80/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11, 14 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на дел од Деталниот урбанистички план за ИИ урбана единица Охрид бр.08-42/6, донесена од Советот на општина Охрид на 9.07.1997 година.

2. Љубе Мариноски, Љубомир Василески и Јован Милошески, сите од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, во делот кој се однесува на катастарските парцели означени како КП.бр.16939, 16941, 16938/1, 16940/2 и 16947/5, затоа што усвоениот Детален урбанистички план на делот на просторот во кој се оспорува не бил идентичен со нацртот на планот, кој бил изложен на јавна анкета односно увид.

Имено, според нацртот на планот на Кп.бр.16941 биле предвидени четири објекти лепенки од кои двата на југоисточниот дел биле со П+2, а другите два во предолжението на југозапат со П+1. Во истиот правец на овие четири лепенки била предвидена пешачка патека од улицата према објектот на Кп.бр.16939 и празен простор после кој биле предвидени уште 3 објекти исто така лепенки. Иако во текот на јавната анкета на овој дел од нацртот на планот немало забелешки и приговори, при усвојувањето на планот со одлуката која се оспорува, во тој дел од планот биле извршени измени со тоа што четирите лепенки на КП.бр.16941, биле споени со трите лепенки на КП.бр.16940/2, 16947/5, така што според усвоениот план сите тие претставувале еден низ од седум објекти, објектот кој што бил предвиден на КП.бр.16941 бил поместен поблиску до постојниот објект на КП.бр.16939, а пешачката патека избиршана.

Бидејќи наведените измени во усвоениот детален урбанистички план не произлегувале од усвоени барања и забелешки, кои всушност во текот на јавната расправа за оспорениот дел од планот и не биле поднесени, подносителите на иницијативата сметаат дека овој план не е донесен во согласност со постапката пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи истиот бил усвоен без да биде ставен на јавен увид односно јавна анкета, поради што и му предлагаат на Уставниот суд истиот да го поништи.

3. Судот на седницата, врз основа на одговорот и документацијата доставени од доносителот на оспорената одлука, односно планот, ја утврди следната фактичка состојба:

Собранието на Општина Охрид на 13.04.1995 година донело Одлука бр.08-582 за утврдување на нацрт измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Втора урбана единица во МЗ “Долна Влашка Маала” и МЗ 10 Центар (дел без кејот).

Со решение бр.08-492 од 17.04.1995 година донесено од претседателот на Собранието на општината, нацртот на измените и дополнувањата на овој ДУП бил ставен на јавен увид, кој траел 15 дена, а по нацрт измените и дополнувањата бил извршен и претрес на Собирот на граѓаните што се одржал на 3.05.1995 година (видно од приложениот записник).

Забелешките и предлозите на граѓаните произлезени од јавниот увид и од собирот биле доставени до изработувачот ГИППОС “Трудбеник” Охрид, а со допис од 10.03.1997 година предлог на планот бил доставен до надлежното министерство за издавање на согласност. Меѓутоа, надлежното министерство со оглед на големиот број забелешки, кои требало да се вградат во планот не издало согласност на предлог на планот, но со допис бр.16-3797 од 3.04.1997 година доставило свое мислење во кое предлага предлог планот да се преработи во смисла на доставните забелешки, а потоа за корегираниот план повторно да се спроведе јавна анкета по месните заедници, а конечната верзија со комплетната документација да се достави до тоа министерство за добивање согласност.

Од приложеното мислење видно е дека надлежното министерство укажува на потребата од преработка на текстуалниот дел на планот, согласно графичкиот приказ, Основниот урбанистички план на градот Охрид и со текстот на Одлуката, како и од дополнување на овој дел од планот со подетална анализа на постојната состојба. Понатаму, се укажува на потребата од корекции во однос на конкретните решенија од графичкиот приказ, па во тие рамки меѓу другото предложено е предвидената пешачка патека на КП.бр.16940/2, која одела од Ул. “Партизанска” до Ул. “Славеј Планина” да се брише, а во однос на пешачката патека предвидена на КП.бр.16941/1 која одела испрекршено од Ул. “Партизанска” према Ул. “Славеј Планина” предложено е да биде ортогонално поставена на овие две улици со тоа што новопредвидените локации на оваа пешачка комуникација да се поместат на лево и да бидат со поголема катност П+2. Во случајот забелешките се однесуваат за две други пешачки патеки, а не за спорната пешачка патека.

Согласно мислењето и препораката на Министерството за урбанизам, градежништво и животна средина, градоначалникот на општина Охрид донел решение бр.08-678 од 22.05.1997 година за повторно спроведување сега на јавна анкета по нацртот на измените и дополнувањата на ДУП за втората урбана единица, која траела 15 дена и тоа почнувајќи од 22.05.1997 година заклучно со 5.06.1997 година. Во текот на јавната анкета до изработувачот пристигнале 74 приговори од граѓани и организации, а на 9.06.1997 година бил одржан и собир на граѓаните, кој бил одржан по барање на Советот на МЗ “Долна Влашка Маала”, на кој бил разгледан нацртот на планот што се однесувал за оваа месна заедница, а исто така биле ставени и одредени забелешки.

По спроведувањето на јавната анкета бил изготвен извештај под бр.19-786 во кој е дадено образложение за неприфатените забелешки (приговори), а изработувачот на планот, почитувајќи го мислењето на надлежното министерство и пристигнатите приговори, изработил предлог на планот, кој што со оспорената одлука бил усвоен од страна на Советот на општината Охрид. Министерството за урбанизам…. со акт под бр.18-4872/2 од 25.07.1997 година дало согласност на оспорената одлука, со одредени забелешки кои требало да се вградат во Предлог-планот и тоа:

1. На станбениот објект на Кејот “Маршал Тито” на КП.бр.1703/2 да се предвиди катност од П+2, како би се усогласил со катноста на соседните објекти;

2. Да се изврши корекција на делот од кејот “Маршал Тито” непосредно до хотелот “Лебед”, при што предвидените индивидуални станбени објекти во низ да ги задржат постојните дворни места;

3. На Кп.бр.17093 предвидената доградба до објектот на КП.бр.17092/2 да се елиминира и обезбеди слободен пристап до локацијата на КП.бр.17092/4. Дадените забелешки во согласноста на надлежното министерство биле вградени во графичките прилози на усвоениот план од страна на изготвувачот, кое нешто било констатирано на записник од стручна комисија на ПОЕ при МУГЖС од 28.08.1997 година.

Од приложената документација, Судот исто така, утврди дека предвидената состојба на спорните катастарски парцели и во нацртот на планот, по кој се водела јавната расправа, односно јавната анекта и во усвоениот план, е идентична на она на која се укажува во иницијативата, и дека во врска со решението предвидено во нацртот на планот не биле доставени барања и забелешки ниту од подносителите на иницијативата, ниту од страна на другите граѓани и субјекти кои учествувале во јавната анкета, ниту пак во мислењето на Министерството за урбанизам во смисла на промената извршена со предлог планот, односно со усвоениот план.

4. Со оглед дека постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план е започната во време на важењето на Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93), а завршила по престанување на важењето на овој закон, чие што важење престана со денот на влегувањето во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99), Судот при оценувањето на законитоста на оспорената одлука ги имаше предвид следните одредби од наведените два закони.

Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, урбанистичкиот план се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план. Нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавен увид и јавна расправа (а според измените на овој член од Законот од 1990 година само на јавна расправа). Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот, а се спроведува со излагањето на планот најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на планот, кој што согласно член 33 од Законот органот на управата надлежен за урбанизам му го доставува на собранието на општината, заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Според член 32 од истиот закон, урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон. Според член 37 од овој закон, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишана со овој закон за нивното донесување.

Во членот 21 од истиот закон беше утврдено овластување на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот да ја пропишува содржината и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови, во која смисла од овој орган беше донесен и Правилник.

Постапката за донесување на деталните урбанистички планови според Законот за просторното и урбанистичко планирање започнува со изработување на нацрт на планот, по кој согласно член 17 се спроведува јавна анкета, која ја организира општината. Според член 18 од овој закон, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови до организаторот на анкетата. За јавната анкета по деталните урбанистички планови Министерството надлежно за работите на урбанизмот изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување. (Со измените на овој член од Законот од 1999 година, извештајот со образложение за неприфатените забелешки, го изработува општината).

Според член 19 од истиот закон, на нацртот на деталниот урбанистички план, пред организирањето на јавната анкета се врши стручна ревизија од страна на стручно-научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Според членот 22 став 6, деталниот урбанистички план може да се спроведува по издавање на согласност на министерството надлежно за работите на урбанизмот, со која согласност се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и другите прописи. Планот за кој не е издадена согласност, според ставот 7 на членот 22, се смета дека не е донесен.

Во првичниот текст на членот 56 од овој закон, кој спаѓа во групата на преодни и завршни одредби, беше утврдено дека урбанистичките планови за кои постапката за нивното донесување е започната пред влегувањето во сила на овој закон, ќе се донесат според одредбите на Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, чие важење престана со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Меѓутоа, со измените и дополнувањата на Законот од јуни месец 1997 година, овој член е изменет во смисла што урбанистичките планови за кои постапката за нивно донесување е започната пред влегувањето во сила на овој закон, да продолжи според одредбите на овој закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека постапката за донесување на деталните урбанистички планови и во поранешниот и во сегашниот закон во суштина е уредена скоро на идентичен начин. Идентичноста се огледа во тоа што и според двата закони деталните урбанистички планови се изработуваат во две фази и што во фазата на нацртот на планот и во едниот и во другиот закон е предвидено да учествуваат, односно да бидат вклучени граѓаните и другите субјекти. И на крај и според двата закони Министерството надлежно за работите на урбанизмот дава согласност, со таа разлика што според поранешниот закон оваа согласност се издаваше пред донесување на планот (претходна согласност), а според сегашниот, се издава по донесување на планот.

Имајќи ги предвид наведеното, како и утврдената фактичка состојба на работите по овој предмет, произлегува дека иако во конкретниот случај нацртот на планот прво бил ставен на јавен увид и јавна расправа, согласно одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, а покасно по него била организирана и јавна анкета, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, сепак урбанистичкото решение на оспорениот дел од усвоениот, односно донесениот детален урбанистички план, и во двата наврата не било предвидено во нацртот на планот, ниту пак, тоа решение е произлезено од усвојување на некоја забелешка, односно барање на граѓаните кои учествувале во јавната расправа, односно јавната анкета, со што на граѓаните не им била дадена можност да ставаат забелешка на таквото урбанистичко решение, односно да го остварат правото на учество во уредувањето на просторот или поконкретно во донесувањето на деталниот урбанистички план на начин и постапка утврдена со закон.

Од наведените причини, а поради кои и иницијаторите ја оспоруваат законитоста на одлуката во наведениот дел, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одлуката во поглед на постапката за нејзиното донесување утврдена со означените законски одредби.

При тоа Судот го имаше предвид и фактот што сите овие седум објекти кои во усвоениот план се споени во еден низ веќе биле предвидени со нацртот на планот, меѓутоа овој факт не го исклучува сомневањето на Судот за согласноста на законитоста на постапката во која е донесен овој дел од планот, бидејќи според мислењето на Судот со нивната реорганизација односно со нивната нова поставеност во усвоениот план се врши поинакво, ново урбанистичко планирање на тој дел од просторот и тоа вон постапка пропишана со закон со оглед дека за ваквата измена не била одржана јавна расправа, ниту пак истата произлегла од забелешките на граѓаните.

Ова дотолку повеќе што бришењето на пешачката патека што била предвидена на Кп.бр.16941 во нацртот на планот, а на нејзина сметка е извршено поместување на четирите лепенки предвидени на истата катастарска парцела кон трите лепенки, така што сите тие се споени во еден низ од седум лепенки, не е произлезено ниту од забелешките дадени во мислењето на Министерството за урбанизам, ниту, пак, од седницата на Советот на општината на која е усвоен планот.

6. Со оглед дека во конкретниот случај надлежното министерство издало согласност на оспорената одлука со одредени забелешки, кои се и вградени во планот, а од кој аспект одлуката не се оспоруваше во иницијативата, Судот по сопствена иницијатива се впушти во оценување на нејзината законитост во делот на издадената согласност и при тоа оцени дека прашањето за согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, освен од напред наведените причини и во оспорениот дел, може да се постави и за одлуката во целина.

При тоа, Судот при оценување на законитоста на оспорената одлука од аспект на издадената согласност уште еднаш го изрази сфаќањето дека правото на Министерството надлежно за работите на урбанизам, согласно член 22 од Законот да издава согласност после која урбанистичките планови можат да се спроведуваат, односно да произведуваат правно дејство, не подразбира ова министерство да издава и делумна согласност односно согласност само на дел од планот. Со оглед на тоа, за Судот уште понеприфатливо е издадената согласност ова Министерство да ја условува со вградување на урбанистички решенија во планот кои што не биле предвидени ниту во нацртот, ниту во предлогот на планот, ниту во планот што е усвоен. Ова затоа што со ваквиот начин, форма и содржина на издавање на согласност, Министерството фактички на индиректен начин врши измени и дополнувања на планот донесен од советот на општината, каков што е случај и во конкретниот план, што според мислењето на Судот е во спротивност со идејата и смислата на членовите 22
и 23 од Законот, според кои согласноста се издава само во функција на потврдување дека урбанистичките планови за кои е издадена согласност се донесени согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и другите прописи, а не и поради давање на забелешки и предлози кои треба дополнително да се вградуваат во планот.

Оттука, согласноста од членот 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според мислењето на Судот, треба да се издава без било какви резерви и условувања бидејќи Законот пропишал строга постапка за донесување на урбанистичките планови во чии рамки не е предвиден ни еден начин на кој би можеле да бидат вградени забелешките на надлежното министерство дадени со согласноста на планот, особено ако се има предвид дека според сегашниот Закон за просторно и урбанистичко планирање согласноста се издава по донесувањето на планот, за разлика од претходниот закон според кој оваа согласност се издаваше пред донесувањето на планот, односно во фазата на предлог на планот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.80/2000
15 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов