75/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9-в став 2 алинеја 1 и член 42 став 3 алинеја 1 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011 и 51/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата со оспорените одредби се ограничувало по сила на закон правото на едно лице да ја врши функцијата член на професионален спортски клуб и член на управните тела на тие клубови како и правото на материјален надоместок за стекната категорија на спортист и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Оттука, формулацијата на оспорените одредби била недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Од оспорените одредби произлегувало дека осудуваноста за било кое сторено кривично дело и без оглед на времето кога лицето било осудено е причина лицето трајно да не може да биде член на професионалниот спортски клуб или член на управниот одбор на тој клуб како и тоа дека и категоризираниот спортист ги губел правата на материјален надоместок за стекнатата категорија.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид уставните одредби на член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и содржината на оспорените законски одредби, во конкретниот случај станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон, а не по сила на конкретна судска одлука, како што би требало да биде.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 9-в став 2 алинеја 1 од Законот, членови на професионалните спортски клубови и членови на управните тела на професионалните спортски клубови не можат да бидат лица кои со правосилна одлука се казнети за кривично дело со казна затвор во траење од најмалку шест месеци.

Во член 42 став 3 алинеја 1 од Законот се предвидува дека категоризираниот спортист ги губи правата на материјален надоместок за стекната категорија, ако со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку шест месеци.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признативо меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во член 14 став 1 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 47 став 5 од Уставот, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот како поединец и на државта во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.

Со Законот за спортот се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста спорт заради остварување на јавниот интерес во надлежност на Република Македонија, општините и Градот Скопје, стопанисувањето со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, општините и Градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).

Според член 2 од Законот, спорт, во смисла на овој закон, е дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности и на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните.

Во член 3 став 1 од Законот се предвидува дека дејноста спорт ја вршат спортските здруженија и други правни лица во областа на спортот.

Оспорениот член 9-в е поместен во Глава II од Законот со наслов: „Вршење на дејност спорт“.

Од анализата на содржината на оспорените членови 9-в став 2 алинеја 1 и 42 став 3 алинеја 1 на Законот, јасно произлегува дека станува збор за професионални спортски клубови и членови на управните тела на професионалните спортски клубови како и за категоризиран спортист од државен ранг. Оттука, оспорената формулација тие лица да не можат да бидат членови на наведените клубови ниту на управните тела, доколку со правосилна одлука се казнети за кривично дело со казна затвор во траење од најмалку шест месеци, според Судот, не е во спротивност со уставните одредби на кои се посочува во иницијативата.

Имено, ова од причина што, токму со ваквата регулатива тенденцијата на законодавецот е да го уреди статусот на професионалните спортисти и професионалните спортски клубови и нивната функција во однос на националните спортски федерации. Оттука, се наметнува потребата на нивното континуирано присуство во спортските клубови и управните органи, односно тела, а со цел на непречено вршење на дејноста спорт, за која со Уставот во член 47 став 5, Републиката има обврска да го поттикнува и помага спортот, како посебен,односно специфичен вид на дејност.

Во насока на ова прашање се и одредбите од меѓународните конвенции во спортот, кој Република Македонија ги ратификувала, особено, меѓународните документи за спречување на насилство на спортските терени и борбата против допингот во спортот, кој спортистите, стручните лица и функционери, времено или доживотно ги исклучува од активности во клубови, федерации и меѓународни асоцијации, доколку се утврди нивно учество и вина. Како примери во меѓународниот спорт се среќава забрана за учество на спортски натпревари, вршење на стручна работа или функционер во одреден спорт.

Во конкретниот случај, според Судот, не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувјаќи го овој дел од наведените законски одредби.

Според Судот условот наведен во оспорените одредби, всушност произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена оваа казна,без оглед на фактот што истата не го прецизира видот на казнивото дело. Тоа, со други зборови,значи дека лицето во овој случај наведената функција не може да ја врши, не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот, односно поради неговата физичка спреченост за обавување на дејноста.

Во овој случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, за што нема уставен основ, туку за услов кој во секоја конкретна ситуација треба да биде земена предвид од страна на надлежниот орган при одлучувањето.

Според член 35 од Законот за спорт,спортистите сениори,државјани на Република Македонија,врз основа на постигнати резултати во одреден временски период,се стекнуваат со следниве категории: спортист од светска категорија, спортист од меѓународна категорија и спортист и државна категорија. Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула.

Во член 38 од истиот закон се предвидува дека спортисти кои се стекнале со спортска категорија од членот 35 на овој закон, имаат право на материјален надоместок и други видови награди.

Оспорениот член 42 став 3 алинеја 1 од законот предвидува дека категоризираниот спортист ги губи правата на материјален надоместок за стекнатата категорија ако со правосилна пресуда е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење најмалку од шест месеци.

Од анализата на содржината на наведениот член од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека во истиот се предвидени условите кога категоризираниот спортист го губи правото на материјален надоместок, но не и стекнатото право на спортска категорија. Имено, користењето на правата остварени согласно Законот за спорт е временски ограничено (член 39), што значи дека категоризираниот спортист може повторно, со исполнувањето на условите предвидени во Законот за спорт, да се стекне со правото на материјален надоместок што значи дека истиот не го губи трајно правото на материјален надоместок.

Предвид на направената уставно-судска анализа, според Судот оспорениот член 9-в став 1 алинеја 1 и член 42 став 3 алинеја 1 од Законот за спорт, се во согласност со Уставот на Република Македонија, односно со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2012
17 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски