73/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за придонесот за користење на градско земјиште на подрачјето на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.6/87, 28/87, 15/89, 4/91 и 4/94).
2. На Устанвиот суд на Република Македонија, Коста Кирков, Коле Стефановски и Јордан Бојаџиев од Битола му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, а аргументацијата за нејзината неуставност и незаконитост се темели на тврдењето дека плаќањето на придонесот за користење на градежното земјиште било паралелно со плаќањето данок на имот за истите недвижности.
3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека Уставниот суд со Решение У.бр.161/94 од 25 октомври 1994 година не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука од точката 1 од ова решение, поради тоа што оцени дека има уставна и законска основа собранието на општината со своја одлука да ја утврди висината и начинот на плаќањето на надоместоците за употреба и за уредување на градежното земјиште.
4. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал и не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.73/95).