У.бр.74/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот бр.09-580 од 24.06.2015 година за неприфаќање на барање од Јулијана Иванова за разрешување од член на Управниот одбор на Музејот „Теракота“-Виница.

2. Емил Дончев, во својство на градоначалник на општина Виница до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека на 02.06.2015 година Јулијана Иванова, директор на Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“-Виница до Советот на Општината Виница поднела барање за разрешување од вршење на задачите член на Управниот одбор на Музејот. Советот на Општината Виница со оспорениот заклучок одлучил да не го прифати барањето.

Градоначалникот на Општината, поаѓајќи од членот 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, сметајќи дека донесениот Заклучок не е во согласност со Уставот и законите, донел Решение бр.10-580/2 од 30.06.2015 година за запирање на објавување на оспорениот заклучок.

Советот на Општината Виница на ден 16.07.2015 година го разгледал вака донесеното решение од страна на градоначалникот и донел Одлука бр.09-628 од наведениот датум за неприфаќање на Решението за запирање на објавувањето на спорниот заклучокот, по што Градоначалникот постапил согласно членот 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа и ја објавил вака донесената одлука.

Имајќи предвид дека оспорениот заклучок не бил во согласност со членот 18 од Законот за спречување на судир на интереси, градоначалникот на општина Виница смета дека Јулијана Иванова не можела понатаму да биде член на Управниот одбор на Музејот, од кои причини се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот, а по тоа донесување на одлука за негово поништување или укинување.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општината Виница, постапувајќи по барањето на Јулијана Иванова бр.09-528 од 02.06.2015 година, врз основа на член 36 став 1 точка 15 Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 21 став 1 точка 43 од Статутот на Општината Виница, на 29-та седница одржана на 24.06.2015 година го донел оспорениот заклучок за неприфаќање на нејзиното барање за разрешување од член на Управниот одбор на Музејот „Теракота“-Виница.

Во барањето Јулијана Иванова навела дека поради вршење на функција директор на Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“-Виница бара да биде разрешена од вршењето на задачите како член на Управниот одбор на истиот музеј.

Во членот 1 од оспорениот заклучок е наведено дека барањето на Јулијана Иванова не се прифаќа, а во членот 2 од Заклучокот е определено дека овој заклучок влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Виница“.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Од називот и содржината на оспорениот заклучок неспорно произлегува дека е поединечен акт со кој не се прифаќа барањето на Јулијана Иванова за нејзино разрешување од конкретна должност, од каде оспорениот заклучок нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не може да биде предмет на уставно-судска оцена.

Со оглед на тоа што оспорениот заклучок не е пропис туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинејата 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.74/2015
14 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева