7/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на насловот “Престанок на судиската функција со навршување на 64 години” и член 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” брoj 60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015 и 61/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010).

3. Тодор Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точките 1 и 2 од решението.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 73 став 1 алинејa 3 од Законот за судовите, оспорениот наслов: “Престанок на судиската функција со навршување на 64 години” и оспорениот член 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9, член 32, член 34 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата по цитирање на содржините на погоре наведените уставни одредби, содржините на оспорените одредби од законите, како и со наведување на содржини од Одлука на Уставниот суд У.бр.124/2008 од 14.01.2009 година, со која се поништени член 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008) и член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008), бара поништување на сега оспорените одредби од законите со предлог за донесување на Решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од Законот за судовите и Законот за судскиот совет на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот наслов “Престанок на судиската функција со навршување на 64 години” и оспорениот член 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, судиската функција престанува со навршување на 64 години (став 1). Советот престанокот на судиската функција согласно со ставот 1 на овој член со решение го констатира на првата наредна седница (став 2).

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор (став 5).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со точката 1 на Амандманот XXVI на Уставот заменет е ставот 3 на членот 99 од Уставот на Република Македонија. Според ставот 1 алинеја 3 од наведениот Амандман на Уставот, на судијата му престанува судиската функција, меѓу другото, ако ги исполни условите за старосна пензија.

Тргнувајќи од анализата на точката 1 на Амандманот XXVI на Уставот, произлегува дека уставотворецот определил уставен основ за престанок на судиската функција, помеѓу другото и со исполнување на условите за старосна пензија.

Условите за стекнување на старосна пензија се уредени со членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 173/2015 и 217/2015), според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Според оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

По повод претходно поднесена иницијатива, Судот веќе се произнел за уставноста на оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008 и 150/2010), односно со Решение У.бр.53/2015 од 16.03.2016 година, не повел постапка за оценување на уставноста на наведениот член од Законот за судовите, бидејќи оценил дека тој не е во спротивност со одредбите на Уставот.

Судот во образложението на Решението, повикувајќи се на одредби од Уставот и закони како и погоре наведените по овој предмет, го изразил следното правно мислење:

Анализата на оспорената одредба од Законот за судовите покажува дека во истата е предвиден престанок на судиската функција, со навршување на 64 години старост.

Ваквата законска уреденост во оспорената одредба егзистира во правниот поредок по интервентната одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.124/2008 од 14 јануари 2009 година, со која Судот ги поништи членот 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008) и членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008).

Имено, претходната формулација: „условите за старосна пензија“ во оспорените одредби, според ставот на Судот, доведувала до нееднаква правна положба на јавните обвинители, односно судиите во зависност од нивниот пол, бидејќи овозможувала престанок на јавнообвинителската и судиската функцијата на жените со навршени 62 години живот, во однос на мажите со навршени 64 години живот. Целосната имплементација на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, особено по однос на нивниот пол, според Судот води кон тоа жените и мажите да имаат исто уставно право, под исти услови да извршуваат јавна функција и под исти основи таа функција да им престане. Ова од причина што Уставот не дозволува полот да биде основ за вршење на функцијата, туку само стручноста, компетентноста и одговорноста на вршителите на јавна функција.

Оттаму, повикувањето во иницијативата на Одлуката на Судот У.бр.124/2008 од 14 јануари 2009 година е несоодветно. Истото се однесува и на решението У.бр.114/2014 од 1 април 2015 година со кое Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи. Имено, станува збор само за основано сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, што значи дека не е донесена конечна одлука на Судот, а од друга страна начинот на кој постапката ќе заврши не е од значење за формирањето на став по однос на проблематиката што се третира во овој предмет.

Ова од причина што членот 104 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015 и 33/2015) во целина гласи: „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено. Оттаму, цитираниот член 104 став 2 од Законот за работните односи, на кој се повикува подносителот на иницијативата има супсидијарна примена во случаите кога со друг закон истата проблематика поинаку е уредена, како што е случајот со Законот за судовите.

Судот смета дека оспорената одредба не може да биде оценувана по однос на нејзината согласност со членот 32 ставови 1, 2 и 5 од Уставот, бидејќи одредбата не се однесува на правото на работа, слободниот избор на вработување, заштита при работа или достапност на работното место, кои одредби наоѓаат одраз при остварувањето на правото на вработување, но не и при престанокот на судиската функција со навршување на 64 години живот. Од друга страна, тоа што престанокот на судиската функција е уреден со оспорената одредба е во согласност со членот 32 став 5 од Уставот, бидејќи токму оваа уставна одредба предвидува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредат со закон и со колективен договор.

Судот врз основа на направената анализа оценил дека оспорената одредба е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот.

Имајќи предвид дека Судот веќе ја ценел и одлучувал за уставноста на членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Следствено на уредувањето со член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, законодавецот го уредил и оспорениот наслов “Престанок на судиската функција со навршување на 64 години” и оспорениот член 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, според кој судиската функција престанува со навршување на 64 години (став 1), односно дека Советот престанокот на судиската функција согласно со ставот 1 на овој член со решение го констатира на првата наредна седница.

Со оглед дека оспорениот наслов и оспорениот член од Законот за судскиот совет на Република Македонија, се во врска со уредувањето со член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, за кој како што е погоре наведено, Судот веќе се произнел за неговата согласност со одредбите на Уставот, Судот оцени дека и во конкретниот случај оспореното уредување со членот 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, вклучително и оспорениот наслов, не може да се доведат под сомнение по однос нивната согласност со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата, од истите причини изразени во погоре наведеното правно мислење на Судот по предметот У.бр.53/2015, кога Судот оценил дека престанокот на судиската функција на судијата со навршување на 64 години старост, не е во спротивност со одредбите на Уставот.

6. Со оглед на погоре изнесеното, Судот оцени дека во однос на оспорениот наслов “Престанок на судиската функција со навршување на 64 години” и оспорениот член 50 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот, а во однос на оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во тој дел, бидејќи за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од решението.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2016
25 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева