7/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 96 од Колективниот договор за средно образованиe, склучен од Синдикатот за образование, наука и култура на Република Македонија и Министерс-твото за образование и наука на 28 ноември 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

2. Димко Миленков и Теофил Томановиќ, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбата од Колективниот договор означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 226 од Законот за работните односи, каде било предвидено дека времетраењето на важноста на склучен колективен договор било ограничено со рок кој изнесувал до две години, за разлика од дерогираниот Закон за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993) во кој со одредбите од членот 85 се утврдувала можноста за склучување на колективен договор на неопределено време.

Во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на наведената одредба и да се донесе одлука која би имала едукативен карактер и со која би се надминала состојбата во практиката во однос на времетраењето на важноста на колективните договори на ниво на гранка, односно оддел согласно Националната класификација на дејности во Република Македонија, бидејќи во практиката имало и други колективни договори кои исто така содржеле одредби во однос на определувањето на времето на важење и дадениот рок го надминувал лимитот од две години односно истите биле склучени на неопределено време или за време од пет или три години.

3. Судот на седницата утврди дека во член 96 од Колективниот договор се определува дека колективниот договор се склучува на неопределено време.

4. Согласно Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12 и 39/12), во Глава XIX. со наслов “Колективни договори”, во член 206 став 1 од Законот, се определува дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните, односи или во врска со работните односи. Според став 2 од истиот член, правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој закон, се применува колективниот договор.(став 2)

Во членот 226 од Законот, се определува дека Колективниот договор, може да се склучи на определено време за период од две години, со можност за продолжување, со писмена согласност на страните на договорот.

Според член 227 од Законот, “колективен договор склучен на определено време престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен” (став 1). “Важењето на колективниот договор може да престане и со спогодба на сите учесници или со откажување, на начинот утврден со колективниот договор“(став 2).

Согласно членот 228 од Законот, “кога важењето на колективниот договор се продолжува со спогодбата на страните на договорот, спогодбата се склучува најдоцна 30 дена пред истекот на важењето на колективниот договор. Според став 2 од истиот член ”Ако со колективниот договор поинаку не е определено, по истекот на рокот на кој е склучен колективниот договор, неговите одредби и понатаму се применуваат до склучувањето на нов колективен договор”(став 2).

Од изнесените законски одредби произлегува дека со колективен договор се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, во врска со правата од работен однос, при што одредбите содржани во колективниот договор се применуваат директно и задолжителни се за сите лица на кои се однесува (член 206 од Законот). Исто така, законодавецот остава на договорните страни сами да го определат времето на важењето на колективниот договор, со тоа што, ако договорните страни одлучат да го склучат колективниот договор на определено време (член 226 став 1 од Законот), законодавецот ја уредува таа материја така што го определува времето на престанување на важењето (член 227 ставови 1 и 3 од Законот) и начинот на продолжување на колективниот договор-писмена согласност на договорните страни (член 226 од Законот) и спогодба која се склучува меѓу договорните страни најдоцна 30 дена пред истекот на важењето на колективниот договор, па одредбите од колективниот договор се применуваат до склучување на нов колективен договор (член 228 став 1 и 2 од Законот). Но, таквите законски одредби не значат дека колективните договори не може да се склучат на неопределено време.

Од друга страна, колективен договор склучен на неопределено време, како во конкретниот случај, не значи дека безконечно време во иднина важат правилата од колективниот договор и дека не можат да се менуваат, туку значи дека во моментот на склучувањето на Колективниот договор договорните страни не го ограничиле неговото време на важење, но можат да ги менуваат договорните правила во секое време кога ќе се согласат меѓу себе за тоа, како и кога ќе настанат промени на законските одредби кои се однесуваат на прашања опфатени со одредбите од Колективниот договор.

Имајќи ги во предвид таквите законски одредби, Судот оцени дека определувањето во член 96 од Колективниот договор, тој да важи неопределено време, не е во несогласност со наведените одредби од Законот за работните односи.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, д-р Наташа Габер- Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.7/2012
20 март 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски