71/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 49 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието за производство, промет и услуги “Ракон” ДОО Скопје, преку адвокатите Васил и Софка Наумовски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 49 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба содржела повратно дејство кое е понеповолно за граѓаните што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 49 став 5 од Законот, данокот на промет содржи во ненаплатените побарувања на денот на влегувањето во сила на овој закон, даночниот обврзник е должен да го плати најдоцна во рок од 5 дена, по истекот на 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Со член 52 став 4 од Уставот се уредува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за данокот на промет на производи и услуги целосно се уредени прашањата за оданочувањето во прометот на производи и услуги. Така, со одредбите на Глава II и III од Законот се уредува предметот на одданочувањето, даночниот обврзник, даночната основица, даночната стапка и даночното ослободување за данокот на проме на производи и за данокот на проемт на услуги. Понатаму, со Глава IV се уредува настанувањето на обврската за пресметување и плаќање на данокот на промет на производи и на данокот на промет на услуги, при што, со член 28 и дополнувањето на став 5 точка 1 од овој член на Законот, како и со член 49 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на промет на производи и услуги, се уредува и начинот на плаќање на данокот на промет на производи, во случај на ненаплатени фактури односно ненаплатени побарувања.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одредба, која по својот карактер е од преоден режим, се интерпретира односно појаснува начинот на плаќањето на веќе законски утврдената обврска за плаќање на данокот на промет на производи содржан во ненаплатените побарувања и дека со таа одредба не се востановува нов данок кој ретроактивно ќе се наплатува, според мислењето на Судот, таа одредба не содржи повратно дејство и не може да се зборува за повреда на принципот на забрана на повратното дејство, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.71/96)