70/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 1 точка 8 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба претставувала облик на ограничување на правата и положбата на граѓаните како последица од осудуваноста за кривични дела, што било познато под поимот “правна последица на осудата”. Во иницијативата, исто така, се наведува дека со оглед на тоа што ограничувањето на правото на вршење јавен превоз со оспорената одредба настапува како правна последица на осудата по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекувал суд во рамките на видовите на казни, оспорената одредба не била во согласност со член 13 и 14, во врска со член 32 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата, одредбите од член 13 и 14 на Уставот утврдувале два принципи на казнено-правниот однос, кој се исцрпувал во релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состоеле во ограничувањето на правата на граѓаните кои не се допуштени, освен ако тоа не биле изречно утврдено со Уставот (член 54 став 1).

Во прилог на овој став подносителот на иницијативата посочува одлуки на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај е предвидено дека лиценца може да добие домашно правно или физичко лице, ако меѓу другите, го исполнува и условот да не е во сила правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот утврди дека во конкретниов случај се работи за иницијатива со која се оспорува ист член од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оцена на Судот кој со решение У.бр.182/2004 од 24 ноември 2004 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 8 став 1 точка 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај и во кое изразил став дека оспорената одредба не е во несогласност со членовите 13, 14, 32, 51, 54 и 98 од Уставот на Република Македонија.

Оттука, а со оглед на тоа што Судот веќе еднаш одлучувал за истата работа и утврдил отсуство на елементи за неуставност на предметната одредба, а во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.70/2005
18 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова