77/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на
– Основниот договор меѓу Република Македонија и НАТО за дејствување на НАТО мисии во Македонија од 24 декември 1998 година.
– Договорот за НАТО штаб со седиште во Скопје од 11 мај 1999 година.

2. Димитар Апасиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на договорите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените т.н. „меѓународни“ договори не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 11, член 51 ставовите 1 и 2, член 52 ставовите 1 и 4, член 68 став 1 алинеите 2, 6, 7 и 9, член 88 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што постоеле пропусти во процедурата за нивно донесување, што било во дирекна спротивност со Уставот на Република Македонија и кои што оневозможувале тие акти да бидат дел од внатрешниот – правен поредок на Република Македонија како независна држава.

Во образложението на иницијативата подносителот наведува дека Уставниот суд на Република Македонија не можел да се прогласи за ненадлежен како што тоа го направил во случајот со Договорот меѓу државите – страни на северноатланскиот договор и другите држави учеснички во Партнерството за мир за статусот на нивните сили и Дополнителниот протокол(познат како СОФА – Договор) во 2001 година ,кога со Решение У.бр.178/2000 од 31 јануари 2001 година ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на овој сроден дискриминаторски договор со образложение дека нема изрична предвидена надлежност со Уставот за оценување на содржината на меѓународни договори. Имено,според подносителот сега оспорените т.н. „договори“ всушност имале карактер на „прописи“ и правен третман на владини акти, бидејќи првооспорениот основен договор е скучен со размена на писма помеѓу тогашниот генерален секретар на НАТО – Хавиер Солана и тогашниот министер за надворешни работи на Република Македонија, Александар Димитров, без никаква ратификација од страна на Собранието на Република Македонија и тој стапил во сила истиот ден без потребното задолжително објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Оттука, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот и член 12 од Деловникот на Уставниот суд, Судот би морал да ги подложи на оценка оспорените договори, бидејќи надлежноста на Уставниот суд била уставна, а не волева категорија и била пропишана со Уставот и овој државен орган задолжен е за заштита на уставноста и законитоста, а не бил овластен самиот да одбие да решава прашање кое било статуитано во негова надлежност.

Уставниот суд на Република Македонија според подносителот на иницијативата не би можел да ја примени ниту компаративната доктрина на „политичко прашање“, како што тоа веќе го сторил со Одлуката на Владата на Република Македонија за дипломатско признавање на Тајван, бидејќи со споменатиот авторитативен правен стандард (sententio iuris auctoritаtis) не можел ниту теоретски ниту практично да се оправда сторениот клучен упад на Владата на Република Македонија во легислативната дејност на Собранието на Република Македонија. Имено, склучените оспорени „договори“ ниту тогаш, а ниту сега не спаѓале во надлежност на Владата на Република Македонија, туку во надлежност на Собранието. Дополнителен доказ за тоа бил и новиот Закон за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001) кој што овие прашања изрично ги реглементира како надлежност на Собранието (член 17 став 1 алинеите 1, 6, 7 и 8).

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Основен договор меѓу Република Македонија и НАТО за престој на НАТО мисии во Македонија е склучен по пат на размена на писма помеѓу тогашниот министер за надворешни работи на Република Македонија, Александар Димитров и Генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, на 23/24 декември 1998 година.

Од името на Владата на Република Македонија министерот за надворешни работи предложил одредби кои доколку бидат прифатени, ќе станат обврзувачки за Владата на Република Македонија и НАТО, а со цел да се реализираат условите за соодветно работење на било која мисија на НАТО која ќе се основа на територијата на Република Македонија. Понатаму, во писмото се наведува дека одлука за основање на мисии на НАТО на територијата на Република Македонија ќе подлежи на посебен договор, при што со основањето на мисиите на НАТО на територијата на Република Македонија ќе се зајакнат односите на Република Македонија и НАТО.

Во наведениот документ се наведува дека целта на привилегиите и имунитетите, предвидени во овој Договор не им служат на поединци, туку имаат за цел да обезбедат ефикасно извршување на операцијата.

Во Договорот во дванаесет точки се утврдени прашањата кои се предмет на негово уредување, при што е утврдено какво значење за целите на овој Договор ќе имаат термините: Влада, НАТО, територија, франшиза, службена употреба, компонентни органи, важечко законодавство, операција, мисија, НАТО персонал, договорен персонал и капацитети. Исто така, во Договорот е утврдено дека термините: сила, цивилна компонента, држава испраќач, воени власти на државата-испраќач и Северно атлански совет ќе се толкуваат како што се дефинира во член 1 од Договорот меѓу државите договорнички на Северно- атланскиот договор за статусот на нивните сили, склучен во Лондон 1951 година во согласност со член 1 од Договорот меѓу државите договорнички на Северноатлантскиот договор и други држави што учествуваат во партнерството за мир во врска со статусот на нивните сили, склучен во Брисел 1995 (понатаму ПзМ СОФА). НАТО може да основа мисии на територијата на Република Македонија со цел да ја исполни својата операција, мисиите, а нивниот НАТО персонал, нивната сопственост, финансиски средства и имот ќе ги уживаат mutatis mutаndis привилегиите и олеснувањата дефинирани со Виенската конвенција за дипломатски односи од 18 април 1961 година, освен доколку не е поинаку определено во овој Договор.

Во точката 11 од Договорот е предвидено дека во рамките на овој Договор оперативните и техничките прашања ќе бидат разгледувани во одделни анекси што ќе бидат прилагодени кон овој договор. Во тие анекси, меѓу другото, ќе се разгледуваат прашањата кои се однесуваат за: статусот на локалниот персонал, даночно ослободување, царинско ослободување, воена полиција и заемна помош, униформи и оружје, гранични премини и движења низ територијата, комуникации и комуникациски систем и заштита на животната средина и културното богатство.

На 9 април 1999 година министерот за надворешни работи повикувајќи се на размена на писмата од 23/24 декември 1998 година меѓу Владата на Република Македонија и НАТО, а во врска со Основниот договор за дејствување на НАТО мисиите во Македонија, како и на член 11 од Основниот договор, предложил дека наведеното писмо и одговорот на Генералниот секретар на НАТО со кој се потврдува согласноста на НАТО кон условите содржани во истото да претставуваат Договор кој ќе стапи во сила на датумот на одговорот на НАТО кој ќе се применува mutatis mutаndis и на сите ситуации што настанале во период по склучување на Основниот договор односно на 24 декември 1998 година до датумот на одговорот. Генералниот секретар на НАТО ја потврди согласноста со свој акт од 11 мај 1999 година.

Во насока на наведеното, техничките прашања (технички анекси од 1 до 11), од членот 11 од Основниот договор, а и други прашања кои се однесуваат на статусот на локално ангажираниот персонал, даночните ослободувања, изземање од царина, воена полиција и меѓусебна помош, униформи и оружје, преминување на границата и движење на територијата, комуникации и комуникациски системи, заштита на животната средина и природата и културното богатство, возачки дозволи, како и пристап до меѓународни установи, според писмото на министерот за надворешни работи претставуваат договор и стануваат дел од Основниот договор од 23/24 декември 1998 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 68 став 1 алинеја 6 од Уставот е утврдено дека Собранието на Република Македонија ги ратификува меѓународните договори.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Со член 119 став 1 од Уставот се определува дека меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија, а според ставот 2 од овој член на Уставот, меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Според член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката што ја штити уставноста и законитоста.

Во согласност со член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Според член 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон, ако утврди дека не е во согласност со Уставот, според став 2 на истиот член, Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение ако утврди дека не се во согласност со Уставот или закон, а според став 3 од овој член на Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби наспрема барањето во иницијативата, Судот да ги поништи означените меѓународни договори, Судот оцени дека тоа излегува надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд. Уставниот суд е апсолутно ненадлежен да укинува или поништува меѓународни договори како акти на меѓународното право.

Согласно ставот на Судот изразен во повеќе предмети, вклучително и за ОКТА, Уставниот суд воопшто, па дури и во случаите кога меѓународниот договор е ратификуван во согласност со Уставот и како таков станал дел од внатрешниот правен поредок, не може договорот да го укине или поништи. Надлежноста на Уставниот суд да укине или поништи акт може да се воспостави само во однос на инструментите за влегување на одреден договор во правниот поредок на Република Македонија, како што е законот за ратификација на таков договор. Во таа смисла Уставниот суд може со поништување на закон за ратификација или друг невалиден инструмент да спречи еден меѓународен договор да биде дел од внатрешниот правен поредок, но никако не може да интервенира во меѓународниот договор како таков.

Со оглед на фактот што во конкретниов случај Собранието на Република Македонија нема донесено закони со кои оспорените договори се ратификувани, ниту други инструменти за чие укинување или поништување Уставниот суд би бил надлежен, а се бара Судот да поништи меѓународни договори, Судот оцени дека по овој основ се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во член 110 од Уставот, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека со иницијативата во суштина се бара Судот да утврди дали оспорените договори се дел или не од внатрешниот правен поредок затоа што имало пропуст во постапката за нивно донесување, односно не биле ратификувани со закон. Барањето во иницијативата се темели на оценка на подносителот на иницијативата дека оспорените меѓународни договори склучени од претставник на Владата на Република Македонија станале дел од внатрешниот правен поредок, иако не биле ратификувани со закон и не биле објавени, за што се бара потврда од Уставниот суд, што било спротивно на Уставот.

Во контекст на наведеното се поставува прашањето врз основа на што подносителот на иницијативата тврди дека оспорените договори влегле во правниот поредок на Република Македонија, ако овие договори не биле ратификувани во согласност со Уставот? Фактот што тие договори влегле во сила во меѓународниот правен поредок со потпишувањето, не е фактор на нивно истовремено инкорпорирање и влегување во сила, во внатрешниот правен поредок. За Судот не е спорен фактот дека оспорените договори не се ратификувани и не се објавени, меѓутоа поставеното прашање, односно наводите во иницијативата излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд поаѓајќи од фактот што Судот нема надлежност да донесува утврдувачки и декларативни одлуки за тоа дали еден меѓународен договор е дел или не од внатрешниот правен поредок.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.77/2009
21 април 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски