71/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот „ и во Службата за воено здравство“ и член 2 точка 2 алинеите 7 до 16 од Одлуката за утврдување на должности во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови, бр. 19-857/1 од 28.02.2009 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, од содржината на оспорената одлука не се гледало дека истата била донесена по предлог на министерот за одбрана, како што налагал член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со што бил повреден наведениот член.

Освен тоа, оспорениот дел и оспорените алинеи не можеле да се подведат под вршење должности во трупа и под трупни услови, а дека тоа било така произлегувало од член 94 став 1 точка 2 под б) од истиот закон, според кој на осигурениците во Министерството за одбрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, и тоа: секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување во вршење работи на радиолошка, биолошка и хемиска заштита во лабораториски и полигонски услови, што ќе ги утврди министерот за одбрана. Според тоа, со оспорениот дел од Одлуката се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 34 и член 51 од Уставот и член 94 став 1 точка 2 под б) и точка 3 под б) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

При одлучувањето по оваа иницијатива, подносителот предлага Уставниот суд да ја има предвид и одредбата на член 152 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според кој додатокот на основната плата за вршење трупна служба припаѓа за служба во единици заклучно со бригада и се вреднува во бодови и тоа од 50 до 100 бода, во зависност од должноста, како и фактот дека во Република Македонија поодамна не постоеле команди на корпус, а не постоеле ниту воени установи во кои службата се вршела под трупни услови.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука, со оваа одлука се утврдуваат должностите во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во Службата за воено здравство, во кои службата се врши под трупни услови во Министерството за одбрана и во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, за чие вршење секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување.

Според член 2 точка 2 алинеите 7 до 16 од Одлуката, како должности од член 1 на оваа одлука се утврдуваат:

– работа во лаборатории и одделенија во Службата за воено здравство, надлежностите за кои за дијагностика и лечење се применуваат радиорендгенски и други зрачења штетни по здравјето и работа во Институтот за превентивна медицина и тоа:
– раководител на Одделение за радиологија;
– радиолог во Одделение за радиологија;
– главен радиолошки технолог, воедно ракувач на санитетски
материјални средства во Одделение за радиологија;
– радиолошки технолог во Одделение за радиологија;
– радиолошки техничар во Одделение за радиологија;
– физичар во Одделение за медицина на трудот;
– раководител на Одделение за превентивна медицина;
– главен медицински техничар во Одделение за превентивна медицина;
– ракувач на ИнМС и СнМС за институт за превентивна медицина.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредноста на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/07, 152/2008 и 161/2008) на осигурениците во Министерството за одбрана и на служба во постојниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери и гараѓански лица на служба на армијата) стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, и тоа: секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување за вршење должност во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови, а кои ги утврдува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за одбрана.

Врз наведениот законски основ, Владата на Република Македонија донела Одлука за утврдување на должности во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови. Со наведената одлука утврдени се должностите во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команди и во Службата за воено здравство, во кои службата се врши под трупни услови во Министерството за одбрана и постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, за чие вршење секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување.

Наводите во иницијативата дека од содржината на Одлуката не се гледало дека Одлуката била донесена по предлог на министерот за одбрана, со што бил повреден член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, Судот ги оцени како неосновани. Имено, видно од мислењето на Владата на Република Македонија доставено до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата ( бр. 19-1603/1 од 05.05.2009 година), министерот за одбрана до Владата на Република Македонија доставил предлог-одлука, која согласно Деловникот за работа на Владата на Република Македонија е разгледувана од надлежните комисии на Владата пред истата да биде донесена, за што кај надлежните служби во Генералниот секретаријат на Владата постојат соодветни записници, заклучоци и одлуки. Оттука, произлегува дека во постапката за донесување на оспорената одлука, постапено е во согласност со законскиот основ за нејзиното донесување, односно, истата е донесена по предлог на министерот за одбрана, што е во согласност со член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, поради што Судот не го постави прашањето за законитоста на постапката за донесување на Одлуката.

Судот, исто така, ги оцени како неосновани и наводите во иницијативата дека оспорените должности од Одлуката не можеле да се подведат под вршење во трупа и под трупни услови, како што тоа било сторено со Одлуката, затоа што во член 94 став 1 точка 2 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, било утврдено дека на осигурениците во Министерството за одбрана и на служба во постојниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери и гараѓански лица на служба на армијата) стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, и тоа секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување за вршење работи на радиолошка, биолошка и хемиска заштита во лабараториски и полигонски услуги, што ќе ги утврди министерот за одбрана. Ова затоа што Законот за пензиското и инавалидското осигурување направил јасна дистинкција кои должности потпаѓаат под режимот на член 94 став 1 точка 2 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, а кои должности потпаѓаат под режимот на член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инавалидското осигурување, при што оставил тоа да биде операционализрано од страна на Министерството за одбрана, односно Владата на Република Македонија, со донесување на соодветни акти, имајќи ја предвид спецификата на формацијата на Армијата на Република Македонија која ја пропишува Претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата. Имајќи го предвид наведеното, со оспорените алинеи на наведената одлука Владата, во соработка со Министерството за одбрана, ги конкретизирала должностите кои се вршат под трупни услови и кои поради нивната специфика се разликуваат од должностите на кои се вршат работи во врска со радиолошка, биолошка и хемиска заштита во лабораториски и полигонски услови, определувајќи ги како должности на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и тоа за секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности да се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување.

Уставниот суд оцени дека нема надлежност да преиспитува и оценува каква е формациската структура на Армијата на Република Македонија, поради што нема основ да се впушта во оцена на наводите во иницијативата дали во Армијата на Република Македонија постојат команди на корпус или воени установи во кои службата се врши под трупни услови.

Според член 152 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009), додатокот на основната плата за вршење трупна служба припаѓа за служба во единици заклучно со бригада и се вреднува со бодови и тоа од 40 до 100 бода, во зависност од должноста. Од наведената одредба произлегува дека со истата, во системот на плати и надоместоци на плати на професионалните војници и воените старешини во служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, кој е изграден со овој закон, се утврдува право на додаток на плата на овие лица.

Со член 94 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој е правен основ за донесување на оспорената одлука, се пропишуваат условите за стекнување и остварување на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување на осигурениците од одбраната, како определени категории осигуреници под посебни услови.

Оттука, произлегува дека со наведените закони се уредуваат различни права од сферата на социјалното осигурување на професионалните војници, воени старешини и цивилни лица на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, а Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната усогласеност на два закони, на што се упатува во иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека со оспорената одлука, Владата на Република Македонија, во рамките на своите уставни и законски надлежности, врши операционализација на законската одредба од член 94 став 1 точка 3 под б) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, поради што оцени дека со оспорените одредби на Одлуката не се повредуваат членот 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 34 и член 51 од Уставот и член 94 став 1 точка 2 под б) и точка 3 под б) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.71/2009
8 јули 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски