У.бр.80/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Виолета Шаклева од Штип за оценување на законитоста на поединечни акти на судови и управни органи.

2. Виолета Шаклева од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на законитоста на поединечни акти донесени од надлежни судови и управни органи, бидејќи според наводите во барањето таа не можела да ги оствари своите правни интереси поради неправилното работење и одлучување на тие органи. Од овие причини се бара Уставниот суд на Република Македонија да постапува согласно членот 110 став 1 алинеја 8 од Уставот и да ги заштити правото на сопственост и правото на наследување кои се гарантирале во членот 30 од Уставот, со тоа што Судот би ги поништил и укинал конкретно наведените пресуди и решенија донесени од судови и управни органи.

3. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа, Уставниот суд не одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи, ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од означената уставна одредба и од содржината на поднесеното барање Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2005
15 јуни 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова