У.бр.69/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на

-Одлука за запишување на право на сопственост на недвижни ствари-објекти во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, донесена од Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 19.03.2013 година, број 41-1634/1 од 19 март 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 48/2013) и

-Одлука за пренесување во сопственост на недвижни ствари на Општина Сарај, донесена од Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 12.11.2013 година, број 41-7712/1 од 12 ноември 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 161/2013).

2. Благоја Михајлоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата Владата на Република Македонија, со оспорената Одлука од 19 март 2013 година, вршела арбитрерна интервенција во сопственоста на трети лица, кои имале право на недвижностите, а дополнително на тоа пренела дел од противуставно стекнатите недвижности на Општина Сарај. Самата одлука на Владата, всушност ја одзела сопственоста на граѓани, кои за дел од нив имале судски пресуди со кои била утврдена сопственост на дел од објектите, додека за другите недвижности сопственоста била на граѓаните на Град Скопје од причини што целиот Спортско рекреативен центар бил изграден со средства обезбедени со самопридонес во осумдесетите години.

Подносителот на иницијативата повикувајќи се на Одлука на Уставниот суд У.бр. 173/2009 од 26.05.2010 година, каде Судот во тој предмет изразил став дека сопственоста не може да се одземе или ограничи освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжитлено се утврдува со закон и дека во случај на одземање и ограничување на сопственост се гарантира правен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност, наведува дека тој став јасно укажувал дека Владата на Република Македонија постапила спротивно на споменатите одредби од Уставот и ЕКЧП, од причини што во самата одлука не го образложила јавниот интерес или било каков основ по кој се стекнала со сопственост со предметните недвижности.

Оттука, бидејќи не бил наведен основот за стекнување, ниту бил образложен можниот јавен интерес за донесување на оспорените одлуки, донесените одлуки биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот и член 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за човековите слободи и права (ЕКЧП).

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспоруваат: Одлука за запишување на право на сопственост на недвижни ствари-објекти во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, донесена од Владата на Република Македонија, на седница одржана на 19.03.2013 година, број 41-1634/1 од 19 март 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 48/2013) и Одлука за пренесување во сопственост на недвижни ствари на Општина Сарај, донесена од Владата на Република Македонија, на седница одржана на 12.11.2013 година, број 41-7712/1 од 12 ноември 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 161/2013).

Судот утврди и дека со оспорената Одлука од 19 март 2013 година, е уредено запишување право на сопственост на недвижни ствари-објекти кои се наоѓаат во рамките на границите на Спортско рекреативниот центар Треска-Скопје за КО Глумово и Ко Шишево, опишани во 25 точки на член 1 од Одлуката, која влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Судот исто така утврди дека со оспорената Одлука од 12 ноември 2013 година е уредено дека со оваа одлука на Општина Сарај се пренесуваат во сопственост недвижни ствари лоцирани во рамките на границите на Спортско рекреативниот центар Треска-Скопје, КО Глумово и КО Шишево евидентирани на КП.бр. 201/1 во сопственост на Република Македонија, запишани во Имотен лист бр. 3447, згради со вкупна површина од 2664 м2 и тоа опишани во 17 точки на член 1 од Одлуката, која влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на Одлука за запишување на право на сопственост на недвижни ствари-објекти во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, донесена од Владата на Република Македонија, на седница одржана на 19.03.2013 година, број 41-1634/1 од 19 март 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 48/2013) и Одлука за пренесување во сопственост на недвижни ствари на Општина Сарај, донесена од Владата на Република Македонија, на седница одржана на 12.11.2013 година, број 41-7712/1 од 12 ноември 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 161/2013).

Од содржината на оспорената Одлука од 19.03.2013 година, произлегува дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 91 став 2 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (“Службен весник на Република Македонија”, број 8/2005, 150/2007, 35/2011 и 166/2012), донела Одлука за запишување на право на сопственост на недвижни ствари-објекти во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.

Според член 1 од оспорената Одлука, со оваа одлука се запишува право на сопственост на недвижни ствари-објекти кои се наоѓаат во рамките на границите на Спортско рекреативниот центар Треска-Скопје за КО Глумово и Ко Шишево, и тоа опишани во 25 точки на член 1 од Одлуката. Според член 2 од оспорената Одлука, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Имајќи ја во вид содржината на оспорениот акт од 19 март 2013 година, произлегува дека станува збор за конкретен, поединечен акт за запишување на право на сопственост на конкретни недвижни ствари-објекти во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите наведени во 25-те точки од член 1 на Одлуката. Оттука, оспорената Одлука од 19 март 2013 година, претставува акт со кој се создава правен однос со кој се регулираат права и обврски на две страни, во случајов Република Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности која е надлежна за водење на јавната книга-катастар на недвижности во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти, чие запишување е утврдено со закон.

Со оглед на фактот што оспорената Одлука од 19.03.2013 година, нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив претставува правен акт со кој се регулираат права и обврски на две страни и претставува конкретно насочување на една активност и истата нема нормативен карактер, односно не регулира односи од општ карактер, Уставниот суд не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот.

Од содржината на оспорената Одлука од 12.11.2013 година, произлегува дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 17-а од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (“Службен весник на Република Македонија”, број 8/2005, 150/2007, 35/2011, 166/2012 и 137/2013), донела Одлука за пренесување во сопственост на недвижни ствари на Општина Сарај.

Со член 1 од оспорената Одлука, е уредено дека со оваа одлука на Општина Сарај се пренесуваат во сопственост недвижни ствари лоцирани во рамките на границите на Спортско рекреативниот центар Треска-Скопје, КО Глумово и КО Шишево евидентирани на КП.бр. 201/1 во сопственост на Република Македонија, запишани во Имотен лист бр. 3447, згради со вкупна површина од 2664 м2 и тоа опишани во 17 точки на член 1 од Одлуката. Според член 2 од оспорената Одлука, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Од содржината на оваа оспорена одлука, неспорно произлегува дека таа претставува поединечен, конкретен акт, со кој се одлучува за располагање со конкретен имот кој е сопственост на Република Македонија, односно одлука со која се врши пренос на сопственост на недвижни ствари во сопственост на Република Македонија на Општина Сарај.

Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, и во овој случај оспорениот акт не е подобен за уставно судска оцена.

По однос повикувањето на подносителот на иницијативата на Одлуката по предметот У.бр. 173/2009 од 26 мај 2010 година, истата не може да имплицира влијание по однос правното мислење по овој предмет, бидејќи во предметот на кој се повикува подносителот на иницијативата, предмет на оспорување се одредби од закон, кој претставува пропис подобен за уставно судска оцена, што не е случај со актите кои се оспоруваат со предметната иницијатива.

По однос наводите во иницијативата дека со оспорените одлуки се повредувале сопственички права на поедини граѓани кои имале право на сопственост врз одредени недвижности опфатени со оспорените одлуки, граѓаните доколку сметаат дека со конкретен поединечен акт им е повредено одредено имотно право, заштитата на имотно-правните интереси, можат да ги остварат пред надлежни органи во Република Македонија.

5. Имајќи предвид дека не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а во конкретниот случај актите кои се оспоруваат со иницијативата, немаат карактер на пропис erga omnes, Судот оцени дека се настапени процесните претпоставки за примена на одредбите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 69/2014
11 јуни 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева