7/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на плата, додатоци на плата и надоместоците на определени трошоци на лица на служба во странство и упатени во мировни и хуманитарни операции надвор од Република Македонија, број 01-5589/1 од 29.10.2007 година, донесен од министерот за одбрана.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, министерот за одбрана немал законско овластување да го донесе оспорениот правилник. Имено, Правилникот бил донесен врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој министерот донесува правилници и други видови акти за извршување на законите и другите прописи само кога за тоа изречно е овластен со закон, меѓутоа со ниту еден закон во Република Македонија, министерот за одбрана не бил овластен да го донесе оспорениот правилник. Оспорениот правилник не бил во согласност ни со член 61 став 1 од истиот закон, според кој со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи, што за жал не било случај со овој правилник.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат само со закон и со колективен договор, а не со правилник, како во случајов, што значело дека со тоа бил повреден и член 96 од Уставот.

Освен тоа, овој правилник бил во спротивност и со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“, а не бил објавен ниту во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

При одлучувањето за основаноста на иницијативата, подносителот предлага да се имаат предвид и Законот за упатување лица во меѓународни мисии и во меѓународни организации („Службен весник на Република Македонија“, бр. 150/2007) и Законот за посебните права на учесниците во мировните операции и операциите за колективна одбрана надвор од територијата на Република Македонија и на членовите на нивните семејства („Службен весник на Република Македонија“, бр. 67/2009).

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 алинеите 1, 3 и 4, член 32 ставовите 3 и 5, член 51, член 52 ставовите 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на устваноста и законитоста на Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека министерот за одбрана, врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, донел Правилник за утврдување на плата, додатоци на плата и надоместоците на определени трошоци на лица на служба во странство и упатени во мировни и хуманитарни операции надвор од Република Македонија, број 01-5589/1 од 29.10.2007 година.

Правилникот содржи 51 член, распоредени во следниве тематски целини: основни одредби; плата на лицата на служба во странство; додатоци на плата; надоместоци на трошоци; плата, додатоци и надоместоци на плати на учесници во мировни и хуманитарни операции надвор од Република Македонија и преодни и завршни одредби.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Согласно член 186 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009), кој бил во сила во време на донесување на оспорениот правилник, воени претставници на Република Македонија во странство се воените аташеа и членовите на воените мисии во странство со чин мајор и повисок. Овие воени претставници имаат дипломатски статус. Министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, во меѓународни организации или во меѓународни воени единици. Поблиски прописи за работата на воените претставништва на Републиката во странство донесува министерот за одбрана.

Согласно член 187 од истиот закон, воените претставници во странство и воените и цивилните лица од член 186 на овој закон, имаат право на плата и надоместоци на плата согласно со прописите за плата и надоместоците на плата на вработените во дипломатско-конзуларните и другите претставништва на Републиката во странство.

Според член 188 став 2 на овој закон, професионален војник и воен старешина кој учествува во хуманитарни операции и мировни мисии надвор од територијата на Републиката има право на плата согласно со прописите за плата и надоместоците на плата на вработените во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Републиката во странство и право на бесплатно сместување и исхрана.

Вработените во дипломатско – конзуларните и други претставништва на Република Македонија во странство остваруваат право на плата согласно одредбите на Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006 и 107/2008). Според член 75 на овој закон, платата на дипломатско-конзуларен службеник на работа во дипломатско – конзуларното претставништво се утврдува, пресметува и исплатува во странска валута, врз основа на основиците за секоја земја одделно и коефициентот по звање. Вредноста на коефициентот за утврдување на основиците годишно се определува врз основа на “Листата на индекси на малопродажните цени за животните трошоци” која ја објавуваат надлежните органи на Организацијата на Обединетите нации за земјите на акредитација и други релевантни околности. Платата на дипломатско-конзуларниот службеник на работа во дипломатско-конзуларните претставништва се утврдува со коефициент од 2,80 до 4,50. Платата на стручно-административниот државен службеник на работа во дипломатско-конзуларните претставништва, се утврдува со коефициент од 2,00 до 2,60.

Според член 76 став 1 на истиот закон, дипломатско-конзуларниот службеник на работа во дипломатско-конзуларно претставништво има право на додаток на платата во следниве случаи: за вршител на работите; за придружба на брачниот другар/лицето од вонбрачна заедница,согласно со закон; за обемот и сложеноста на работата и за вршење на задачи во отежнати услови на работа, како што се воени услови, кризни ситуации, елементарни непогоди и тешки климатски услови. Според став 2 на истиот член, на дипломатско-конзуларниот службеник на работа во дипломатско-конзуларното претставништво му се признава надоместок на определени материјални трошоци, и тоа: за изнајмување на стан; за школување на деца за основно и средно образование; за превоз до и од работа и други надоместоци утврдени со позитивните законски прописи на Република Македонија. Според став 3 на овој член, сo акт на Владата се уредува начинот и постапката за утврдување на платите, додатоците на плата и надоместоците на определени трошоци во дипломатско- конзуларното претставништво.

Во меѓувреме, донесен е нов Закон за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 36/10 и 23/2011). Според член 199 став 1 од овој закон, воени претставници на Републиката во странство се одбранбени и воени аташеа и членови на воените мисии во странство претставувани од воен и цивилен персонал, согласно со актот за систематизација на Министерството за одбрана. Според став 3 на истиот член, министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина или цивилен персонал да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, штабови и во други меѓународни организации и меѓународни воени единици. Согласно став 5 на овој член, висината на платата, додатоците на платата и другите надоместоци на лицата од ставовите 1 и 3 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.

Според член 200 став 1 од истиот закон, на воениот и цивилниот персонал кој учествува во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Републиката, придонесите се пресметуваат и уплатуваат врз основа на платата утврдена на денот на упатувањето. Според став 2 на истиот член, воениот и цивилниот персонал од ставот 1 на овој член има право на надоместок за учество во хуманитарни или мировни опрерации надвор од територијата на Републиката. Согласно став 3 на овој член, висината на надоместоците од ставот 2 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.

Видно од одговорот на иницијативата доставен до Уставниот суд од страна на Министерството за одбрана (акт бр. 13-100/3 од 16.03.2011 година), во Министерството за одбрана во завршна фаза, односно пред донесување е нов правилник со кој на сеопфатен начин ќе се уреди прашањето на платите и надоместоците на плати и други примања на воените претставници на Републиката во странство и на воените старешина или цивилниот персонал кој врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, штабови и во други меѓународни организации и меѓународни воени единици, согласно новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија.

Оспорениот правилник е донесен врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Од содржината на оспорениот правилник, произлегува дека со правилникот всушност се операционализираат наведените одредби од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и Законот за надворешни работи, во функција на определување на платите, додатоците на плата и надоместоците на определени трошоци на воените и цивилните лица од Министерството за одбрана на служба во странство и упатени во мировни и хуманитарни операции надвор од Република Македонија.

Тргнувајки од содржината на оспорениот правилник во целина, според Судот, со овој правилник само се доуредуваат одредени прашања кои се однесуваат на вработените во Министерството за одбрана додека извршуваат служба во странство, што на овој правилник му дава карактер на интерен акт на Министерството за одбрана и не претставува пропис донесен од министерот за одбрана за вршење на јавни овластувања утврдени со закон.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, односно не содржи општи норми на однесување, не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, истиот не е подобен за уставносудска оцена, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.7/2011
6 април 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски