Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 2 точка 6 од Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита, донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 2 точка 6 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки (член 33 од Уставот) и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат механизми за нивно исполнување, пропишувањето на ограничувачки услов, и тоа со подзаконски акт, како што било сторено со оспорената одредба – да не може здравствената установа да склучи договор за обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица во болничката здравствена заштита која не ги платила придонесите за задолжително здравствено осигурување, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми, што уставно и законски не било дозволено, поради што со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, Законот за здравственото осигурување и членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствени услуги на здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита и за обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица во болничката здравствена заштита Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фонд) склучува договори со здравствените установи.
Договорите од став 1 на овој член се склучуваат доколку здравствената установа ги исполнува следните критериуми:
1) да укажува здравствени услуги што се во рамките на дејноста за која е регистрирана согласно Законот за здравствена заштита;
2) да постојат услови за вршење на соодветна дејност (простор, опрема и кадри);
3) да има утврден план и програма за обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица;
4) да има утврден финансиски план на потребните средства за обезбедување одреден вид и обем на здравствени услуги на осигурените лица;
5) да се вклопува со потребите на населението на подрачјето на здравствената установа;
6) да се платени придонесите за задолжително здравствено осигурување; (оспорен дел)
7) да негува добри деловни односи.
Договорите од став 1 и 2 на овој член Фондот ги склучува, доколку има утврдени средства во буџетот на Фондот за таа намена, по доставена понуда за склучување на договор придружена со потребна документација, со важност на договорот за тековната година.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008 и 6/2009) се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување (член 1).
Според член 2 на овој закон, „здравственото осигурување се установува како задолжително и доброволно. Задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон. Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување“.
Согласно член 3 на истиот закон, „задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фонд). Доброволно здравствено осигурување можат да спроведуваат друштва за осигурување основани според прописите за осигурување“.
Според член 37 на овој закон, средства за задолжителното здравствено осигурување се обезбедуваат од:
1) придонеси од:
– платите и надоместоците на платите на вработените,
– пензиите и надоместоците од пензиското и инвалидското осигурување,
– самовработените лица;
– средства за невработените лица и
– средствата на другите обврзници на придонес;
2) дополнителен придонес за случај на повреда на работа и професионално заболување;
3) учество на осигурениците;
4) буџетот на Републиката;
5) камати и дивиденда;
6) подароци, легати и
7) други приходи.
Согласно член 49 став 1 од овој закон, Фондот врши контрола на пресметувањето и уплатувањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување за сите обврзници на придонес.
Согласно член 63 од истиот закон, Фондот, врз основа на начелата на ефикасно, ефективно и економично користење на средствата ги покрива трошоците за:
1) здравствените услуги опфатени во основниот пакет на здравствените услуги што здравствените установи ги пружаат на осигурените лица;
2) лекови, помошни медицински материјали кои служат за примена на лековите и санитетски материјал потребен за лекување, утврдени со општ акт;
3) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства, утврдени со општ акт;
4) парични надоместоци;
5) инвестициони вложувања за создавање и подобрување на условите за укажување на здравствени услуги на осигурените лица;
6) вршењето на функцијата на Фондот;
7) дел од мерките и активностите за спроведување на превентивните и други програми за лекување одредени болести, како и за хендикепираните лица, согласно со Законот за здравствената заштита и
8) други потреби за спроведување на задолжителното здравствено осигурување.
Согласно член 5 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008), придонесот за здравствено осигурување спаѓа во групата на придонеси за задолжително социјално осигурување. Според член 6 став 3 од овој закон, средствата собрани по основ на здравствено осигурување, како задолжителното социјално осигурување, се приход на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Според член 17 став 1 од овој закон, придонесите ги пресметува, задржува и уплатува обврзникот за пресметка и уплата на придонеси при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок.
Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека придонесот за здравствено осигурување претставува придонес за задолжително социјално осигурување кое обврзникот за пресметка и уплата на придонеси го уплаќа во корист на Фондот за здравствено осигурување при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок, поради што овие средства се главен извор на приход на Фондот, кој е единствена финансиска институција овластена за спроведување на задолжителното здравствено осигурување за сите граѓани на Република Македонија. Фондот во рамките на планираните средства, за секоја година утврдува план и програма за здравствените услуги кои се финансираат од средствата на задолжителното здравствено осигурување.
Според член 68-а од Законот за здравственото осигурување, Фондот е купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица. Во зависност од потребите за здравствените услуги и утврдените средства за таа намена во буџетот на Фондот, Фондот купува здравствени услуги за што склучува и раскинува договори со здравствените установи.
Согласно член 69 на истиот закон, „Фондот со општ акт утврдуваа критериуми за склучување на договори со здравствените установи за купување на основните здравствени услуги од овој закон, начинот на склучувањето на договорите и за начинот на плаќањето на здравствените услуги според:
– бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита;
– цени на завршени здравствени услуги во специјалистичко- консултативна здравствена заштита,
– цени на здравствени услуги групирани во ДСГ во болничка здравствена заштита за акутна нега на хоспитализирани болни;
– утврдените цени на здравствените услуги;
– програмите за одделни видови здравствена заштита, односно услуги;
– утврдените средства во Буџетот на Фондот по намени и
– други критериуми.
Министерот за здравство дава согласност на општиот акт од став 1 на овој член“.
Врз основа на наведеното, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, донел Правилник за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита. Со член 3 од овој правилник, Фондот ги утврдил критериумите за склучување договор со здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита, при што, во оспорениот став 2 точка 6 на овој правилник, како критериум од кој зависи склучувањето на договорот, го утврдил и редовното плаќање на придонесите за задолжително здравствено осигурување од страна на здравствената установа која сака да склучи договор со Фондот.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека пропишувањето на критериумот од оспорениот член 3 став 2 точка 6 од Правилникот значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми за обезбедување наплата на придонесот за задолжително здравствено осигурување, што уставно и законски не било дозволено, се неосновани.
Ова од причина што обврската за уплата на придонесот за здравствено осигурување е утврдена со закон, таа е задолжителна за сите осигуреници утврдени со закон, а обврзник за уплата на придонесот е работодавачот. Тоа значи дека работодавачот, односно во конкретниот случај установата која врши болничка здравствена заштита, како работодавач за своите вработени, придонесот за здравствено осигурување за вработените го пресметува, задржува и уплатува при секоја исплата на плата или дел од плата или надоместок на плата, под закана за прекршочна одговорност. Редовно уплатениот придонес за здравствено осигурување е основ за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување – обезбедување на основни здравствени услуги и исплата на парични надоместоци утврдени со закон.
Во оваа смисла, Судот оцени дека условувањето за склучување на договор на установата со Фондот, со редовно плаќање на овие надоместоци за своите вработени, е во функција на заштита на правата од работен однос на вработените во установата, утврдени со закон, кои фактички ја пружаат потребната здравствена услуга, што од друга страна значи гаранција за непречено остварување на дејноста на установата, односно пружање болничка здравствена заштита на осигурениците кои редовно ги плаќаат своите законски обврски за здравствено осигурување. Станува збор за законски утврдена обврска, со законски утврдена динамика на уплата, односно реализација, поради што, Судот смета дека со оспорената одредба не се утврдува изворно ниту обврска, ниту начин на извршување на таа обврска, туку само уште еднаш се нагласува значењето на законски утврдената обврска, имајќи предвид дека од овие средства се финансира работата на Фондот, но и работата на установата, односно тие се услов за обезбедување континуирана здравствена заштита, што е во рамките на законските решенија во сферата на здравственото осигурување.
Тргнувајќи од тоа дека оспорениот правилник е подзаконски акт донесен врз основа на членот 69 од Законот за здравственото осигурување и претставува операционализација на законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со Законот за здравственото осигурување, со членовите 55 став 1 и 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Воедно, Судот оцени дека со оспорената одредба од Правилникот не се повредуваат ниту член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.7/2009
27 мај 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски