и барања за негова измена. Меѓутоа, на 12.06.2001 год., група на граѓани покренала иницијатива за измена и дополна на ДУП за делот од Цветан Димов.

Во меѓувреме, другата група на граѓани, врз основа на Планот за 1999 година и уредна градежна документација приста-пила кон уривање на своите домови, па во вака напредната фаза на градба, иницијаторот смета дека настапува непроценлива штета од градежните дејствија на лицата што градат според измените на Планот.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во годишната програма на Општината Кисела Вода од 23.03.2001 година, не била предвидена измена, барање за измена било поднесено на 12.06.2001 година, а предвидената измена била направена дури на 18.12.2001 година. При тоа, за изработка на Планот, неопходно било негово вградување во годишната програма за изработка на ДУП, која ја донесува општината, меѓутоа, таква програма воопшто немало, што не било во согласност со член 9 став 3 од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/02).

Исто така, во иницијативата се наведува дека, стручната ревизија не била нарачана од Општината, што не било во согласност со член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/01) и член 12 став 1 од споменатиот Правилник. Истите наводи се однесуваат и по однос на одговорот на ревизијата. Според иницијаторот стручната ревизија не им била доставена на увид на советниците во целост, туку само првата страна, што не било во согласност со членот 19 од Законот и членот 11 од Правилникот, а од друга страна по однос на стручната ревизија не бил распишан тендер, иако во документацијата стоело дека вакво дејствие било преземено.

Понатаму, се истакнува дека неопходно било Општината да склучи договор за изработка на Планот со Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови или со друго овластено правно лице, како што тоа го налагаат содржината на: член 16 од Законот и член 10 од Правилникот, но договор не бил склучен, а воедно не било јасно кој го нарачал и кој го изготвил Планот.

Согласно член 17 став 1 од Законот и член 11 од Правилникот, постапката за донесување на Планот треба да се води во две фази: Нацрт -План и Предлог, меѓутоа, според наводите од иницијативата, постапката е спроведена во една фаза.

Исто така, се нагласува дека изготвувачот на планот не ги запазил стандардите и нормативите по однос на коефициентот на искористување на градежното земјиште во смисла на член 14 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот. При тоа, проектантот, со цел да го добие предвидениот коефициент, го третирал просторот како една градежна парцела и не ги земал во предвид претходно издадените услови за градба на парцелите бр.322, 324 и 325, според ДУП од 1999 година.

Со посебен поднесок, иницијаторот побара од Судот да се донесе решение за привремена мерка, со кое ќе и се забрани на фирмата “ФИ-КОМ” понатамошна изградба на објектот на спорната локација, бидејќи споменатата фирма не располагала со уредна градежна документација.

Иако во: иницијативата, појаснувањето на иницијативата и посебното барање од Уставниот суд се бара да поведе постапка за оценување уставност и законитост на оспорената Одлука, од нивната содржина не произлегува дека оваа Одлука треба да биде ценета и од аспект на нејзината согласност со одредби на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената Одлука е предвидено усвојување на измена и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП за МЗ 64 Цветан Димов ИИ – Скопје за Блок 3, а се однесуваат на Блокот 3 според новите согледувања во поглед на функцијата и содржината на станбено – деловниот простор. Во членот 2 е опредлено дека урбанистичкиот опфат изнесува 0,35 ха и има граници: од Север – ул.”553″; од Исток – ул.”Емил Зола”; од Југ – ул. “Дренак” и од Запад – ул.”Виктор Иго”. Според членот 3, измената и дополнувањето содржат: текстуален дел, графички дел и одредби од реализацијата на ДУП кои се составен дел на Одлуката. Одделението за урбанизам на Општината, според содржината на членовите 5 и 6 е задолжено во рок од 60 дена од денот на донесувањето на Одлуката да обезбеди комплетна документацика и да ја следи реализацијата на Планот. Во членот 7, определено е Одлуката да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на Град Скопје”. Одлуката е донесена на 24 април 2002 год. под бр.07-35/1 и е потпишана од Потпретседателот на Советот на Општината, Хари Стојаноски.

4. Понатаму Судот утврди дека Општината Кисела Вода, во годишната програма за 2001 година, објавена во “Службениот гласник на Град Скопје” бр.5/01 од 23 март 2001 година, по однос на спорната локација не предвидела измени и дополнувања на ДУП.

Архитектонскиот факултет – Институт за просторна организација на човековата средина од Скопје при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” изготвил Стручна ревизија бр.220/2 од 11.06 2001 година, на Нацртот за измена и дополна на ДУП на МЗ 64 Цветан Димов ИИ-Скопје.

На 12.06.2001 година, група граѓани до Градоначалникот на Општината и главниот архитект на Општината, поднеле барање за измена и дополна на ДУП за спорната локација по однос на урбаниот Блок 3.

Ценејќи го барањето на граѓаните, Градоначалникот на Општината, до Главниот архитект на Град Скопје поднел барање бр.08-720/1 од 13.06.2001 година за покренување иницијатива за измена и дополна на ДУП, појаснувајќи дека измената се бара заради зголемување на габаритот и катноста на планираните објекти и решавање на проблемот со јавните паркинзи од постоечкиот ДУП, а во рамките на урбанистичката парцела.

Главниот архитект на Град Скопје, со писмо бр.984/1 од 27.06.2001 год. ја известил Општината дека покренува иницијатива да се пристапи кон измена и дополна на Планот.

Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во стручното мислење бр.13-6715 од 5.07.2001 година го известува Градоначалникот на Општината дека по вградување на сугестиите и забелешките од Стучната ревизија и ова мислење може да пристапи кон процедурата за усвојување на Планот.

Градоначалникот на Општината со писмо бр.08-806/1 од 12.07.2001 година на Главниот архитект на Град Скопје му доставува Нацрт – ДУП, ревизија и мислење од надлежното министерство и бара издавање на согласност по Нацртот.

По однос на изработениот Нацрт – план, Главниот архитект на Град Скопје до Општината доставил Стручно мислење бр.19994 од 24.07.2001 година, според кое мисење Општината може да отпочне постапка за донесување на Нацрт-планот.

Одделението за урбанизам, уредување на градежно земјиште, комунална инфраструктура и заштита на животната средина во Записникот бр.08-1017/2 од 10.09.2001 година, утврдува дека Нацрт-планот е изработен и подготвен за Јавна анкета. Истото одделение на истиот датум носи Заклучок бр. 08-1017/3, за утврдување на текстот на Нацртот кој се доставува до Градоначалникот на Општината заради донесување на Одлука за организирање на Јавна анкета. По овие дејствија, Градоначалникот на Општината донел Одлука бр.08-1027/1 од 10.09.2001 година, за организирање на Јавна анкета во дневниот печат во кој рок можат да се истакнуваат писмени забелешки.

Врз основа на спроведената анкета и доставените приговори, стручната комисија на 10.10.2001 година изготвила Извештај и по однос на приговорите подготвила одговори на приговорите и заклучила изготвувачот на Планот да ги вгради измените со прифатените приговори, па предлог-планот да биде доставен со предлог-одлуката на усвојување пред Советот на Општината. Приговорите по анкетните листови број: 4, 5 и 12/116 до 30/116 не биле прифатени.

Градоначалникот на Општината, преку Претседателот на комисијата, во известувањето по извештајот од 23.10.2001 година утврдил дека изготвувачот на Планот, Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Скопје, постапило по забелешките од Јавната анкета и ги вградило позитивните одговори по Предлог-планот.

Градоначалникот на Општината со допис бр.1266/1 од 23.10.2001 година од надлежното министерство, врз основа на целокупната документација побарал согласност за измена и дополна на ДУП.

Министерството за транспорт и врски ја издава бараната согласност под бр.13-11350/1 од 26.10.2001 година.

Советот на Општината, во месец октомври 2001 година изготвил Предлог за донесување на Одлуката за измена и дополна на ДУП за спорната локација со Предлог-одлука и Предлог-план. Од образложението произлегува дека се предвидува здружување на парцелите од подблоковите 3 и 4 заради рационализација во градбата и истите стануваат подблок 3, а на ниво на целокупниот важечки ДУП измените немаат никакво сигнификатно значење и параметрите за градба практично остануваат исти. Заклучено е дека во рамките на Блокот 3 се врши окрупнување на парцелите во една заедничка, индивидуалните објекти се заменуваат во колективни станбено-деловни објекти со деловен простор во приземјето, обезбедена е површина за подземно и површинско паркирање, а остануваат да важат сообраќајните и инфрастуктурни решенија според проектите од 1999 година.

Во “Службениот гласник на Град Скопје” бр.16/1 од 18.12.2001 год. објавени се новопредвидените измени и дополну-вања на ДУП за 2001 година за спорната локација и тоа во точката 5.1.2.

Од стенограмскиот запис за одржаната расправа по предлогот за донесување Одлука за измена и дополна на ДУП, произлегува дека по обемната дискусија, Советот на Општината се произнел со мнозинство гласови (17) за измена и дополна на Планот.

Оспорената Одлука е донесена под број 07-35/1 од 24 април 2002 година.

Според приложената документација од иницијаторот, советничката група на ЛДП во Советот на Општината, со писмо од 25.04.2002 година на Градоначалникот на Општината му укажува на неправилностите на постапката и непочитувањето на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите што произлегуваат од него и бараат да постапи согласно член 64 од Статутот на Општината. Адвокат Петров Кирил од Скопје, како застапник на група граѓани на 26.04.2002 година во писмена форма се обраќа до Советот на Општината и нејзиниот претседавач, Славко Митовски, со барање да им се укаже на советниците за незаконитоста во постапката за измена и дополна на ДУП.

Инаку, во постапката пред Уставниот суд именуваниот адвокат не достави уредно полномошно за поднесување на иницијативата во име на група граѓани, иако Судот побара да го отстрани недостатокот и да достави уредно полномошно, па Судот оцени дека иницијативата треба да има третман на иницијатива понесена од граѓанин, а не од овластен полномошник – адвокат.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) влезе во сила на 3 февруари 1996 година, после што се направени повеќе измени и дополнувања и тоа со донесување на:

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.28/97), што влезе во сила на 28 јуни 1997 година;

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.18/99), што влезе во сила на 8 април 1999 година;

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/01), што влезе во сила на 20 јули 2001 година;

Согласно член 26 од Законот за изменување и дополну-вање на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/01), започнатите постапки за донесување на урбанистичките планови ќе продолжат според одредбите на овој закон.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје; намена на земјиштето на урбаните модули со градежно парцели; површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина; сообраќајна мрежа со нивелманско решение; решенија на секундарни водови и објекти на инфрастуктурата. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули согласно со соодветните стандарди и нормативи. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, определено е дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документа-циона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Според член 14 став 1 од Законот, за изработка на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон и општи акти според член 25 на овој закон, општината донесува годишна програма.

Во член 15 од Законот, предвидено е дека за изработка на плановите од член 7 на овој закон, Владата на Република Македонија основа Јавно претпријатие кое покрај другите надлежности изработува и урбанистички планови.

Во смисла на содржината на член 16 од Законот, изработувањето на сите видови урбанистички планови се врши од правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот, кое правно лице, според видот на урбанистичкиот план треба да има одреден број на вработени лица со лиценца за изработка на планови.

Од содржината на член 17 од Законот, која се однесува на деталните урбанистички планови произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план.

По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на јавата анкета се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата на членот 14 од овој закон ја врши правно лице кое има добиено овластување од член 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Според член 22 став 3 од Законот, општината донесува урбанистички планови од членот 7 точка 2 од овој Закон, а урбанистичките планови од ставот 3 на овој член се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот (став 6).

5. Тргнувајќи од содржината на членот 7 од Законот, произлегува дека оваа одредба не го регулира временскиот период во кој се донесуваат и на кој се однесуваат поединечните видови на планови, во кои спаѓаат и деталните урбанистички планови. Од друга страна објавувањето на планот во годишната програма на општината во соодветното службено гласило не претставува пречка во тековната година да се вршат измени на планот, ако таква потреба се појави, а по спроведена законска постапка што произлегува од содржината на член 14 од Законот.

Од содржината на членовите 11 и 19 од Законот не произлегува дека стручната ревизија треба да се достави на увид на советниците на општината, како и тоа дека одговорот на ревизијата е задолжителна фаза во постапката за измена на ДУП. Исто така, оваа одреба на која се повикува иницијаторот не регулира кој е овластен да бара стручна ревизија, односно дали тоа е општината, група на граѓани или слично.

Од приложената документација произлегува дека стручната ревизија што е извршена пред донесувањето на планот, како и изготвувањето на планот се направени од овластени лица согласно одредбите од Законот.

Од содржината на членот 16 од Законот, во кој се наведени децидно дејностите на Јавното претпријатие не е предвидена и надлежност за вршење на стручна ревизија. Во оваа одредба исто така не е содржана обврска на општината да склучи договор за изработка на планот ниту пак да распише тендер, како што наведува иницијаторот.

Имајќи ја во предвид содржината на документацијата, произлегува дека постапката за донесување на планот е спроведена согласно член 17 од Законот, односно како нацрт и предлог на план, поради што не може да се прифати наводот од иницијативата за спроведување на постапката во една фаза.

Со оглед на изнесеното произлегува дека оспорената Одлука е донесена во постапка предвидена со закон, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените одредби од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Од содржината на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, а по однос на наводите од иницијативата дека оспорената Одлука не е во согласност со наведените одредби од означените правилници, Уставниот суд утврди дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на одредбите.

Имено, според содржината на споменатата одредба од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но не одлучува за меѓусебната согласност на прописите.

Со оглед дека, по својот правен карактер, оспорената Одлука, Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот се прописи, Судот не се впушти во оценка на наводите за несогласност на оспорената Одлука со одредбите од двата наведени правилници.

6. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Тргнувајќи од околноста дека нема место за поведување постапка за оценување законитост на оспорената Одлука, произлегува дека не се исполнети условите за издавање на привремена мерка од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, поради што Судот одлучи да не издаде решение за привремена мерка.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.81/2002
10 јули 2002 год.
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов