80/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополна на Деталниот урбанистички план за МЗ “ИИИ-та МУБ” – Куманово – Ул. “15-ти Мај”, бр.07-1139/1, донесена од Советот на општина Куманово на 12 мај 2000 година (“Службен гласник на општина Куманово” бр.4/2000).

2. Благе Стојановски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука, соседниот објект што се водел на куќниот број 13 се предвидувал како лепенка со објектот на подносителот на иницијативата и со тоа му се затворал прозорецот од неговата источна страна кој постоел повеќе од десет години. При овие измени и дополнувања на планот не се почитувала правосилната судска одлука со која било одбиено тужбеното барање на соседот на подносителот на иницијативата за затворање на прозорецот кон неговата куќа.

Подносителот на иницијативата наведува и тоа дека не бил известен за донесување на оспорената одлука и дека измената на урбанистичкиот план била издејствувана по барање на неговиот сосед, кој бил советник во Советот на општина Куманово.

Со вака донесената одлука според подносителот на иницијативата бил повреден принципот на правната заштита на сопственоста, утврден како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, како и членот 11 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со оглед дека на тоа што во конкретниот случај не биле исполнети архитектонско-урбанистичките услови.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1, со оспорената одлука се донесуваат измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Месната заедница “ИИИ МУБ – Куманово” – Ул. “15-ти Мај”.

Според членот 2 од оваа одлука, составен дел на измената и дополната на планот се: текстуален дел, одредби за спроведување на Деталниот урбанистички план и Графички дел во М = 1 : 1000, со сите фази одредени со Законот.

Во членот 3 став 1 од Одлуката е утврдено дека документацијата од членот 2 на оваа одлука ја потпишува градоначалникот на општината Куманово, со назначување на бројот и датата на седницата на која е донесена и се заверува со печатот на градоначалникот. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека еден примерок од документацијата останува во архивата на Канцеларијата на главниот архитект на град Куманово, а останатите примероци се предаваат на реализација на подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво – Куманово.

Во членот 4 од Одлуката е утврдено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Куманово”.

4. Судот на седницата, исто така, врз основа на прибавената документација во врска со постапката во која е донесена оспорената одлука ја утврди следната фактичка состојба:

а) Согласно Програмата за изработка на урбанистички планови за 2000 година, главниот архитект на општина Куманово покренал иницијатива за изработка на нацрт урбанистички планови за повеќе месни заедници во Куманово, меѓу кои и за Месната заедница “ИИИ МУБ” Ул. “15-ти Мај”.

б) Нацртот на планот е изработен од страна на ДОО “Простор” – Куманово, а стручната ревизија е извршена од Архитектонскиот факултет – Скопје, под бр.05-152/1 од 30 март 2000 година.

в) Заклучокот за организирање на јавната анкета бил донесен на седницата на Советот на општина Куманово одржана на 30 март 2000 година.

г) Јавната анкета се организирала во периодот од 1 април до 16 април 2000 година, а за таа цел Нацрт-измените и дополнувањата на планот бил истакнат во општинските витрини на градскиот плоштад во Куманово, што било наведено и во соопштението објавено на сите локални телевизии и локалниот печат.

д) Според Извештајот од спроведената јавна анкета во текот на јавната анкета до Канцеларијата на главниот архитект на град Куманово не пристигнале никакви забелешки и предлози.

ѓ) По Нацртот на измените и дополнувањата на планот главниот архитект на град Куманово дал стручно мислење под бр.23-491/3 од 17 март 2000 година.

е) Предлогот на планот бил изготвен од ДОО “Простор” Куманово со тех. бр.12/00/6.

ж) Согласно член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање Министерството за урбанизам и градежништво под бр.10-4427 од 14 јуни 2000 година дало согласност за спроведување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Месната заедница “ИИИ МУБ” Ул. “15-ти Мај” – Куманово, извршени со оспорената одлука.

5. Според член 8 став 1 алинеите 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999), кој што важел во времето на донесување на оспорената одлука, а на кој член се повикува подносителот на иницијативата, деталниот урбанистички план содржи особено: план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површини за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба. Според овој член од Законот, исто така, деталниот урбанистички план мора да содржи и одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Според член 21-а од наведениот закон, при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови овој закон пропишува неколку правила и тоа:

Во членот 17 од Законот е утврдено дека деталните урбанистички планови, како и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.

По нацртот на деталниот урбанистички план се организира јавна анкета, која согласно член 18 од Законот се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.

За времето и местото на кое ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

За јавната анкета се изготвува извештај, со образложение за неприфатените забелешки кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.

Во членот 20 од Законот е утврдено дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се врши по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 22 став 6 и 7 од Законот, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот, а плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Од содржината на наведените и другите одредби од Законот јасно произлегува дека во функција на операционализација на уставно утврдената темелна вредност за уредувањето на просторот, вклучувајќи го и неговото урбанистичко планирање, планирањето на просторот се обезбедува преку изработување и донесување на урбанистички планови на начин и постапка утврдена со закон.

Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека предметните измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за МЗ “ИИИ МУБ” – Куманово, Ул. “15-ти Мај”, се изработени во две фази, прво како нацрт, а потоа и како предлог на план, дека по нацртот на планот била организирана јавна анкета, која траела 15 дена од излагањето на планот на јавно место, за што било објавено и соопштение во јавните гласила и дека Министерството за транспорт и врски дало согласност за спроведување на овие измени и дополнувања на планот, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена во постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што оцени дека неможе да се постави прашањето за нејзината согласност ниту со овој закон, ни со Уставот на Република Македонија.

Во однос на наводите во иницијативата дека подносителот не бил посебно известен за донесување на оспорената одлука, според Судот тие не претставуваат основ за изразување сомневање во нејзината уставност и законитост, затоа што од Законот за просторно и урбанистичко планирање не произлегува обврска доносителот на планот за тоа поединечно да ги известува граѓаните од конкретното подрачје опфатено со планот. Она што е задолжително според овој закон е спроведување на јавна анкета по нацртот на планот (која во конкретниот случај била спроведена), а со цел заинтересираните граѓани од тоа подрачје да можат преку давање на свои забелешки и предлози да учествуваат во донесувањето на планот, а истовремено и да ги заштитат своите права и правни интереси.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не учествувал во јавната анкета, според Судот, тој своите права и правни интереси на кои укажува во иницијативата може да ги остварува и заштитува во друга постапка и пред други органи, а не во постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука пред овој суд. Ова од причини што планирањето, рационалното уредување и користење на просторот, како и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните, како цели на просторното и урбанистичко планирање, се врши врз основа на стандардите и нормативите за уредување на просторот утврдени со соодветен правилник донесен од министерот надлежен за урбанизам, а Уставниот суд не е надлежен да оценува дали во конкретниот случај, како и во сите други, овие стандарди и нормативи биле доследно почитувани или не. За тоа се надлежни изработувачите на плановите, стручно-научните институции овластени за вршење на стручна ревизија и органот на државната управа надлежен за работите на урбанизам, кој во постапката за давање на согласност, меѓу другото, оценува дали плановите се изработени согласно утврдените стандарди и нормативи за планирање на просторот, односно дали во нив се содржани и услови за спречување на архитектонски бариери, како еден од елементите утврден во членот 11 став 2 од Законот, кој посебно се акцентира во иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2003
9 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова