У.бр.72/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 66 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012).

2. Ацо Спасовски и други од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 28 од Законот за енергетика.

Како причина за оспорување на оспорената одредба се наведува дека при донесувањето на членот 66 од Правилникот за снабдување со топлинска енергија, Регулаторната комисија ги надминала своите овластувања дадени во членот 28 од Законот за енергетика на Република Македонија, бидејќи не ја почитувала Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.148/2008 од 04.02.2009 година.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 66 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија се наведува дека со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.

Во ставот 2 од Правилата, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

Според ставот 3 од Правилата, снабдувачот е должен да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективни објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година.

Во ставот 4 е определено дека трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот Суд на Република Македонија со Решение У.бр.197/2012 од 11 септември 2013 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 53 ставовите 1 и 2, член 54 и член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012).

Во решението меѓу другото се наведува дека во однос на прашањето за ретроактивното дејство на член 66 од Правилата, кое се поставува со една од иницијативите, Судот имаше предвид дека и за ова прашање Уставниот суд се произнел со Решението У.бр. 125/2012 година. Имено, Судот утврдил дека со член 66 став 1 од Правилата, кој е систематизиран во главата 15. Преодни и завршни одредби, се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.

Според ставот 2 на овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

Тоа значи дека со овие одредби се воведува задолжителна обврска за сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување, во еден преклузивен рок да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, а во спротивно се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.

Поаѓајќи од ваквата цел на одредбите, кои по својата природа се преодни одредби кои имаат темпорален карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена (01.10.2012 година), Судот оценил дека оспорените одредби ја исцрпеле својата содржина и дејство и веќе не се во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Со новодоставената иницијатива се оспорува уставноста на членот 66 од Правилата во целина, а не само ставот 1 и 2, како што е во Решението У.бр.125/2012. Имајќи предвид дека и одредбата од став 3 на овој член предвидува обврска за снабдувачот да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективните објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година, произлегува дека и оваа преодна одредба има исто така темпорален карактер кој се исцрпел по определениот краен рок за негова примена (01.09.2012 година), поради што и оваа одредба, исто како и одредбите од став 1 и став 2 на истиот член, ја исцрпела својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок. Ставот 4 од членот 66 се однесува на тоа дека трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот, од каде произлегува дека одредбата е во зависност од ставот 1 на членот и не може самостојно да опстојува и дека ја следи правната судбина на ставот 1.

Поради наведеното, Судот оцени дека членот 66 ја исцрпел својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од причина што во конкретниов случај нема нови и дополнителни аргументи за оспорениот член од Правилата зошто е во спротивност со Законот за енергетика и Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2015
23 септември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева