78/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и неколкуте дополненија, подносителот ја цитира одредбата од членот 372 став 2 од основниот текст на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005) која предвидувала можност за ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на спорот на побиваниот дел на пресудата надминувал 500.000 денари. Потоа ја цитира одредбата како што гласела според измените во Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010) во кој вредноста на спорот за кој е дозволена ревизија е зголемена од 500.000 на 1.000.000 денари.

Подносителот смета дека со членот 372 став 2 се повредувала одредбата од членот 9 од Уставот на Република Македонија, според која граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Имено тој смета дека граѓаните кои поднеле тужба пред и по 2005 година не биле еднакви пред законот – оние кои поднеле тужба пред 2005 година со вредност на спорот помала од 500.000 денари, денес го губат правото на ревизија иако во моментот на поднесување на тужбата имале право на ревизија, додека пак граѓаните кои поднеле тужба по 2005 година со вредност поголема од 500.000 и 1.000.000, во моментот на поднесување на тужбата имале право на ревизија, односно не го губеле правото на ревизија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од членот став 2 Законот за парничната постапка, странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 1.000.000 денари

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.59/2011 од 9 мај 2012 година и Решение У.бр. 35/2006 од 13 септември 2006 ја оценувал уставноста на одредбата од членот 372 став 2 од Законот за парничната постапка и изразил став дека: „право е на законодавецот покрај жалбата како редовен правен лек да предвиди и вонредени правни лекови, односно да ја предвиди ревизијата како вонреден правен лек кој странките можат да го изјават доколку се исполнети одредени предуслови, а тоа е вредноста на спорот или видот на спорот поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата“.

Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива истата одредба се оспорува од исти причини како и во претходно наведените предмети и во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по основ на res judicata, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.28/2014
У.бр.44/2014
У.бр.78/2014

08.10.2014г.
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева