71/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценувње законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Планот за реализација на Урбанистичката единица 20 “Лисиче” – локалитет “Мите Богоевски” – Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/97).

2. СЕ ОТФРЛА барањето за спроведување на:

а) Одлуката за одлагање на извршувањето на урбанистичкиот план и плановите за реализација на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр. 139/63) и

б) Одлуката за утврдување подрачјето на кое може да се врши расчистување за изградба на Скопје и за пробивање на сообраќајници ( “Службен гласник на град Скопје” бр. 139/63).

3. Бранко и Менча Блажевски и Ѓорѓи и Стојна Стојчевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение и за спроведување на одлуките означени во точката 2 од ова решение.

Првата одлука се оспорува затоа што не била почитувана законската постапка за нејзиното донесување во поглед на излагањето на нацртот на планот на јавна анкета и неговиот идентитет. При тоа се наведува дека подносителите на иницијативата биле известени дека ќе се вршат измени на планот на друго подрачје, а не за она за кое се извршени со оспорената одлука, со што не им било овозможено да учествуваат во постапката за неговото донесување.

Одлуките означени во точката 2 од ова решение не се оспоруваат во поглед на нивната законитост, туку се бара Судот да наложи нивно спроведување.

4. На седницата Судот утврди дека нацртот на планот, како почеток на постапката, е утврден на 7 јуни 1996 година, на четириесет и четвртата седница на Собранието на град Скопје со заклучок бр. 08-1483/1.

На 16. 09. 1996, е одржана јавна расправа но од записникот бр. 100/92 од 2. 10. 1996 на Месна заедница “Лисиче” може да се види дека јавна расправа се одржала за донесување на Детален урбанистички план за населба Горно Лисиче – урбанистичка единица 69 и дел од урбанистичка единица 68, а не за урбанистичка единица 20.

Подоцна , Советот на Општина Кисела Вода во весникот “Вечер” објавува оглас дека од 13 до 27. 06. 1997 година во М.З.- населба Лисиче ќе биде изложен нацрт-планот за изменување и дополнување на планот за реализација на Урбанистичката единица 20 “Лисиче” (локалитет “Миле Богоевски”) – Скопје, но притоа не може да се утврди дека нацртот на планот повторно е утврдуван односно дека постапката се обновува комплетно, овој пат од Советот на Општина Кисела Вода, ниту постои извештај како официјален документ за спроведената анкета.

Оттука, Судот утврди дека нацртот на планот на кој се однесува оспорената одлука не е утврден од Советот на Општина “Кисела Вода”, ниту постои доказ дека јавната анкета, која била огласена, е воопшто спроведена.

5. Според член 22 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 – влегол во сила на 2 февруари 1996, бр. 28/97 и 18/99) општината од подрачјето на град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.

Согласно член 17 од Законот плановите од член 7 на овој Закон се изработуваат како нацрт и предлог план, а според став 3 по нацртот се спроведува јавна анкета.

Во член 52 став 1 и 2 од Законот е предвидено дека плановите за кои е започната постапка од страна на градот, ќе се донесат од општината за чие подрачје се донесува планот.

Во согласност со изнесеното постапката за донесување на плановите започнува со донесување акт на надлежниот орган, според одредбите од Законот што се во сила во тој момент.

Со оглед на тоа што е извесно дека нацртот на планот, како почеток на постапката за донесување на оспорената одлука односно план, е утврден во Собранието на град Скопје по влегувањето во сила на Законот (2.02.1996 година), а освен тоа и Советот на Општината нема никаков документ дека таа го утврдила нацртот на планот, Судот оцени дека може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените одредби од Законот.

Понатаму во член 18 од Законот се утврдени правилата за постапката за организирање на јавната анекта по нацртот на планот. Според став 1 и 2 на овој член таа трае 15 дена и се огласува во дневниот печат, а според став 3 министерството надлежно за работите на урбанизмот изготвуваше извештај со образложение за неприфатените забелешки од граѓаните, кој се доставуваше заедно со предлог планот на усвојување (по 1999 година овој извештај го изготвуваат општините односно градот).

Иако постои објава во дневниот печат дека нацрт-планот за урбанистичка единица 20 “Лисиче” се става на јавен увид, околноста што Општината ниту има документ за каков нацрт-план се работи, ниту има документ за постоење извештај за спроведена анкета, според мислењето на Судот, претставува причина за сомневање дека оваа фаза од постапката е воопшто спроведена. Поради тоа Судот смета дека може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука и со член 18 од Законот.

6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и колективните договори, но не и да одлучува за тоа дали одредени прописи треба да се применуваат или не. Со оглед на тоа што во дел од иницијативата се бара Судот да одлучува за спроведување на одлуките означени во точката 2 од ова решение, Судот оцени дека за таквото барање не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.71/2000
6 декември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов