77/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 точка 1 од Законот за данок на промет на производи
и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95, 4/96, 71/96, 5/97, 28/97, 13/98 и 39/99).

2. Ангел Давалиев од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата од оспорената одредба и од Тарифата на данокот на промет, составен дел на Законот, конкретно според тарифниот број 2 на Тарифата, произлегувала обврска при увозот на машини кои се внесувале како опрема да се плаќа данок 5%. Според оспорената одредба се плаќал данок на промет и при увоз на машини, односно опрема и во случаи кога опремата странско лице како основач ја внесувал како основачки влог во мешовито претпријатие и не била наменета за натамошна продажба. При тоа укажува на проблемот ако странското лице ја повлечело опремата, дали во тој случај ќе се врател уплатениот данок.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 4 став 1 од Законот за данок на промет на производи и услуги под промет на производи кој што служи за крајна потрошувачка се подразбира секоја продажба на производи, ако со овој закон не е поинаку определено. Според ставот 2 точка 1 на овој член под промет на производи кој што служи за крајна потрошувачка се подразбира и увозот, вклучувајќи го и привремениот увоз на производи кој што служи за крајна потрошувачка.

Според тарифниот бр. 2 став 1 точка 1 од Тарифата составен дел на Законот, по стапка од 5% се плаќа данок на промет на производи на опрема (машини, уреди и друго што ги набавуваат правни лица и дуќани со статус или без статус на правно лице под услов и на начин од член 6 на овој закон, исклучително за вршење на својата дејност.

4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и е носител на законодавната власт во Републиката, а според член 68 став 1 алинеја 3 ги утврдува јавните давачки.

Од наведените уставни одредби произлегува дека данокот и другите јавни давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија со закон, со кој, како негови основни елементи мора да се определат предметот на одданочувањето, даночните обврзници, даночните стапки и даночните ослободувања и олеснувања.

Според член 3 од Законот за данок на промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95, 4/96, 71/96, 5/97, 10/97, 28/97, 13/98 и 39/99), данок на промет на производи се плаќа на прометот на производи кој што служи за крајна потрошувачка и за натамошна продажба, освен ако со овој закон не е поинаку определено.

Во членот 4 од Законот под промет на производи кој што служи за крајна потрошувачка се подразбира секоја продажба на производи, ако со овој Закон не е поинаку определено. Според ставот 2 на овој член, под промет на производи кој што служи за крајна потрошувачка се подразбира и увозот, вклучувајќи го и привремениот увоз на производи кој што служи за крајна потрошувачка.

Според мислењето на Судот со Законот за данок на промет на производи и услуги, во смисла на член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот се утврдени елементите на овој данок како еден од видовите на јавните давачки (предмет на одданочувањето, даночниот обврзник, даночната основица, даночните стапки, даночните ослободувања и олеснувања, начинот на настанувањето на обврската, начинот на плаќањето на данокот, начинот и постапката за искажување и евидентирање на данокот и слично) со што се обезбедува уставната гаранција даноците да се утврдуваат само со закон.

Уставот, конкретно членот 33, утврдува обврска секој да плаќа данок и други јавни давачки за да учествува во јавните расходи на државата. Како што се гледа оваа обврска се однесува на секого, што значи како на државјаните на Република Македонија, така и на странците да придонесуваат во создавањето на средствата на државата како би таа можела да ги врши своите функции. Оттука даночната политика претставува значаен облик на државната политика, во тој контекст и на утврдувањето на различните нејзини видови и во однос на различните области на општествениот живот во зависност од економскиот и политичкиот систем на Републиката како држава.

Тргнувајќи од ваквото сваќање Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од Законот затоа што и странците кои увезуваат опрема како свој основачки влог во претпријатието се задолжени да плаќаат данок на промет при увозот, односно Судот смета дека тоа е право на државата и во рамките на нејзините овластувања да воведе ваков вид данок, што пак не ја исклучува можноста преку даночната политика да влијае стимулативно или обратно односно на зголемување, намалување или неплаќање на ваков вид данок. Тоа што основачкиот влог во некоја подоцнежна прилика може да биде повлечен од странското лице одредбата не ја прави неуставна од причина што даночната обврска, како и при увоз на други производи, настанува со увозот, а тоа што опремата може да биде наменета за основачки влог во некое претпријатие е само намера која во моментот на настанувањето на обврската не е од значење за даночната обврска.

Исто така, не е од влијание на овој вид данок што некои производи при увозот се ослободени од плаќање на царински давачки од причини што се во прашање различни видови давачки кои егзистираат во фискалниот систем автономно и како такви се уредени со посебни закони.

Од друга страна и Уставот на странските вложувачи им го гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал, како и правата стекнати врз основа на вложениот капитал да не можат да се намалуваат со закон и друг пропис, што значи дека, тие при увозот, односно при настанувањето на обврската за плаќање на данокот на промет се еднакви со граѓаните на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.77/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков