72/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 1 алинеја 1 и член 30 став 1 алинеја 2 и став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членовите 27 став 1 алинеја 1 и 30 став 1 алинеја 2 од Законот биле несогласни со Уставот затоа што како посебен услов за прием на офицер, односно професионален војник во Армијата бил предвиден отслужен воен рок во Армијата со оружје.

Членот 30 став 3 од Законот се оспорува затоа што предвидувал прием на професионален војник да може да се изврши и без јавен оглас.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 27 став 1 алинеја 1 од Законот за офицер во служба во Армијата може да биде примено и лице со високо образование кое е воен обврзник – офицер во резервниот состав на Армијата, доколку покрај општите услови од член 25 на овој закон, исполнува и посебен услов, односно има отслужено воен рок во Армијата со оружје.

Член 30 став 1 алинеја 2 од Законот предвидува дека за професионален војник на служба во Армијата се прима лице кое покрај општите услови од член 25 на овој закон, исполнува и посебен услов, односно има отслужено воен рок во Армијата со оружје.

Во член 30 став 3 од Законот е предвидено дека по исклучок од став 2 на овој член, ако тоа го бараат потребите на службата и по мислењето на претпоставениот старешина на должност командант на баталјон и нему рамен или повисок воен старешина, прием на професионален војник може да се изврши и без јавен оглас, со склучување на договор за работа со војникот веднаш по отслужувањето на воениот рок доколку ги исполнува општите и посебните услови за прием на професионален војник.

4. Согласно член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Ставот 5 на овој член од Уставот упатува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори.

Врз основа на оваа упатна норма е донесен Законот за служба во Армијата на Република Македонија, кој според мислењето на Судот не го повредува начелото на еднаквост на граѓаните воопшто, а не го повредува ниту начелото на достапноста на работното место под еднакви услови.

Од содржината на ставот 2 на член 32 од Уставот според кој “секому под еднакви услови му е достапно секое работно место”, се наметнува прашањето дали истиот треба да се толкува во буквална смисла на зборот и со тоа да се изедначат регрутот кој го служел воениот рок со оружје и оној кој го служел (поради верски убедувања) воениот рок без оружје, па според тоа офицер во служба на Армијата и професионален војник да може да биде лице кое го служело воениот рок без оружје.

Според мислењето на Судот ваквото изедначување не е можно од причина што овој вид регрути се еднакви во однос на нивните права и обврски за време на служењето на воениот рок (право на плата, отсуство и сл.), но кога станува збор за офицер или професионален војник во служба на Армијата, со предвидувањето можноста овој вид регрути да извршуваат вакви функции во Армијата, всушност би се повредило начелото на еднаквоста на граѓаните во смисла на еднаквата достапност на работните места под еднакви услови.

Со други зборови, според Судот воениот обврзник кој се определил за служење на воен рок без оружје поради верски убедувања всушност сам си го определил својот статус (во однос на вработувањето во Армијата) и како таков тој не ги исполнува посебните услови кои законодавецот ги определил.

Поаѓајќи од функцијата на Армијата која се организира, подготвува и оспособува за водење на вооружена борба и други борбени дејствија под команда на Генералштабот на Армијата и професионалните војници и воени старешини, Судот оцени дека овој вид на воени дејствија можат да ги извршуваат само лица кои воениот рок во Армијата го отслужиле со оружје, и како такви се оспособени за извршување на воени (вооружени) дејствија.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбите од членовите 27 став 1 алинеја 1 и 30 став 1 алинеја 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Во однос на прашањето за прием на професионален војник на служба во Армијата на Република Македонија без јавен оглас, Судот утврди дека ставот 2 на член 30 од овој закон предвидува прием на професионален војник во служба во Армијата да се врши врз основа на јавен оглас, што значи дека законодавецот во принцип го предвидел јавниот оглас како инструмент за прием во служба во Армијата.

Меѓутоа, во наредниот став од овој член, законодавецот предвидел исклучок, односно засновање на работен однос со професионален војник без јавен оглас кога тоа го бараат потребите на службата и по мислењето на претпоставениот старешина на должност командант на баталјон и нему рамен или повисок воен старешина.

Од оваа одредба произлегува дека приемот на професионалниот војник без јавен оглас законодавецот го условува со кумулативно исполнување на два услови: 1) ако потребите на службата тоа го бараат и 2) постоење на мислење од претпоставениот старешина.

Според Судот, ваквото законско решение е согласно со член 32 став 2 од Уставот во смисла на можноста секому под еднакви услови да му биде достапно секое работното место.

При заземањето на овој став, Судот се раководеше од фактот дека Армијата со своите вооружени сили ги штити територијалниот интегритет и независноста на Републиката, односно има обврска за одржување на постојана борбена готовност и грижа за безбедноста на граѓаните на Републиката, што го оправдува исклучокот во оспорената одредба во ситуации кога не постои временска можност за спроведување постапка за прием на професионален војник по пат на јавен оглас, приемот да се изврши по итна постапка.

Од тие причини Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбата од член 30 став 3 од Законот за служба во Армијата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.72/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова