79/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

а) член 61 став 1 точка 13, член 73 став 2 и член 81 став 1 и 2 во делот претседавач и заменик претседавач, од Статутот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.3/98);

б) член 1 став 2 алинеи 1, 2 и 3 и член 7, 8 и 9 од Одлуката за платите и другите надоместоци на Градоначалникот на Град Скопје и другите избрани и именувани лица од органите на Градот Скопје, донесена од Административната комисија на Советот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97) и

в) член 2 став 1 од Одлуката за утврдување на надоместоците на трошоците на членовите на Советот на Град Скопје, донесени од Административната комисија на Советот на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97, 12/98 и 10/99).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на:

а) член 61 став 1 точка 16, насловот на Глава ИВ, член 76 став 1, член 78, член 80 став 1, 2 и 3 и член 82 став 1 во деловите “заменик претседавач” и на член 91 од Статутот на Град Скопје и

б) член 2 од Одлуката за формирање Административна комисија на Советот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.13/97).

3. Јонче Цветковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова Решение поради повеќе причини, поврзани со содржината на секоја одделно оспорена одредба.
4. На седницата Судот утврди дека во член 61 став 1 точка 13 од Статутот е предвидено дека Советот на Град Скопје, помеѓу другото, одредува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на градот.

Одредбата се оспорува затоа што за неа не постои уставен основ, па ниту законски основ по укинувањето на член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.16/98.

Судот со свои одлуки У.бр.16/98 од 20 јануари 1999 година и У.бр.184/98 од 10 февруари 1999 година ги укина член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа и член 6 точка 29 од Законот за Градот Скопје со кои беше предвидено дека единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје самостојно определуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на општината односно градот Скопје.

Со оглед на тоа што во означените закони не постои правен основ за Градот Скопје да одредува престапи и казни, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 61 став 1 точка 13 од Статутот на Град Скопје со означените закони.

5. Понатаму на седницата Судот утврди дека во член 73 став 2 од Статутот е предвидено дека на членовите на Советот може да им се определи паушален надоместок за вршење на функцијата член на Советот.

Во член 81 став 1 од Статутот е предвидено дека претседавачот, заменикот на претседавачот и секретарот својата работа ја вршат професионално, за што примаат плата чиј износ го определува надлежно работно тело на Советот, а според став 2 на овој член претседавачот и заменикот на претседавачот, покрај секретарот, имаат право на надоместок на плата по престанувањето на функцијата, во траење најдолго до 1 година.

Овие одредби се оспоруваат затоа што, прво, членовите на Советот според член 37 од Законот за локална самоуправа имаат право само на надоместок на патните и дневните трошоци, како и на трошоците направени во извршување на задачите што им ги доверил Советот, така што паушалот нема основ и второ, што претседавачот и членовите на советот според законот функцијата не ја вршат професионално, па затоа нема ни основ за својата функција да примаат плата ниту надоместок со престанувањето на функцијата.

Во член 37 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека членовите на Советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци во со закон утврдени рамки, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.

Согласно член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91, 38/91 и 23/97) како платена изборна функција во локалната самоуправа е определена само функцијата на градоначалникот, а не и на претседавачот или членовите на советот на единицата на локалната самоуправа.

Врз основа на изнесените законски одредби, според оценката на Судот, не постои законска можност претседавачот, па и заменик-претседавачот на Советот својата функција да ја вршат професионално, ниту за тоа да добиваат плата или надоместок на плата по престанувањето на функцијата. Претседавачот и заменик-претседавачот се избираат од редот на членовите на советот и имаат право само на оние надоместоци што се утврдени во член 37 од Законот за локалната самоуправа. Исто така, паушалниот надоместок, кој не е врзан за конкретни активности во смисла на член 37 од Законот, се појавува како примање според статус, а не според посебен ангажман и трошоци.

Со оглед на тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Статутот со законот.

6. На седницата Судот утврди дека со одлуката за утврдување на надоместоците на трошоците на членовите на Советот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97, 12/98 и 10/99) се утврдува висината на овие трошоци по различни основи (учество на седници на советот и на работните тела), како и месечен надоместок од 12.000 денари, без врзување за одредена активност (член 2 став 1).

Одлуката се оспорува затоа што не е донесена од Советот, туку од Административната комисија на Советот, а со член 2 став 1 непосредно се поврзани наводите изнесени за

оспорување на член 73 став 2 од Статутот со кој се утврдува паушалниот надоместок на членовите на Советот.

Во согласност со причините изнесени во точката 7 од ова решение, Судот не го прифати наводот во иницијативата во поглед на надлежноста за донесување на оваа одлука. Меѓутоа, во согласност со причините изнесени во точката 5 од ова решение, Судот смета дека определувањето на паушалниот надоместок од член 2 став 1 од Одлуката го поставува прашањето за неговата согласност со член 37 од Законот за локалната самоуправа, поради што одлучи како во точката 1 под в) од ова решение.

7. На седницата Судот утврди дека во член 1 став 2 од Одлуката Одлуката за платите и другите надоместоци, донесени од Административната комисија се пропишува дека право на плата во месечен износ имаат градоначалникот, претседавачот и заменик претседавачот на Советот (алинеја 1, 2 и 3), секретарот на Советот, главниот архитект на град Скопје и раководните лица на управните и административните органи.

Во член 3 – 13 се определува начинот на утврдување на платите на овие функционери при што се определени коефициенти за сите нив во висина од 2.40 до 4.50 со кои се множи основицата утврдена на ниво на просечна плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија за претходниот месец (член 3 – 5).

Во член 7, 8 и 9 се утврдени коефициентот за определување на платата на градоначаникот, претседавачот и заменик претседавачот на Советот, а во член 10 и 11 коефициентите на секретарот на Советот и Главниот архитект.

Во член 12 е определен максималниот коефициент (3,50) за управните и административните раководни работници, а според член 13 Административната комисија односно Градоначалникот или тело што тој ќе го овласти, ги определуваат коефицинетите со поединечно решение.

Во член 14 и 15 се определени материјални трошоци и други примања на функцонерите (дневници, пат, и тн.).

Одлуката се оспорува како општ акт со кој се уредуваат основни прашања од Законот за локалната самоуправа за што Советот не може да ја овластува комисијата, туку тие прашања требало да ги уреди сам. Освен тоа, се наведува и дека

претседавачот и заменик претседавачот немаат право на плата, а платата на градоначалникот се утврдува со закон. Конечно, се смета дека платите на другите вработени во локалната самоуправа се уредуваат со општите прописи, а не со ваква одлука.

По разгледувањето на оваа одлука Судот уште еднаш го изразува сфаќањето дека, согласно член 37 од Законот за локалната самоуправа и член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и на другите избрани и именувани лица во Републиката, претседавачот и заменик претседавачот својата функција не може да ја вршат професионално и дека за тоа не може да им се определуваат коефициенти за утврдување на плата, додека платата на градоначалникот е утврдена со закон и општината односно Градот Скопје не може на било кој начин да го уредува тоа прашање. Од тие причини Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на член 1 став 2 алинеја 1, 2 и 3 и член 7, 8 и 9 од оспорената одлука со означените законски одредби.

Во поглед на прашањето дали Административната комисија можела да биде овластена за донесување на оспорената одлука, како и за тоа дали платите и другите раководни вработени лица во органите и службите на единиците на локалната самоуправа може да се уредуваат со ваков акт, или според општите прописи, Судот оцени дека тие не имплицираат незаконитост на оспорената одлука. Имено, според член 8 од Законот за локалната самоуправа со статутот на единиците на локалната самоуправа се уредуваат, помеѓу другото, и надлежноста, организацијата и работењето на органите и телата на локалната самоуправа, а согласно член 2 став 2 од Законот Советот може да формира постојани и повремени работни тела. Нивниот остав, задачи и начин на работа според член 83 од Статутот на Град Скопје поблиску се уредува со Деловникот, односно со одлуката за нивното основање. Конечно, согласно член 116 став 4 од Уставот Градот Скопје е самостоен во вршењето на уставно и законски утврдената надлежност.

Оттука Судот смета дека не е во несогласност со Уставот и со законот Советот на Градот Скопје да овласти работно тело да одлучува за определени прашања од сферата на правата и обврските на избраните и именуваните лица во градот, поради што во тој дел иницијативата не ја прифати.

Од друга страна, оспорената одлука се однесува на платите и надоместоците на избрани и именувани раководни лица во органите и телата на Градот, чија положба е утврдена со член 54 од Законот за локалната самоуправа, а не на вработени лица, кои според член 55 од Законот за локалната самоуправа ги остваруваат овие права и обврски од работниот однос во согласност со општите прописи кои се однесуваат на органите на државната управа, односно на државните службеници. Посебната положба на именуваните и избраните лица според член 54 од Законот, нивниот мандат и сл., дава основ органите на локалната самоуправа смостојно да ги уредат и нивните права и обврски, па и платата. Се разбира, тоа не може да се прави наполно независно од определени општи критериуми што важат за именуваните и избираните лица во Републиката, како што сега се критериумите утврдени во новиот Закон за државни службеници кој соодветно треба да се применува и врз лицата во органите на локалната самоуправа.

8. На седницата Судот утврди дека во член 61 став 1 точка 16 од Статутот е предвидено дека Советот избира иразрешува претседавач, заменик претседавач и секретар на Советот.

Во Глава ИВ од Статутот, оддел 1, називот на точката “ѓ” гласи: претседавач на Советот, заменик претседавач и секретар на Советот.

Во член 76 став 1 е предвидено дека Советот од редот на своите членови избира претседавач, а може да избере и еден или повеќе заменици на претседавачот.

Во член 78 од Статутот е предвидено дека заменикот на претседавачот го заменува претседавачот на советот во случај на негова спреченост или отсутност.

Во член 80 став 1, 2 и 3 од Статутот се уредуваат мандатот, одговорноста, како и овластување начинот и постапката за избор на претседавачот, заменикот на претседавачот и секретарот на Советот да се уреди со Деловникот на Советот.

Во член 82 став 1 од Статутот е предвидено дека претседавачот, заменикот на претседавачот и секретарот имаат право да поднесат оставка на својата функција и да ја образложат.

Сите овие одредби се оспоруваат заоа што функцијата заменик на претседавачот не постои во Законот за локалната самоуправа, па таква функција не може да се воведува со Статутот.

Во член 29 став 1 точка 13 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека Советот на единицата на локалната самоуправа избира и разрешува претседавач и секретар на советот.

Во член 8 од истиот Закон е предвидено дека со Статутот на единицата на локалната самоуправа се уредува организацијата и работењето на органите и телата на единиците на локалната самоуправа.
Од изнесените одредби од Законот неспорно произлегува дека советот на општината избира претседавач како функционер со посебни задачи во организацијата и работењето на советот на единицата на локалната самоуправа. Меѓутоа, Судот смета дека изборот на заменик-претседавач од редот на членовите на советот не претставува востановување нова и посебна функција која ги надминува рамките на законот, туку решавање на едно прашање на организацијата на работењето на советот и спречување на неговата дисфункција во случаи на отсутност или спреченост на претседавачот. Еднаквиот статус на заменик-претседавачот со сите членови на советот во поглед на материјалните примања и непрофесионалното вршење на функцијата, според мислењето на Судот, го исклучува сомневањето дека се работи за нови тип на функција кој излегува од рамките на законот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на овие одредби од Статутот со означените одредби од Законот.

9. На седницата Судот утврди дека според член 91 од Статутот градоначалникот со решение определува член на советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство, а за тоа време на членот на советот му мирува функцијата и има право на надоместок чиј износ го утврдуванадлежното работно тело на Советот.

Иницијаторот смета дека само градоначалникот има право на плата, и дека никој друг, дури ни членот на советот што го заменува, не може да ја добива, ниту пак да добива надоместок за тоа.

Според член 46 став 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа за време на спреченост или отсуство градоначалникот го заменува лице, член на Советот на единицата на локалната самоуправа, кое го назначува градоначалникот и на кое за тоа време му мирува функцијата член на советот.

Тргнувајќи од означената законска одредба, а имајќи го предвид член 37 од Законот за локалната самоуправа изнесен во ова решение, Судот оценува дека ако членот на советот има право на надоместок на трошоците направени во извршувањето на задачите што му ги доверил Советот, тогаш дотолку повеќе тој има такво право кога задачите му ги определува самиот закон, имено, да го заменува градоначалникот. Повремениот и привремениот карактер на заменувањето на градоначалникот од страна на член на советот, според мислењето на Судот, го оправдува решението во оспорениот член 91 од Статутот надоместокот да се определува од случај до случај од страна на надлежно тело на советот во согласност со обемот и природата на ангажирањето во случаите на замена. Од тие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 91 од Статутот со член 37 и 46 од Законот за локалната самоуправа.

10. На седницата Судот утврди дека во член 2 од Одлуката за формирање на Административната комисија на Советот на Град Скопје е опредено дека таа донесува акти за платите и за другите примања на градоначалникот, на функционерите што ги избира Советот на Град Скопје и на раководителите на управните и административните органи на Град Скопје што ги именува градоначалникот; донесува поединечни решенија на функционерите што ги избира советот и ја определува висината на надоместоците од член 37 од Законот за локалната самоуправа.

Членот 2 од Одлуката се оспорува затоа што, според мислењето на иницијаторот, член 32 од Уставот, член 55 од Законот за локалната самоуправа и Законот за работните односи и Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа, определуваат дека правата и должностите од работен однос се утврдуваат со закон и со колективен договор, а не со акти на Советот или на негови работни тела. Освен тоа, не постои ни овластување Советот да пренесува надлежност на работно тело за уредување на овие прашања.

Уставниот суд, врз основа на образложението во точката 7 од ова решение, кое целосно се однесува на спорните прашања поставени во однос на овој член од Одлуката, оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со законот.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решние.

12. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.79/2000
18 октомври 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов