74/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011).

2. Благој Јовановски од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 18 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член се вршело дискриминација и се ставале во нерамноправна положба лицата кои имале завршено Воена академија. Дискриминацијата се состоела во тоа што во чин потпоручник се произведувало лице кое имало завршено Воена академија според планот и програмата на воената академија која траела 4 години со што лицето се стекнувало со 240 кредити според ЕКТС. Отука според подносителот согласно став 3 на оспорениот член 18 од Законот за изменување и дополнување овие лица би требало да бидат унапредени во чин поручник.

Со произведувањето во чин потпоручник по завршувањето на Воената академија која е стручно специјализирана за работа во Армијата на Република Македонија се омаловажувала институцијата Воена академија. Потпоручниците најмалку требало да поминат две години во овој чин за да стекнат услови за унапредување во чин поручник. Под истите услови лицата од ставот 3 од членот 18 се унапредувле во чин поручник и биле во предност од две години во однос на потпоручниците кои имале завршено Воена академија.

Оттука, подносителот смета дека оспорениот член би требало да се поништи и да остане решението од член 45 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија пред извршените измени.

3. Судот на седницата утврди дека според член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата во членот 45 ставови 1 и 2 се менуваат и гласат:

(1) Во чин потпоручник се произведува лице кое има завршено Воена академија.
(2) Во чин потпоручник во соодветен род или служба се произведува лице со високо образование со стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС и кое ќе заврши стручно оспособување и усовршување за офицери.

По ставот 2 се додава нов став 3 кој гласи:

(3) Во чин поручник во соодветен род или служба се произведува лице со високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и кое ќе заврши стручно оспособување и усовршување за офицери.

Ставот 3 станува став 4.

4. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уведување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот се еднакви.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија ( Службен весник на Република Македонија бр.36/2010 и 23/2011 ) се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со служба во Армијата.

Согласно член 3 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Воениот персонал опфаќа: а) активен воен персонал (воен старешина – офицер и подофицер и професионален војник; б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука (војник на доброволно служење на воениот рок, лице на стручно оспособување и усовршување за офицер односно подофицер и питомец на Воената академија и в) активен резервен персонал (лице од резервен состав на Армијата поставено на должности согласно со актот за формација на Армијата).

Во членот 31 од Законот се утврдени општите услови кои треба да ги исполнува лице кое може да биде примено на служба во Армијата како офицер односно подофицер и професионален војник.

Во членовите 32, 33, 34, 35, и 36 од Законот се утврдени посебни услови за прием на офицер, подофицер и професионален војник.
Во член 42 став 1 алинеја 5 од Законот поместен во делот „Чинови на воениот персонал“ е предвидено дека чинови на активниот воен персонал – офицери се : потпоручник, поручник, капетан, мајор, потполковник, полковник …… и генерал на Армијата.

Во Глава VI „Произведување на офицери и подофицери во почетен чин, односно во членот 45 кој е изменет со оспорениот член 18 од Законот за изменување и услови на Законот за служба во Армијата на Република Македонија е предвидено дека :

(1) Во чин потпоручник се произведува лице кое има завршено Воена академија.

(2) Во чин потпоручник во соодветен род или служба се произведува лице со високо образование со стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС и кое ќе заврши стручно оспособување и усовршување за офицери.

По ставот 2 се додава нов став (3) кој гласи:

(3) Во чин поручник во соодветен род или служба се произведува лице со високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и кое ќе заврши стручно оспособување и усовршување за офицери.

Ставот 3 станува став 4.

Според член 61 од Законот, поместен во глава VIII „Унапредување на воениот персонал на служба во Армијата“ е предвидено дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, ако во чинот што го има пoминал најмалку: во чин потпоручник две години, во чин поручник три години, во чин капетан пет години, во чин мајор четири година, во чин потполковник четири години, во чин полковник четири години и во генералски чин две години.

По исклучок од ставот 1 на овој член, офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин една година порано од времето пропишано во став 1, доколку два пати последователно е оценет со оцена пет и со степенот особено се истакнува, по сите критериуми од член 52 на овој закон.

Според член 5 од Законот за Воена академија (“ Службен весник на Република Македонија” бр.83/2009 ) одредбите на Законот за високото образование и Законот за научно истражувачка дејност соодветно се применуваат и на Академијата, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009 и 115/2010), односно во член 94 е предвидено дека првиот циклус на универзитетски студии по правило трае три до четири години и со неговото завршување лицето се стекнува со 180 односно 240 кредити. Овие студии ги оспособуваат студентите за влез во вториот циклус на универзитетски студии и им се дава можност за вработување на одредени стручни работни места.

Според член 8 од наведениот закон на Академијата се остваруваат студии од прв, втор и трет циклус на студии и стручни студии. На Академијата се остварува и стручно оспособување и усовршување на лица со завршен прв циклус на студии за потребите на Армијата.

Според член 32 од Законот за воената академија, питомецот кој ќе заврши прв циклус на студии за потребите на Министерството и Армијата се произведува во чин потпоручник од соодветен род и се прима на работа во Министерството, во согласност со актот за систематизација на работните места во Министерството и актот за формација на Армијата.

Според член 25 став 1 од наведениот закон прием на лица за стручно оспособување и усовршување со завршен прв циклус на ст
удии за потребите на Армијата се врши со јавен конкурс кој го објавува Академијата.

По завршувањето на стручното оспособување и усовршување за потребите на Армијата, лицето се произведува во чин потпоручник од соодветната служба и родот авијација и стапува на работа во Министерството , во согласност со актот за систематизација на работните места во Министерството и актот за формацијата на Армијата.

Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба, Законот за воената академија и Законот за високото образование наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека со оспорената одредба не се доведуваат во прашање начелото на еднаквост односно не се врши дискриминација на лицата со завршена Воена академија во однос на лицата со високо образование кои имаат стекнато 180 односно 240 кредити и завршено стручно оспособување и усовршување. Имено, целта на законодавецот со наведеното законско решение не била да ги доведе во нееднаква положба лицата со завршена Воена Академија во однос на лицата со завршено високо образование со стекнати 180 кредити и завршено стручно оспособување и усовршување, туку овие лица со високо образование, да ги вклучи во процесот на трудот за потребите на Армијата и тие како и лицата со завршена Академија да добијат почетен чин потпоручник.

Исто така, Судот смета дека со предвидувањето дека почетен чин поручник добива лице со завршено високо образование кое има стекнато 240 кредити или завршено VII/1 степен и кое ќе заврши стручно оспособување и усовршување за офицери не се доведува во нееднаква положба лицето со завршена Воена Академија, од причина што лицата кои завршиле високо образование и се стекнале со 240 кредити надвор од Воената Академија нужно треба да се оспособат и усовршат определен период на Воената Акедемија. Од друга страна, лицето со завршена воена академија согласно системот за унапредување на воениот персонал (член 61) може да се стекне со чин поручник и пред истекот на рокот од две години, односно може да се унапреди предвреме по истекот на рок од 1 година како потпоручник ако при оценувањето покаже резултати повисоки од предвидените.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека право е на законодавецот да утврди под кои услови и кој степен на образование односно колку кредити е потребно за произведување на офицери и подофицери во почетен чин за лицата кои образованието го стекнале на другите високообразовни институции односно надвор од Воената Акедемија, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 18 со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на кое се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2011
21 септември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски