71/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 и член 47 став 3 точка 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009, 72/2010 и 171/2010).

2. Данило Божовиќ и адвокатот Рајко Божовиќ од Подгорица до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива со која ги оспоруваат членовите 13 став 2 и 49 став 3 точка 2 од пречистениот текст на Законот, а во суштина тоа се членовите 11 став 2 и 47 став 3 точка 2 од основниот текст на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителитет на иницијативата одредбите од член 11 став 2 и член 47 став 3 точка 2 од Законот биле неуставни од причина што биле дискриминаторски што било во спротивност со член 29, 30 и 54 од Уставот на Република Македонија како и со Протоколот број 12 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во важечките прописи за наследување во Република Македонија невозможно е да постои одредба според која директниот наследник на оставителот нема право на оставина од причина што нема државјанство на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 од Законот, право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници на денот на влегување во сила на овој закон според прописите за наследување (барател).

Според оспорениот став 2 на овој член барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на влегување во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.

Според член 47 став 1 од Законот, постапката за денационализација се поведува на предлог на барателот (барање).

Во оспорениот став 3 точка 2 на член 47 е предвидено дека кон барањето од ставот 1 на овој член, покрај другото се поднесува и доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на влегување во сила на овој закон.

4. Во натамошната постапка е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.35/2002 од 10 април 2002 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 во делот „на денот на влегување во сила на овој закон и член 47 став 3 точка 2 во делот „стекнато до денот на влегување во сила на овој закон“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998 и 31/2000).

Во образложението на наведеното решение Судот го истакнал следното:

Според член 8 став 1 алинеја 1, 6 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Правата на барателот за денационализација и неговото место и улога во постапката за денационализација се конкретно утврдени со одредбите на Законот за денационализација, а особено со членовите 5, 11, 11-а, 45 до 63 од Законот и член 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација.

Во конкретниот случај не е спорно дека барател на денационализација може да биде лице кое е државјанин на Република Македонија, меѓутоа спорно е дали тоа лице за да може да ги остварува правата што произлегуваат од Законот за денационализација, државјанството требало да го стекне на денот односно до денот на влегувањето во сила на законот (7 мај 1998 година).

Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со донесувањето на Законот за денационализација, државата всушност ја исполни својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици и дека предмет на денационализација е имотот (кој се враќа, односно за кој се дава надомест) одземен по 2 август 1944 година, врз основите утврдени со член 1-а од Законот. Притоа, јасно е определено дека барател за денационализација може да биде поранешниот сопственик односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување и дека тоа лице треба да е државјанин на Република Македонија. Определбата на законодавецот, таквото лице државјанството да го стекнало на денот, односно до денот на влегување во сила на овој закон е негово право и со него не се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и еднаквата положба на граѓаните пред Уставот и законите, ниту се ограничува правото на сопственост и наследување. Таквата определба на законодавецот под еднакви услови се однесува на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба. Покрај тоа, смислата на оспорената одредба има и процедурален карактер и има за цел да го уреди прашањето кој може да биде барател во покренување на постапката за денационализација, а не да го востановува или исклучува правото на сопственост и правото на наследување кое се остварува според прописите за наследување, па според тоа и правото на денационализација кое се остварува во постапката за денационализација.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со одредбите на член 11 став 2 и член 47 став 3 точка 2 во оспорените делови од Законот за денационализација не се повредуваат одредбите на Уставот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 31 од Уставот на Република Македонија, странско лице во Република Македонија може да стекне сопственост под услови утврдени со закон.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратфикувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби,наведената уставно судска практика од која јасно произлегува дека Судот се произнел по однос на оспорените членови,наспрема наводите од предметната иницијатива кои не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека исполнети се условите од членот 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата .

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од pretsedatelot na Sudot, Elena Goшevа и sudiite: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски,Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.71/2013
4 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева