69/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија” број 102/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот, не можела да постои во правниот поредок, бидејќи на тој начин законодавната власт се мешала во извршната, кое било спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија и предложи Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад, (“Службен весник на Република Македонија“, број 102/2008), е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Уредбата за определување на материјали и предмети што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад (“Службен весник на Република Македонија“, број 115/2007).
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Македонија, донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 91 алинеи 1, 5 и 14 од Уставот, покрај другото, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување; донесува уредби и други прописи за извршување на законите и врши други работи утврдени со Уставот и со закон.

Согласно член 35 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“, број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008 и 82/2008), за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Со член 1 од Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија“, број 68/2004, 107/2007, 102/2008 и 143/2008), се уредува управувањето со отпадот; начелата и целите за управување со отпад; плановите и програмите за управување со отпадот; права и обврски на правни и физички лица во врска со управувањето со отпадот; барањата и обврските на правните и физичките лица кои произведуваат производи и пакувања и кои што на крајот на животниот циклус ја оптоваруваат животната средина; начинот и условите под кои што може да се врши собирање, транспортирање, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот; увозот, извозот и транзитот на отпадот; мониторингот; информативниот систем; финансирањето и надзор над управувањето со отпадот.

Според член 32-а став 8 од Законот за управување со отпад, Владата на Република Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги определува производите и материјалите што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад.

Со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија“, број 102/2008), членот 32-а од Законот за управување со отпад, се менува и дополнува со нови ставови и содржини. Конкретно ставот 8 од истиот член, се менува и станува став 10 и определува дека: “Производите и материјалите што се во општа употреба, како што се: метални и електрични делови од железничка опрема; метални делови од електрични водови и далноводи; метални делови и метална жица од воздушни телефонски водови; сите видови шахти, сливници за атмосферска канализација и граничници на шахти; бакарни кабли со висок пресек; алуминиумски кабли; еластични огради – браници за патишта; сите видови на сообраќајни знаци и патокази; громобрани; бисти, споменици и други уметнички и археолошки предмети и делови од нив (букви од натписи и слично) и други производи и материјали со чие оштетување или одземање може да се загрозува животот и здравјето на луѓето, сигурноста на јавниот сообраќај или објекти на јавни инсталации, како и нивното нормално функционирање (во натамошниот текст: материјали и добра во општа упoтреба) вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад”. По ставот 10, додаден е нов став 11 кој определува дека: “ По исклучок од ставот 10 на овој член вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад можат да откупуваат производи и материјали што се во општа употреба од физички или правни лица доколку се поднесе доказ дека производите и материјалите што се во општа употреба се во нивна сопственост”.

Со членот 5 од од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија“, број 102/2008), со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Уредбата (“Службен весник на Република Македонија“, број 115/2007) за определување на материјали и предмети што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад.

Согласно горенаведените уставни и законски одредби, Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, помеѓу другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување; донесува уредби и други прописи за извршување на законите и врши други работи утврдени со Уставот и со закон.

Имајќи го предвид наведеното, овластувањата на Владата за вршење на своите права и должности, покрај тоа што произлегуваат од Уставот, произлегуваат и од законите. Во таа насока начелно со членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија, определено е дека Владата на Република Македонија за извршување на законите, донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци, а конкретно во овој случај од членот 32-а став 8 од Законот за управување со отпад, произлегува овластувањето на Владата со Уредба да изврши доуредување на состојбите за спречување и отстранување на појавите во врска со нелегална трговија со отпад на производи и материјали што се во општа употреба. Врз основа на овластувањето дадено со оваа законска одредба, Владата на Република Македонија, донела Уредба за определување на производите и материјалите што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не сметат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад, објавена во “Службен весник на Република Македонија“, број 115/2007, а според членовите 2 и 3 од Уредбата, производите и материјалите што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупуваат од индивидуалните собирачи на отпад се следните:

-метални и електрични делови од железничка опрема;
-метални делови од електрични водови и далноводи;
-метални делови и метална жица од воздушни телефонски водови;
-сите видови шахти, сливници за атмосферска канализација и граничници на шахти; бакарни кабли со висок пресек;
-алуминиумски кабли; еластични огради–браници за патишта;
-сите видови на сообраќајни знаци и патокази;
-громобрани;
-бисти, споменици и други уметнички и археолошки предмети и делови од нив (букви од натписи и слично).

По исклучок производите и материјалите што се во општа употреба, вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад, можат да ги откупат од физички лица и правни лица, ако приложат доказ за сопственост за истите.

Според член 88 став 2 од Уставот, утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи за извршување на законите, покрај Уставот, Владата ги остварува и врз основа и во рамките на законските овластувања. Во таа насока, законодавецот со измените на членот 32-а став 8 од Законот за управување со отпад, го укинал овластувањето на Владата на Република Македонија да ги определува материјалите и предметите што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупат од индивидуалните собирачи на отпад, а со тоа се брише овластувањето за донесување на Уредбата, односно ова овластување се заменува со одредбата од член 32-а став 10 од Законот, со кој се определуваат производите и материјалите што се во општа употреба, а кои вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад не смеат да ги откупат од индивидуалните собирачи на отпад. Во овој случај, Судот утврди дека нема мешање на законодавната и извршната власт, бидејќи прашањата кои претходно биле предмет на уредување со Уредбата се уредени со измените и дополнувањата на Законот за управување со отпад и истите по својот карактер претставуваат законска материја со кои во конкретниот случај се уредуваат правата и обврските за вршителите на дејноста трговија со неопасен отпад да ги откупуваат производите и материјалите од индивидуалните собирачи на отпад.

Имајќи предвид дека со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад, законодавецот утврдил престанок на важење на Уредбата со денот на влегувањето во сила на измените на Законот, бидејќи од формално-правен аспект, со бришењето во Законот на законското овластување за донесување на Уредбата, веќе не постојат формално-правните претпоставки за нејзино егзистирање во правниот систем, бидејќи она што беше пропишано во Уредбата, сега е интегрален текст во Законот за управување за отпад, од кои причини и престанува важноста на Уредбата.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ја предвид целта на законодавецот во поглед на одредбата од член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија“, број 102/2008), односно со истата да се обезбеди конзистентност на содржината на законот, Судот утврди дека во конкретниот случај оспорената одредба, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 69/2009
18 ноември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски