70/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Централниот куќен совет на ул.„Партизанска“ бр.47, ул. „М.Андоновски бр.2, 4 и 6 и куќите на ул. Б.Буџевски, донесена на 14 октомври 2011 година.

2. Кирил Гагачев и други од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и 55 од Уставот на Република Македонија и во спротивност на Законот за енергетика. Имено, подносителите на иницијативата живеат во зграда во етажна сопственост која заедно со други згради е поврзана во систем на централно греење со кое стопанисува доносителот на оспорената одлука – Централниот куќен совет. Подносителите на иницијативата не биле корисници на парното греење, односно биле исклучени од системот, но и покрај тоа со оспорената одлука биле задолжени да плаќаат месечен надоместок и тоа 50% за оние кои живеат во становите, односно 35% доколку не живеат во становите. Подносителите сметаат дека ваквото задолжение било спротивно на Законот за енергетика бидејќи во него не била утврдена обврска за плаќање на надоместок од страна на лицата кои не се корисници на топлотна енергија. Во иницијативата се укажува и тоа дека Централниот куќен совет немал свој акт – Правилник за регулирање на ваков надоместок, кој е утврден само и единствено со оспорената одлука.

Поради наведените причини со иницијативата се бара оспорената одлука да биде поништена од страна на Уставниот суд. При тоа се посочува на Одлуката У.бр.1489/2008 со кој Судот укинал иста ваква одредба на Град Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека Централниот куќен совет на ул. „Партизанска“ бр. 47, ул. „М.Андоновски бр.2,4 и 6 и куќите на ул. Б.Буџевски, на одржаниот состанок на 14 октомври 2011 година донел одлука со следната содржина:

1. Грејната сезона да започне на 01.11.2011 год. и да трае до 31.03.2012 год.(ако има потреба, да се започне и порано).
2. ЦКС нема да испорачува топлинска енергија према зградите од у. М.Гинова и Б.Буџевски, поради нивната незаинтересираност за греење.
3. Сите станови ќе бидат задолжени со по 14,90кг мазут/м2 и тоа задолжение станарите ќе го плаќаат на шест рати.
4. Плаќањето ќе биде на следниот начин: една рата заклучно до 31.10.2011 год.(збир од паушалното плаќање за претходните шест месеци) и пет рати, во наредните пет месеца, според предлог пресметка за вкупно потребна количина на мазут за греење сезона 2011/2012, со усвоена цена на 1кг. мазут = 40 ден.
5. Во случај цената на мазутот да се менува, корекција ќе се направи во последната рата од пресметката, како би се исполнила обврската за задолжувањето од килограм мазут на секој потрошувач.
6. Станарите кои нема да плаќаат и спрема нив биде поведен судски спор, вкупната цена на греење ќе биде пресметана според највисоката набавна цена на мазутот во грејната сезона.
7. Становите кои ќе бидат исклучени од топлификациониот систем ќе плаќаат намален надоместок и тоа:
– кај становите во кои никој не живее, 50% надокнада од нормално загреванта површина,
– кај другите станови во кои се живее, 35% надокнада од нормално загреваната површина.
8. За секое дополнително приклучување на исклучените станови, пред грајната сезона, ќе се наплаќа приклучна такса, во износ од 700, 900 или 1200 ден, за еднособни; двособни или трособни станови.
9. За секое дополнително приклучување на исклучените станови, во текот на грејната сезона, ќе се наплаќа приклучна такса во износ од 5000 ден., како и целокупниот износ за греењето, до крајот на грејната сезона.
10. За секое дополнително исклучување по барање на станарите, во текот на грејната сезона, ќе се наплаќа такса за исклучување, во износ од 2000 ден.
11. Во секоја зграда да се избере по еден станар, по предлог на претседателот на ЦКС кои ќе ги собира месечните надоместоци и ќе ги уплаќа на жиро сметка на ЦКС, а за тоа истиот ќе биде награден со проивредност за греење на 20м2 грајна површина.
12. Во секоја зграда да се изберат по три члена за контрола на грејни тела, а ЦКС од нив да состави мешани комисии, кои најкасно до 15.12.2010 година ќе извршат контрола и ќе достават извештај до ЦКС.
13. За секое дополнително поставено грејно ребро ќе се плаќа дополнителни 1,20м2, а за поставена инсталација во бојлер, дополнителни 3м2
14. За организација на грајната сезона е задолжен претседателот Вилиам Ивановски и за истото ќе добие адекватна награда од 61.500 ден, плус надомоестокот за греење во неговиот стан.
15. Книговодството ќе се води од страна на „Владимир ДООЕЛ“ односно Блага Димитрова, со месечен надомест од 1000 ден.
16. Ракувачи во котларата да бидат Димов Драган и Николче Димитровски со месечна надокнада 12.000ден за извршената работа.
17. На котларот Димов Драган дополнително да му се исплаќа секој месец уште 900 ден. на име патни трошоци.
18. Членовите на ЦКС во исто време се и финансова контрола за работењето на ЦКС, а претседателот е должен на закажан состанок, да им дава финансов извештај, за претходниот месец работа.

Сите одлуки едногласно се донесени од членовите на Куќните совети кои се во исто време и надзорен огран на ЦКС и тоа. Следуваат имињата на претставниците на куќните совети, датум на одлуката и потпис на претседателот на Централниот куќен совет Вилиам Ивановски.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорената одлука донесена од Централниот куќен совет на зградите на наведените улици во општина Битола, произлегува дека таа претставува конкретен акт со кој Централниот куќен совет го уредил прашањето за испораката на топлинска енергија на точно определени згради кои се поврзани во заеднички систем на парно греење. Како таква таа има дејство само за субјектите, односно сопствениците на становите во зградите наведени во Одлуката, а не и за неограничен број на субјекти. Оваа одлука според оценката на Судот, нема карактер на пропис со кој на општ начин се уредуваат односи на неопределен број на субјекти и како таква таа не е подобна за уставно судска оценка. Со оглед на тоа што со Одлуката се создаваат имотно-правни односно финансиски обврски за субјектите, евентуално поништување на одлуката подносителите би можеле да бараат во постапка пред редовен суд надлежен за имотно-правни односи.

Поради наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.70/2012
18 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски