77/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Несовесно работење во службата“ и член 353-в од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008 и 114/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и покрај тоа што Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.10/2008 година од 27 февруари 2008 година, не повел постапка за оспорениот член од Законот, постоеле основи за поинакво одлучување. Имено, со оспорениот член од Кривичниот законик се создавал нееднаков третман на субјектите помеѓу ставот 1 и ставот 4 и со тоа граѓаните не биле третирани еднакво пред Уставот и законите, со што се повредувале еднаквоста на граѓаните од член 9 на Уставот на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорениот член 353-в од Кривичниот законик бил во спротивност со член 14 став 1 од Уставот, бидејќи не постоела јасна и прецизна граница помеѓу забранетото и дозволеното, со што се создавала правна несигурност кај граѓаните.

Наведената законска одредба била произволна, паушална бидејќи не можело да се утврди прецизно казнено – правната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение.

Подносителот на иницијативата смета дека не би можело да се пропишуваат кривични дела со бланкетни норми, како што е во случајов.

Поради наведеното сметаме дека со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 51 и член 54 став 4 од Уставот на Република Македонија.

На крајот од иницијативата, подносителот истакнува дека при одлучувањето Судот треба да го има во вид и фактот што по претходното Решение У.бр.10/2008 од 27 февруари 2008 година со кое не е поведена постапка за оценување на уставноста на сега повторно оспорениот член од Кривичниот законик, Судот одлучувајќи во непотполн состав од 5 судии, наместо од 9 судии, иако било тоа пропишано со Уставот на Република Македонија.

Истовремено, се предлага и донесување на Законот за времена мерка со кое ќе се забранат од извршување сите поединечни акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во член 353-в од Кривичниот законик се предвидува:

„(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од најмалку 3 години.

(4) Со казната од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.10/2008 од 27 февруари 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на поднасловот: „Несовесно работење во службата“ и членот 353-в од Кривичниот законик. Ова затоа што, според Судот, од оспорената законска одредба произлегувало дека законодавецот, иако правно-технички го пропишал дејствието на извршување така што тоа опфаќа, покрај изречно и прецизно определените, и дејствија кои се недефинирани, сепак на прецизен начин определил кога ќе се смета дека е извршено кривичното дело несовесно работење во службата, поради што за Судот се неприфатливи наводите во иницијативата дека одредбата била непрецизна, неподобна за примена и дека овозможувала дискреционо право на јавниот обвинител во нејзината примена.

Аргументите за различно толкување и примена на оспорената одредба од случај до случај истакнати во иницијативата, за Судот се неприфатливи, од причина што примената на одредбите од Посебниот дел на Кривичниот законик во конкретни случаи секогаш е фактичко прашање, односно оценка на судот кој ја води кривичната постапка е дали во конкретниот случај се остварени законските елементи на кривичното дело за кое се товари обинетиот од што ќе зависи и неговата кривична одговорност. Според мислењето на Судот, за примената на одредбата, од уставен аспект е значајно дали таа ги содржи јасно и прецизно сите елементи врз основа на кои може да се утврди казнено-правната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение. Ова особено се однесува на дејствието на извршувањето кое, согласно начелото на законитост, мора да биде утврдено во законскиот опис. Со тоа се обезбедува само поведение што е соодветно со законскиот опис да може да се подведе под таа одредба и да се смета за кривично дело. Изборот на законодавно-правната техника при утврдување на описот на дејствието на извршување пак, е прашање за што одлучува законодавецот, а не Уставниот суд.

Со новоподнесената иницијатива, повторно од истиот подносител Стамен Филипов од Скопје, се оспорува поднаслово „Несовесно работење во службата“ и членот 353-в од Кривичниот законик, од истите причини поради кои бил оспорен наведениот поднаслов и членот од Законот во претходната иницијатива, по која Судот расправал, а која без оглед на бројот на судиите е легитимна и по која оценил дека нема елементи на неуставност.

Според Судот, причините и аргументите изнесени во новоподнесената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решение У.бр.10/2008, поради што Судот оцени дека нема основи повторно да одлучува за истата работа иницирана со сега поднесената иницијатива поради што во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.77/2010
29 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски