74/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 став 1 и член 20 став 1 алинеја 2 од Законот за рибарството (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Претпријатието “Водостопанство Пелагонија-Хидромелиоративен систем Стрежево” од Битола, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се определувало Владата на Република Македонија да одлучува на кого ќе го дава на користење рибниот фонд во акумулациите во кои може да се организира стопански риболов и корисникот да плаќа определен надоместок за тоа користење иако рибниот фонд во акумулациите не претставува добро од општ интерес за Републиката, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 56 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, со член 1 од Законот за концесија и со членовите 2, 4 став 4 и 9 став 2 од Законот за рибарството.

3. На седницата Судот утврди дека, според член 16 став 1 од Законот, рибниот фонд во акумулациите од член 13 став 2 алинеја 4 на овој закон (тоа се акумулации кои ги исполнуваат законските услови за организирање стопански риболов), Владата на Република Македонија го дава на користење на претпријатието кое управува со односната акумулација, доколку ги исполнува условите утврдени во член 15 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон (тие услови се: претпријатието да презема мерки за подобрување, заштита и зголемување на рибниот фонд; претпријатието да има најмалку еден работник со VII/1 степен на образование од соодветна насока; и претпријатието да има потребна опрема за вршење риболов) или на друго правно лице врз основа на понуда. Понатаму, Судот утврди дека, според член 20 став 1 алинеја 2 од Законот, корисниците на рибниот фонд плаќаат надоместок за стопански риболов во акумулациите во висина од 5% од вредноста на уловената риба. Наведениот надоместок се плаќа до десеттиот ден во месецот за претходниот месец и е приход на републичкиот буџет, а со намена за унапредување на рибарството (член 20 став 2 од Законот).

4. Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Согласно став 3 од истиот член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според тоа, со Уставот се определува дека, покрај другото, и сиот животински свет (што значи и рибниот фонд во акумулациите во кои може да се организира стопански риболов) претставува добро од општ интерес за Републиката (став 1 на член 56), па со закон може да се уреди начинот и условите на нивното отстапување на користење (став 3 на член 56).

Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се уредува начинот и условите на отстапување на користење на рибниот фонд во акумулациите како добро од општ интерес за Републиката, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата за несогласноста на членовите 16 став 1 и 20 став 1 алинеја 2 од Законот за рибарството со член 1 од Законот за концесија и со членовите 2, 4 став 4 и 9 став 2 од Законот за рибарството, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за меѓусебна согласност на два закона, ниту за меѓусебна согласност на одредби од ист закон.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.74/96)