74/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-7033 донесена од Управниот одбор на “Бетон” АД Скопје.

2. Драгољуб Богдановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што тоа не било во согласност со Уставот, Законот за работни односи, општиот колективен договор и Колективниот договор за градежништво, индустрија, градежни материјали и проектирање на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ГП “Бетон” АД Скопје на седницата од 13 септември 1996 година врз основа на новите прописи за пресметување на личните примања и минималните нето саатни ставки на работниците во Деташираниот погон на ГП Бетон АД во Германија ја донел оспорената одлука. Во одлуката е предвидено дека исплата на дел од вкупните примања што се врши во Македонија (30%) во денарска противвредност, се менува во исплата на режиска плата на работникот за работно време спрема саатите во Германија, а по ставка што работникот ја има во Македонија.

Останатата исплата (70%) како и другите податоци (теренски и слично) остануваат во се како во досегашниот начин на пресметка Одлуката да се применува од 1.07.1996 година.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспорената одлука на акционерското друштво не е пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот на Република Македонија таа не е погодна за уставно судска оцена, поради што Судот не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.74/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков