У.бр.69/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 68 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016).

2. Коле Илијев од Виница до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 68 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со глава III од Уставот во кој е пропишана организацијата на државната власт, како и со член 98 од Уставот, според кој судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни.

Во конкретниов случај со оспорената одредба според која Владата на Република Македонија со одлука ја утврдува вредноста на бодот се врши мешање на извршната во судската власт. Според подносителот, Уставот определил дека судската власт е независна за што во Буџетот на Република Македонија е определена ставка „Судска власт“, меѓутоа иако е определен ставот „Судска власт“, Владата на Република Македонија е должна на судската власт да и го отстапи местото и распределбата на средствата да биде на судската власт. Во конкретниов случај надлежен за определување на вредноста на бодот би бил Врховниот суд на Република Македонија, Судскиот совет или пак Судскиот буџетски совет, а никако Владата.

Подносителот, понатаму напоменува дека истата одредба е пропишана и во Законот за административни службеници кои се директно под ингеренции на Владата чии службеници се тие. Оттука, подносителот го поставува прашањето како е можно со Уставот да се декларира судството како независно и како посебна власт, а Владата да ја определува платата како на административните службеници, така и на судските службеници.

3. Судот на седницата утврди дека според член 68 од Законот за судска служба поместен во поднасловот „Вредност на бодот“ е предвидено дека вредноста на бодот за пресметување на платите на судските службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно начелото на поделба на државната власт, во главата III од Уставот „Организација на државната власт“ уставотворецот како органи на државната власт ги утврдил Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството и јавното обвинителство и ја утврдил нивната организација и надлежност.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016), се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Според член 3 став 1 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори.

Од изнесените законски одредби произлегува дека наведената категорија на судски службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно одредбите на овој закон и со колективните договори.

Уставната определба во член 32 став 5 од Уставот јасно утврдува дека остварувањето на правата на вработените од работен однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспорената одредба од член 68 од Законот за судската служба наспрема наводите од иницијативата ,Судот смета дека се неосновани. Ова од причини што судските службеници во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во подршка на извршување на судската власт од страна на избрани судии. Според тоа повикувањето на подносителот на иницијативата дека со утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на судските службеници од страна на Владата на Република Македонија се повредувал член 98 од Уставот на Република Македонија кој е заменет со Амандманот XXV е неприфатливо.

Оттука, Судот оцени дека право е на законодавецот да ја овласти Владата на Република Македонија, а врз основа на закон,таа со своја одлука да ја утврдува вредноста на бодот за пресметување на платите на судските службеници,поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 68 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.69/2016
25 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева