78/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за

а) оценување на уставноста на член 136 став 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003) и

б) оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за остварување на работите на разузнавањето, контраразузнавањето, спречувањето и откривањето на кривични дела во одбраната (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2003 и 54/2004).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 136 став 3 од законот означен под а) и уставноста и законитоста на правилникот означен под б) во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, министерот за одбрана не бил овластен да донесува поблиски прописи за остварување на работите во врска со разузнавањето, контраразузнавањето и спречувањето и откривањето на кривчни дела во воените единици и установи.

Правилникот за остварување на работите на разузнавањето, контраразузнавањето и спречувањето и откривањето на кривични дела во одбраната го оспорува затоа што со него се ограничувала слободата на човекот што можело да се врши само со судска одлука и во слуачи и постапка утврдена со закон, а не со подзаконски прописи, односно правилник на министерот за одбрана.

Врз основа на оспорените акти овластените службени лица при спречувањето на вршењето на кривични дела и нивното предавање на надлежните органи постапувале согласно со членовите 142 и 143 од Законот за кривичната постапка со што биле изедначени со овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи, за што подносителот смета дека е несогласно со Уставот. На тој начин со Законот за одбрана се навлегувало во уредување на прашања од кривичната постапка со што се отстапувало од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Со оспорениот Правилник, исто така, се повредувал и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа затоа што со него министерот утврдувал права и обврски за граѓаните и другите правни лица за што не бил овластен.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 136 став 3 од Законот за одбрана поблиски прописи за остварување на работите од членовите 133, 134 и 135 на овој закон донесува министерот за одбрана.

Судот, исто така, утврди дека Правилникот за остварување на работите за разузнавањето, контраразузнавањето, спречувањето и откривањето на кривични дела во одбраната содржи 17 члена распределени во 5 глави: 1. Општи одредби; 2. Разузнавање; 3. Контраразузнавање; 4. Спречување и откривање на кривични дела и 5. Преодни и завршни одредби.

Со Општите одредби се уредува и разработува предметот и методологијата на извршување на работите на разузнавањето и контраразузнавањето, како и начинот на остварувањето на работите на спречување и откривање на кривични дела во одбраната од страна на овластени службени лица во Министерството за одбрана.

Во вршење на овие работи, овластените службени лица соработуваат со овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнавање и со други органи на државната управа и управни организации.

Со општите одредби се уредуваат и прашања во врска со користењето на оперативно-техничките средства, можноста за носење на цивилна облека од страна на овластените службени лица, користењето на службените моторни возила од страна на службени лица и сл.

Во главата “Разузнавање” се предвидува дека разузнавањето опфаќа мерки, активности и постапки што овластените службени лица за разузнавање ги преземаат заради собирање, документирање и анализирање на разузнавачки податоци.

Главата “Контраразузнавање” ги уредува прашањата во врска со мерките, активностите и постапката за контраразузнавање што ги преземаат службените лица.

Главата “Спречување и откривање на кривичните дела” уредува прашања во врска со постапувањето на службените лица при спречувањето и откривањето на кривичните дела при што ги задолжува да постапуваат согласно член 135 став 3 од Законот за одбрана според кој тие имаат право и должност да легитимираат лице заради утврдувањето на неговиот идентитет и на негово барање сами да се легитимираат; да вршат затворање на пристапот и да го оневозможат напуштањето на просторот без одобрение до завршување на службените дејствија; да вршат преглед на превозни средства, лица и багаж; да употребуваат оружје ако со други средства на присилба не можат да го заштитат животот на лицата на тој простор, како и да се придржуваат на членовите 142 и 143 од Законот за кривичната постапка кои уредуваат прашања во врска со постапката за присилното доведување на лицата.

Во Преодните и завршните одредби е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престануваат да важат Правилата за работа на органите за безбедност на Министерството за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” – Посебен службен весник бр.10/1993) и Правилата за разузнавање на воено разузнавачката служба (“Службен весник на Република Македонија” – Посебен службен весник бр.6/1994).

4. Согласно член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, меѓу другото, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во членот 61 став 1 од Законот за органите на државната управа е предвидено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани.

Имено, во конкретниов случај, односно во одредбата од членот 136 став 2 од Законот за одбрана министерот за одбрана не ги воведува разузнавањето, контраразузнавањето, спречувањето и откривањето на кривичните дела и заштита на силите и тајните податоци во одбраната, како право и обврска, туку тие како такви се предвидени во членовите 133, 134 и 135 од Законот, а со пропис поблиску (во случајов – оспорениот правилник) министерот го уредува остварувањето – реализирањето на работите, односно на правата и обврските кои се веќе предвидени во споменатите членови 133, 134 и 135 од Законот.

Според тоа, Судот оцени дека предвидувањето поблиските прописи за остварувањето на работите од разузнавањето, контраразузнавањето, спречувањето и откривањето на кривичните дела да ги донесува министерот за одбрана, е во функција на операционализација на Законот за одбрана.

Во врска со наводите во иницијативата дека со овластувањето на службените лица, при откривањето и спречувањето на кривичните дела да применуваат одредби од Законот за кривичната постапка, се изедначувале со службените лица во Министерството за внатрешни работи и дека со Законот за одбрана се навлегувало во Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што спречувањето и вршењето на кривичните дела независно дали се од областа на одбраната или од некоја друга област, се кривични дела и за сите нив важи Законот за кривичната постапка, а тоа што законодавецот предвидува соработка меѓу службените лица од соодветни министерства, според Судот, не значи дека тие се степенуваат по одреден статус, туку таа соработка е предвидена во функција на откривањето и спречувањето на кривичните дела во одбраната на Републиката.

Во однос на наводот во иницијативата дека со овластувањето на министерот со поблиски прописи да го уреди спречувањето и откривањето на кривичните дела се ограничувале човековите права и слободи и дека со тој акт министерот создавал права и обврски за граѓаните и другите правни лица, Судот оцени дека истиот е неоснован од причина што прописот односно Правилникот се однесува само на постапувањето на службените лица во спречувањето и откривањето на кривичните дела во одбраната.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека овластувањето на министерот за одбрана да донесува поблиски прописи за остварувањето на разузнавањето, контраразузнавањето и спречувањето и откривањето на кривичните дела во Армијата има уставен основ, поради што не може да се постави прашањето за нивната уставност од овој аспект.

Поаѓајќи од принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, Судот оцени дека во конкретниов случај, министерот, како функционер кој раководи со министерството за одбрана, како еден од органите на извршната власт, е овластен да донесе пропис во функција на операционализација на Законот за одбрана и дека во случајов со оспорениот правилник не навлегува во законодавната власт, односно не го нарушува погоре споменатитот принцип.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Решението под а) од точката 1 Судот го донесе едногласно, а под б) со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.78/2005
12 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова