У.бр.77/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 23 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром-Скопје, донесена од Советот на Општина Аеродром на 28 јануари 2014 година („Службен гласник на општина Аеродром“бр.3/2014).

2. Борис Георгиевски и Даница Георгиевска, двајцата од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Oдлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Одлуката се оспорува „бидејќи истата не е во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/01, 92/08, 139/09 и 35/10), Законот за експропријација (Службен весник на Република Македонија“ бр.95/12, 131/12 и 24/13) и Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13 и 163/13), во чие време на важење oдлуката е донесена.“

Според наводите во иницијативата во врска со повредата на Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно повредата на уставноста и законитоста на постапката на донесувањето на Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Oпштина Аеродром, до Уставниот суд била поднесена Иницијатива за оспорување на наведената Одлука, заведена под У.бр.35/2015. Меѓутоа, покрај повредата на уставноста и законитоста на постапката за донесувањето на Деталниот урбанистички план за четврт И 11, со Одлуката била повредена и уставноста и законитоста на сопственичкото право, односно правото на сопственост на градежно земјиште и на други права врз тоа земјиште, поради што се поднесува оваа иницијатива за оспорување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Oпштина Аеродром.

Потоа, во иницијативата се наведува дека Одлуката, во делот на сопственоста на катастарската парцела (КП) 477, ги повредувала член 8 став 1 алинеите 3 и 6 и член 30 став 1 од Уставот, член 6 и член 8 ставовите 1 и 2 и член 17 од Законот за сопственост и други стварни права, „бидејќи без согласност на сопствениците на катастарската парцела, истата е споена со соседната катастарска парцела 478 во една заедничка градежна парцела (ГП) 12.4. заради изградба на станбена зграда. Спојувањето на катастарските парцели може да се оствари исклучиво со заемна согласност на два или повеќе соседи, сопственици на катастарски парцели. Покрај тоа, со Одлуката се одзема дел од земјиштето од КП 477, заради формирање на пешачка патека од приватен интерес, со што исто така е повредена сопственоста и сопственичкото право на КП 477. Поголемиот дел од земјиштето на КП 477 е приватизирано во 2011 год. во сопственост на подносителите на оваа иницијатива, односно во наша сопственост согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (Сл.весник на РМ бр.4/05), а мал дел е со право на користење на изградено градежно земјиште врз кое постои зграда.“

Во иницијативата понатаму се објаснува постапката на донесувањето на Одлуката, при што се наведува дека на 20.08.2013 година била донесена Одлука за утврдување на нацрт на Детален урбанистички план за четврт И 11 во кој Нацрт на план КП 477 била споена со уште пет соседни катастарски парцели во една ГП 12.3 заради изградба на станбена зграда П+6 и висина од 21,0 м. Потоа била спроведена јавна презентација на која иницијаторите изнеле забелешка дека површината на градење на станбената зграда на ГП 12.3 од 1.552 м2 и за објект од П+6 треба да има вкупна површина по катови 10.864 м2 (1.552 м2 х 7 ката), а не 6.770 м2 како што било наведено во табеларниот дел од Нацрт на планот, на што претставниците на Општината одговориле дека тоа било техничка грешка која ќе била исправена. Тие исто така кажале дека катастарските парцели помали од 500 м2 требало да се спојат бидејќи на толкави парцели не можело да се градат станбени згради иако според член 54 став 2 алинеја 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање било определено дека на такви парцели може да се градат П+3+Пк и иако во дотогашниот ДУП имало П+3+Пк на парцели помали од 500 м2, а покрај тоа и во новодонесениот ДУП за четврт И 11 во Блок 7 парцела 7.4 било предвидено П+3+Пк на парцела помала од 500 м2. Поради таквото укажување, подносителите на иницијативата во анкетниот лист се изјасниле дека се согласни нивната КП 477 да се спои со соседната КП 478, чии сопственици биле заинтересирани за градење, и дека не се согласни за спојување со КП 476 бидејќи соседите неодамна имале изградено куќа и не биле заинтересирани за скорешно градење на заедничка станбена зграда. По таа јавна презентација и јавна анкета, била спроведена дополнителна презентација, на која паралелно биле изложени утврдениот Нацрт на план и скица со алтернативна верзија за дел од Нацрт на планот за Блок 9, Блок 11 и Блок 12, за кои претходно биле дадени погрешни податоци, и таа скица била сосема нов нацрт-план. Во овој алтернативен нацрт – план КП 477 била споена со КП 478 во една ГП 12.4, а со пешачка патека, формирана со одземање од КП 477, таа парцела била одвоена од КП 476. Притоа, во алтернативниот нацрт – план било предвидено објект П+3+Пк со висина од 10,20 м. и вкупна површина по катови 1.915 м2 (површина за градење 383 м2 х 5 ката), за разлика од Нацрт – планот каде било предвидено П+6 со висина од 21,0 м. и вкупна површина по катови 1.908 м2, што значело дека алтернативниот нацрт – план им додавал само 7 м2. Подоцна, во Планот донесен според алтернативниот нацрт – план објектот П+3+Пк на КП 477 и КП 478 бил зголемен на 401 м2 површина за градење, што значело дека вкупната површина по катови изнесува 2.005 м2 (401 м2 х 5 ката), но тоа било само 97 м2 повеќе во однос на претходниот ДУП. Инаку, и на дополнителната презентација во утврдениот Нацрт-план податоците за вкупната површина по катови биле погрешни и непроменети иако било речено дека тоа ќе се корегира.

Во иницијативата е наведено дека по алтернативниот нацрт план било побарано да се достават писмени забелешки во рок од 4 работни дена и подносителите на иницијативата се изјасниле дека се согласни да се усвои првиот, утврдениот Нацрт на план и дека вториот нацрт на план воопшто не бил прифатлив за нив односно дека не биле согласни нивната КП 477 да се спои со КП 478. На таа забелешка, општинската комисија дала одговор дека забелешката за неспојување со соседната парцела не се прифаќа бидејќи отстапувала од планскиот концепт, а иако немало забелешка за зголемување на висината на објектот бил даден одговор дека и таа забелешка не се прифаќа. Инаку, во иста таква ситуација комисијата постапила поинаку, имено сопствениците на КП 481 поднеле барање за спојување со КП 482 но бидејќи сопствениците на КП 482 не се изјасниле за тоа, спојувањето не било направено, што значело дека во овој случај било почитувано правото на сопственост и потребата од заемна согласност на соседите, наспроти случајот со подносителите на иницијативата. Поради тоа, комисијата го повредила правото на сопственост на подносителите на иницијативата загарантирано со Уставот и со Законот за сопственост и други стварни права. Освен тоа, дополнително било доставено барање односно изјава за неспојување на КП 477 со КП 478 и со КП 476 и за останување на КП 477 како посебна парцела со посебен објект-станбена куќа, но Општината повторно достави формален одговор за неприфаќање на барањето. Повредата на сопственоста и на сопственичкото право, покрај во однос на спојувањето, била направена и во однос на одземањето на дел од КП 477 заради формирање на пешачка патека. Имено, таа патека не била предвидена во утврдениот Нацрт на план, туку таа се појавила во алтернативната верзија на планот, на што подносителите на иницијативата ставиле забелешка, но бил даден формален одговор дека забелешката не се прифаќа согласно важечката законска регулатива, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и согласно планскиот концепт. Наспроти таквиот одговор, членот 64 од наведениот правилник определувал дека пешачката патека како дел од секундарната мрежа на улици служи за пристап до урбаните содржини во парцелираното градежно земјиште, а не за спојување на катастарски парцели и формирање на нова градежна парцела за станбена зграда, поради што патеката не била предвидена во согласност со Правилникот.

Според наводите во иницијативата во која се изнесува содржината на членовите 1, 2, 4 и 7 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/12, 131/12 и 24/13) се извлекува заклучок дека донесувањето на урбанистички план начелно е дејност од јавен интерес, но дека се што е опфатено со урбанистичкиот план не било од јавен интерес и дека изградба на приватна зграда не можело да биде основа за експропријација на приватно земјиште за формирање на пешачка патека иако таа била предвидена во деталниот урбанистички план. Ни пешачката патека не била од јавен интерес и не можело да се одзема дел од приватно земјиште за пешачка патека заради формирање на градежна парцела за изградба на станбена зграда. Оттука, одземањето на земјиште од КП 477 заради формирање на пешачка патека било повреда на Уставот и на Законот за експропријација.

Врз основа на изнесеното во иницијативата е наведено дека во конкретниот случај биле повредени член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10, член 9 став 2, и член 30 од Уставот, членовите 6, 8 и 17 од Законот за сопственост и други стварни права, членовите 1, 4 и 7 од Законот за експропријација и член 24 ставовите 1, 4, 8 и 9 и член 27 ставовите 4, 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Истовремено, побарано е запирање од извршување на поединечните акти и дејства преземени врз основа на оспорената одлука, поради можноста да настанат непоправливи штетни последици од реализацијата на ваквиот детален урбанистички план, до оценување на уставноста и законитоста на Одлуката.

3. Во врска со постапката на донесувањето на оспорената одлука во целина, Судот на седница ја утврди следната состојба:

– На 20 август 2013 година Советот на Општина Аеродром го утврди Нацрт на планот,
– На 30 август 2013 година е одржана јавна презентација, а од 29 август до 12 септември 2013 година е организирана јавна анкета по Нацрт на планот,
– На 23 септември 2013 година Стручната комисија на Општината изработи Извештај за постапување по одржана јавна анкета и јавна презентација по Нацрт на планот, во кој се содржани забелешките на граѓаните и правните лица изнесени во анкетни листови и одговорите на Комисијата по нив со образложение за прифаќање и неприфаќање на забелешките.
– На 4 октомври 2013 година Стручната комисија донесе Заклучок за повторување на постапката по Нацрт-планот,
– На 21 октомври 2013 година Советот на Општина Аеродром донесе Заклучок за усвојување на Информација од Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за повторување на постапка по Нацрт на ДУП за четврт И 11, ОА Скопје, и потреба од донесување на Заклучок за повторно спроведување на јавна анкета и јавна презентација.
– На 1 ноември 2013 година беше одржана јавна презентација по втор пат по Нацрт – планот,
– На 20 ноември 2013 година Стручната комисија изработи Извештај за постапување по одржана по втор пат јавна анкета и јавна презентација по Нацрт – планот, во рамките на кој се изнесени забелешките доставени од граѓаните на анкетни листови и одговорите на Комисијата по нив со образложение за прифаќање и неприфаќање на забелешките.
– На 18 декември 2013 година Општина Аеродром прими акт со кој градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот дава позитивно мислење по Предлог-планот за четврт И 11, Општина Аеродром, поради негова усогласеност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022,
– На 28 јануари 2014 година Министерството за транспорт и врски издаде Согласност на Предлог – Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром,
– На 28 јануари 2014 година Советот на Општина Аеродром го донесе Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром – Скопје.

б) При така спроведената постапка на донесување на оспорената одлука, во врска со конкретната КП 477 ја утврдивме следната состојба:

– На 30 август 2013 година, кога е одржана првата јавна презентација, беше присутен подносителот на иницијативата Борис Георгиевски, а за време на јавната анкета одржана од 29 август до 12 септември 2013 година Борис Георгиевски достави анкетен лист бр.28 со забелешки на Нацрт планот.
– На 23 септември 2013 година е изготвен Извештај од Стручна комисија по забелешките изнесени на јавната анкета, при што за анкетниот лист бр.28 поднесен од Борис Георгиевски во Извештајот се наведува дека забелешката за спојување на КП 477 и КП 478 во една градежна парцела ГП 12.3 се прифаќа, а забелешката за зголемување на висината на објектот не се прифаќа бидејќи не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022.
– На 1 ноември 2013 година, кога е одржана втора јавна презентација, беше присутен Георгиевски, а за време на втората јавна анкета одржана од 29 октомври до 11 ноември 2013 година Борис Георгиевски достави анкетен лист бр.51 со забелешки на нацрт – планот.
– На 20 ноември 2013 година Стручната комисија изготви Извештај по забелешките изнесени на втората јавна анкета, при што за анкетниот лист бр.51 поднесен од Борис Георгиевски во Извештајот се наведува дека забелешката за неспојување на КП 477 и КП 478 во ГП 12.4 не се прифаќа бидејќи отстапува од планскиот концепт, потоа забелешката за зголемување на висината, катноста и површината за градење не се прифаќа согласно важечката законска регулатива-Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и забелешката за непланирање на пешачката патека не се прифаќа согласно важечката законска регулатива-Законот и Правилникот и согласно планскиот концепт

в) Во однос на содржината на оспорената одлука, во член 1 се определува дека со Одлуката се донесува Детален урбанистички план за четврт И 11, во членот 2 се определува просторот и намената за кој се донесува Планот и во членот 3 се наведуваат документите на кои се заснова Одлуката.

Според член 4 од Одлуката, „Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на Општина Аеродром“, според член 5 „Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или на астралон“, а според член 6 „донесениот Детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архива на донесувачот на планот, а еден кај органот што го спроведува – Сектор за комунални работи, урбанизам и заштита на животна средина.“

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа дека со Решение У.бр.35/2015 од 10 февруари 2016 година Уставниот суд на Република Македонија не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром-Скопје, донесена од Советот на Општина Аеродром на 28 јануари 2014 година („Службен гласник на општина Аеродром“бр.3/2014) исполнети се условите Уставниот суд да ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во врска со аспектите на конкретната иницијатива и наводите во истата кои се однесуваат на оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот оцени дека се неосновани. Имено, во ситуација кога нацртот на планот претрпел значајни промени околу опфатот, регулационите линии, намената на земјиштето и промени во поголем обем на другите параметри утврдени во нацртот на планот, а што се оценува од стручната комисија формирана од градоначалникот на Општината, градоначалникот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета по Нацрт – планот со вградените забелешки, па по новите забелешки изнесени на анкетни листови се изработува нов извештај од стручна комисија на општината во кој се даваат одговори со образложение за прифатените и неприфатените забелешки. Извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот и истовремено писмено се известува секое лице кое поднело анкетен лист за прифатените и неприфатените забелешки.

Со оглед дека при донесувањето на Одлуката во целина, како и во однос на делот што се однесува на КП 477, биле преземени дејствијата предвидени во член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот утврди дека Одлуката е донесена во согласност на наведената законска одредба, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведената законска одредба, а со тоа и со член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот.

Што се однесува до другите наводи во иницијативата дека се повредувало правото на сопственост на подносителите на иницијативата утврдено во Уставот и Законот за сопственост и други стварни права, како и одредбите од Законот за експропријација, имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, произлегува дека со неа не се уредува таа материја, а примената на Одлуката не е во надлежност на Уставниот суд, поради што произлегува дека има процесни пречки и нема надлежност на овој суд за постапување по тој дел од иницијативата, па во тој дел таа треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Во однос на наводите во иницијативата дека Одлуката не е во согласност со член 27 ставовите 4, 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, имајќи предвид дека во иницијативата не се изнесени причини поради кои се смета дека Одлуката не е во согласност со наведените законски одредби, произлегува дека има процесни пречки за постапување и по тој дел од иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање и на тој дел од иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2015
23 март 2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева