72/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Друштвото за посредување во осигурување”Полиса” од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение. Иницијативата е поднесена затоа што законската одредба определувала работодавецот да ги обезбедува средствата за паричните надоместоци на инвалидите на трудот со преостаната работна способност, што значело тие два пати да плаќаат средства за иста намена (еднаш, придонес, а втор пат надоместок на платата), со што се повредувала темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се повредувало правото на соодветна заработувачка на работодавецот и на неговите вработени утврдено во член 32 став 3 од Уставот така што на местото на инвалидот морало да се вработува ново лице, потоа се префрлала обврската на Републиката од член 35 став 1 на Уставот (таа да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните) на работодавецот и се создавала нееднаква правна положба помеѓу субјектите на пазарот спротивно на член 55 став 2 од Уставот, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со наведените уставни одредби.

3. На седницата Судот утврди дека член 7 став 1 од Законот бил предмет на оценување пред Судот, од наведените аспекти. Притоа, Судот одлучи да не поведе постапка затоа што утврди дека, според член 34 од Уставот, со закон (и со колективен договор) се определува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, а тоа, покрај другото, според мислењето на Судот, значи законодавецот да може да ги определи субјектите кои ќе ги обезбедуваат средствата за остварување на правото на паричните надоместоци на работниците со преостаната работна способност.

Понатаму, Судот смета дека сега нема основи за поинакво одлучување од она што е порано одлучено.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба била предмет на оценување од наведените аспекти, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата пропишани во член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.72/97)