74/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 7 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уста-вноста на членот 17-б став 1 алинеа 5 од Законот за лизинг („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2002, 49/2003, 13/2006 и 88/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на делот: „и трошковник за работата на Комисијата за посредување“ од членот 17-в став 9 во од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбите од Законот за лизинг означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 17-б став 1 алинеа 5 од Законот за лизинг не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Ова од причина што станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица на осуда за прекршок, која за жал, настапувала по сила на закон, а не како прекршочна санкција која можела да се изрече со конкретна судска одлука или одлука на определен надлежен орган, што не било така во случајот. Воедно, подносителот на иницијативата предлага Судот при одлучувањето да го има предвид членот 17-б став 1 алинеа 6 од Законот.

Откако го цитира член 17-в став 9 од Законот, подносителот на иницијативата се надоврзува на содржината на членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите што ги донесувал министерот не можело за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишуваа надлежност на други органи. Потоа, по однос на оспорениот дел од одредбата предлага да се имаат предвид членовите 116 до 125 од Законот за општата управна постапка. Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеа 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 17-б став 1 алинеа 5 од Законот, член на Прекршо-чната комисија може да се разреши, меѓу другото, ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука.

Според членот 17-в став 9 од Законот, Министерот за финансии донесува деловник за работа и трошковник за работа на Комисијата за посредување. Висината и видот на трошоците утврдени со трошковникот се утврдуваат врз основа на реалните трошоци што ги има Прекршочниот орган заради обезбедување на работа на Коми-сијата за посредување. Одредбата се оспорува во делот: „ и трошко-вник за работа на Комисијата за посредување.“

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законо-давна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 1 од Законот за лизинг го уредува начинот и условите на вршење на лизинг со подвижен и недвижен предмет, како и правата и обврските на страните во договорот за лизинг. Според членот 1-а од Законот, на договорите за лизинг соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, доколку со овој закон не е поинаку уредено. Според членот 1-б од Законот, одредбите од овој закон што се однесуваат на добивање дозвола за финансиски лизинг, рок за отпочнување со склучување на договори за финансиски лизинг, сметководство и извештаи, надзор, мерки и одземање на дозвола за финансиски лизинг не се однесуваат на банките основани во Република Македонија. Во членот 1-в од Законот е определено дека, на давателите на финансиски лизинг се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Според членот 16 ставови 1 и 2 од Законот, министе-рството за финансии врши надзор на давателите на финансиски лизинг и тоа преку вонтеренско следење на работењето на дава-телите со прибирање и анализи на извештаите и податоците што давателите ги доставуваат до Министерството за финансии и непосредна контрола кај давателот.

Според членот 17-а став 1 од Законот, за прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Министерството за финансии (во натамошниот текст Прекршочен орган). Прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред Прекршочниот орган ја води комисијата за одлучување по прекршокот (во натамошниот текст Прекршочна комисија), формирана од вработени лица во Прекршочниот орган кои ги именува министерот за финансии (став 2). Министерот со подзаконски акт го определува потребниот степен на стручна подготовка и работното искуство на членовите на Прекршочната комисија (став 3). Членовите на Пре-кршочната комисија се избираат за времетраење од пет години со право на реизбор (став 4). За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник со положен правосуден испит (став 5). Прекршочната комисија донесува деловник за својата работа кој претходно е одобрен од министерот за финансии.

Во членот 17-б од Законот, меѓу другото се пропишани случаите кога може да се разреши член на Прекршочната комисија, во кои спаѓа и оспорената алинеа 5, според која до разрешување може да дојде ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука, како и во иниција-тивата спомената алинеа 6, според која до разрешување може да дојде ако членот на Комисијата не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија.

Врз основа на анализата на цитираните одредби од Законот произлегува дека членовите на Прекршочната комисија се лица вработени во Министерството за финансии, именувани од министерот за финансии со манадат од пет години и право на реизбор. Истите, согласно членот 3 од Законот за државните службе-ници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 108/2005-пречистен текст, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009 и 114/2009) имаат статус на државни службеници.

Кривичната, прекршочната или пак дисциплинската одговорност на државните службеници за сторени повреди на службената должност, како и последиците што можат да ги трпат заради таквата состојба се определени во соодветни закони.

По однос, пак, на осудата за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави лицето недостоен за државен службеник и за вршење на службата, овој Суд во решение У.бр.95/2004 од 20 октомври 2004 година утврдил дека не е во несогласност со Уставот кога како посебна причина за престанок на работниот однос на државниот службеник законодавецот ја предвидел конкретната состојба предизвикана од самиот вработен како сторител на кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од членот 3 на Законот за државните службеници, а сметано со денот кога на тоа лице му е врачена правосилната пресуда.

Со оспорената законска одредба, според гледиштето на Судот, јасно е утврден причинскиот однос на забраната на врабо-тениот да продолжи да биде во работен однос поради постоење на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека државниот службеник сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност или друго кривично дело кое го прави недостен за државен службеник. Според тоа, Судот заклучил дека оспорената законска одредба прецизно утврдува дека за престанок на работниот однос на државниот службеник првенствено се поаѓа од постоење на правосилна пресуда на судот со која е осудено лицето кое е во работен однос како државен службеник за кривично дело во врска со службената должност, а не препушта на претпоставки за сторено кривично дело. Оттаму, оспорениот дел (“ако е осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од член 3 од овој закон, со денот на врачувањето на правосилната пресуда”) членот 81 од Законот за државните службеници регулира одредена состојба како причина за престанок на работниот однос на државниот службеник што е право на законодавецот со закон да пропише извесни критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на органите во кои државните службеници ги вршат надлежностите пропишани со закон.

Врз основа на наведеното, произлегува дека последицата од сторено кривично дело од страна на државниот службеник и неговата осуда со правосилна пресуда во Законот за државни службеници има третман на уставно оправдана причина за престанок на работниот однос на државниот службеник, односно законодавецот не го повредува Уставот кога за државните службеници пропишал извесни критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на органите во кои државните службеници ги вршат надлежностите пропишани со закон.

Со цел да се утврди каква е прекршочната одговорност на членовите на комисијата и какви последици можат да сносат во таков случај се имаше предвид и содржината на членот 10 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 69/2006-исправка), според кој, службеното лице во државен орган (во нив припаѓаат и членовите на наведената прекршочна комисија) и во орган на единица на локална самоуправа е одоговорно лице ако прекршокот го извршило во рамките на своите службени овластувања или ако при вршење на службените овластувања ги пречекорило истите.

Анализирајќи го оспорениот член 17-б став 1 алинеа 5 од Законот за лизинг, а имајќи го во предвид цитираниот член 10 од Законот за прекршоци, Судот оцени дека со оспорената одредба се уредува една од можните причини за разрешување на член на Комисијата поради прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со пречекорување или повреда на службена должност, а кое нешто се утврдува со правосилна пресуда. Во ваков случај, како и кај стореното кривично дело и осудата со правосилна пресуда спрема државен службеник, според Судот, законодавецот пропишува, исто така, извесни критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на органите во кои државните службеници ги вршат надлежностите пропишани со закон. Разликата се состои во тоа што за сторен прекршок може, но не мора да дојде до престанок на членувањето во Комисијата, но во никој случај не доаѓа до губење на статусот на државен службеник.

Тргнувајќи од фактот што Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008 и 139/2008) во членот 101 став 1 и 2 и членот 102 утврдил дека правните последици од осудата се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, настапуваат само кога за кривично дело на сторителот му е изречена казна затвор, сметано со денот на правосилноста на пресудата и се состојат во забрана на стекнување на определени права, но не подолго од десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а имајќи ја предвид изнесената анализа на законските одредби Судот оцени дека во овој случај не може да стане збор за правни последици на осудата кои настануваат по сила на закон како што погрешно смета подносителот на иницијативата.

Поаѓајќи од наведеното, како и од фактот дека утврде-ното, со правосилна пресуда, прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка во никој случај не доведува до губење на статусот на државен службеник произлегува дека законодавецот во овој случај не пропишува ограничување на правата или забрана на стекнување на права кои настануваат надвор од правосилната пресуда, туку едноставно нормирал, една од можните причини за престанок на членувањето во Комисијата. Притоа, од значење е и тоа што законодавецот се определил за можност за престанок на членувањето, но не и за обврска министерот за финансии, по автоматизам, да го разреши членот на Комисијата, секогаш кога ќе биде со правосилна пресуда утврдено прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка, односно тоа што од влијание за разрешувањето се фактичката и правна состојба на секој конкретен случај. Според тоа министерот за финансии во остварувањето на својата надлежност да именува, но и да разрешува членови на Комисијата спроведува дел од прекршочната постапка утврдена со закон, со што во крајна линија се обезбедува владеењето на правото како уставен принцип утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека не се исполнети условите за оценување на нејзината уставност, по однос на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот. на кои се темели поднесената иницијатива.

Неисполнувањето на обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија од алинејата 6 од членот 17-б став 1 од Законот, поради која може да дојде до разрешување уредува сосема друга правна ситуација од оспорениот алинеа 5 од наведената одредба, односно се однесува на ситуациите кои значат дисциплинска повреда.

Поаѓајќи од наведеното произлегува дека оспорениот член 17-б став 1 алинеа 5 од Законот за лизинг, како јасно уредена норма, која не предвидува правни последици на осудата што настапуваат по сила на закон е во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот. По однос на барањето за оценување на уставноста на истата одредба од Законот за лизинг во иницијативата не се содржани конкретни причини за нејзината несогласност со член 8 став 1 алинеа 4, член 9 став 2 и член 23 од Уставот.

6. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот.

Според членот 15 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причини за нивното оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.

Според членот 28 алинеа 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучу-вање по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што во иницијативата се цитира оспорениот член 17-в став 9 од Законот за лизинг, се означува оспорениот дел од оваа одредба, потоа се цитира членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на управата („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008) со цел покренување на постапка за оценување на согласноста на оспорениот дел од Законот со повеќе уставни одредби, без да се наведе ниту една причина за неговата неуставност, Судот одлучи иницијативата во овој дел да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски