71/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010).

2. Слободан Тошевски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 221 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, не било регулирано од кога ќе важи процентот од 0,5% определен во членот 221 од Законот, поради што законодавецот со тоа што не го регулирал ова прашање на примената на одредбата, дозволил наведениот процент да се пресметува само за корисници на пензија кои ќе заминат од службата, по 15 март 2010 година, како ден кога е влезен во сила Законот, а не и за оние кои претходно заминале во пензија и со тоа ќе се создадела нееднаквост на корисниците на пензија. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 221 од Законот, како несогласен со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и на членот 9 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот под наслов „Престанок на работниот однос“ (членови 218-223), е предвиден и членот 221, кој гласи:

„(1) Висината на пензијата од членот 220 став 2 на овој закон се утврдува во зависност на должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80%, се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
(2) Средствата за исплата на пензијата од ставот 1 на овој член до навршување на годините на живот за остварување на право на старосна пензија според прописите за пензиско и инвалидското осигурување, се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана.
(3) Правото на пензија од ставот 1 на овој член се остварува во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а согласно ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од содржината на наведените одредби од Уставот, произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Закон за служба во Армијата на Република Македонија, во делот под наслов „Престанок на работен однос“ со членовите 218-223 ги уредил прашањата за престанок на работниот однос на воениот и цивилен персонал во Министерството за одбрана.

Со членот 220 став 1 од овој закон е уредено дека на воен старешина-офицер, односно подофицер и цивилен персонал работниот однос им престанува по потреба на службата во Армијата кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата, односно поради промени во актот за систематизација на Министерството за одбрана кои предизвикуваат укинување на единицата, командата, штабот или укинување на формациското место, односно трансформација на организационите единици, во Министерството за одбрана, а воениот старешина офицер, односно подофицер и цивилен персонал во рок од 60 дена од денот на настанатите промени, нема можност да биде поставен на друго формациско, односно работно место, го одбие понуденото поставување, или не ги исполнува условите за унапредување во кариера, согласно со критериумите за унапредување на офицерскиот и подофицерскиот кор.

Во ставот 2 од овој член од Законот е уредено дека во случаите од ставот 1 на овој член на воениот старешина-офицер, односно подофицер и цивилен персонал, им се обезбедува стекнување на право на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата, без оглед на возраста, доколку не исполнува услови за старосна пензија.

Според ставот 6 од овој член од Законот, средствата за остварување на правото од ставот 2 на овој член се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана.

Со оспорениот член 221 од овој закон, висината на пензијата од членот 220 став 2, се утврдува во зависност на должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80% се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години (став 1), средствата за исплата на пензијата од ставот 1 до навршување на годините на живот за остварување на правото на старосна пензија според прописите за пензиското и инвалидското осигурување се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана (став 2), и правото на пензија од ставот 1 се остварува во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (став 3).

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, и од анализата на одредбите од оспорениот член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, неспорно е дека законодавецот предвидел начин на пресметување на висината на пензијата за лицата определени во законот, со намалување на пензиската основица во висина од 80% за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. Ова законско решение е во важност со стапување во сила на Законот, од 15 март 2010 година и ќе се пресметува за сите субјекти на кои според Законот се однесува и кои стекнале право на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата без оглед на возраста доколку не исполнуваат услови за старосна пензија. Имено, ова законско решение каде поранешниот процент од 1% е намален за 0,5%, важи за сите корисници според овој закон, односно воен старешина – офицер и подофицер како и цивилниот персонал кој бил во служба на Армијата, а не само за дел од нив кои се пензионирале под наведените услови по 15 март 2010 година. Впрочем, ниту во Законот има таква определба, а во случајов пресметувањето на висината на пензијата согласно оспорениот член 221 од Законот, е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи а тоа се односи кои се во тек. Во контекст на наведеново неспорно е и дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија определил од буџетот на Министерството за одбрана да се обезбедуваат средства за остварување на правото на пензија регулирано со одредбите од овој закон, а со тоа, следејќи го законскиот режим на оспорените одредби од законот, по 15 март 2010 година законодавецот го регулирал континуитетот на идното буџетско планирање на средства за оваа намена во Министерството за одбрана, за идните средства кои стасуваат за исплата со новиот процент на пензиската основица за воениот и цивилен персонал определен во овој закон без да се наруши законскиот режим на исплата на пензиски средства. Имено, овие законски одредби ќе се применуват единствено на онаа категорија лица кои веќе го оствариле правото на пензија или ќе го стекнат ова право по овој законски основ.

Од погореизнесеното Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не може уставно да се проблематизира оспорениот член 221 од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.71/2010
13 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски