69/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

– уставноста на член 101 став 3 и член 104 ставовите 1 и 6 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2005) и

– уставноста и законитоста на член 10 став 3, член 12 став 2, член 13 став 3, член 14, член 15 алинеја 1, член 18 алинеите 1 и 11, член 20 став 2, член 21 став 4 и член 23 алинеја 1 од Правилникот за видот и содржината на податоците кои операторите на јавните комуникациски мрежи и/или давателите на јавните комуникациски услуги се должни да ги објават во врска со општите услови за пристап и користење, цените и тарифите и параметрите за квалитет на јавните комуникациски услуги („Службен весник на Република Македонија“ број 1/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 4 ставовите 2 и 5, член 6 ставовите 3 и 9 алинеја 1, член 7 став 7, член 8 ставовите 1, 2 и 11, член 9 став 4, член 11, член 12 став 4 и член 13 ставовите 1 и 2 од Стандардниот договор со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите на АД Македонски телекомуникации- како оператор на јавна комуникациска мрежа, од една страна и Претплатникот – како краен корисник на јавна комуникациска услуга, од друга страна и
– Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации со која била дадена согласност за примена на тарифникот и ценовникот за пристап и користење на телефонски услуги
3. Граѓанското движење „ОТПОР“ Македонија – Штип и Душко Чангов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијати­вата, со оспорената одредба од член 101 став 3 од Законот за електронски комуникации, со која на операторот му било уредено право податоците за описот и обемот на фактурираните услуги кои треба да ги содржи секоја пропишана фактура заради контрола на наплатениот износ, да не ги дава со посебна детална сметка за локалните разговори, иако тие изнесувале 80-100% од вкупните услуги што ги давал операторот на фиксната телефонија, туку да ги дава само по барање на корисникот доставено по добиената фактура, се губела смислата на поднесувањето приговор како правен лек, бидејќи со одредбата му било дадено право на операторот да ги крие суштествените податоци т.е. докази врз кои единствено можел да се темели благовремениот приговор. Од ова се утврдувало дека со оспорената одредба се оневозможувало да се вложи основан приговор темелен на докази, а со тоа фактички се губело уреденото право за вложување на приговор, односно истото право било бесцелно уредено во секој случај.

Со оспорената одредба од член 104 став 1 од Законот со која било уредено операторот да има право да го ограничи пристапот до своите услуги, да ги исклучи корисниците во целост и да го раскине договорот во случај кога корисникот не исполнил некоја своја обврска од договорот, што значело и во случај кога во законскиот рок не е исплатена паричната обврска назначена во непрописно изготвената фактура односно недокажаното побарување кое се докажувало единствено со потребните податоци што требало да ги содржи недоставената детална сметка, кое право на операторот било озваничено во ставот 6 од истата одредба, според која операторот немал право да постапува согласно ставот 1 доколку корисникот вложил приговор, но под услов корисникот да го има платено назначениот износ од фактурата, се поставувало прашањето каква цел имало утврденото право на приговор против фактурираниот обем на извршени услуги ако корисникот се уценувал и принудувал прво да ја плати фактурата, па потоа да приговара против тоа исплатено побарување, кој пак приговор со оспорената одредба било уредено секогаш да е можен само како неоснован или неблаговремен. Исто така, се поставувало прашањето каква ќе биде евентуалната судска завршница по вложениот приговор ако корисникот со уцена и закана дека ќе биде лишен од неизбежно потребните услуги бил принуден да го исплати недокажаното побарување, а со тоа и фактички и правно да ја признае паричната обврска, а потоа со неоснованиот или неблаговремен можен приговор да ја побива веќе правно признатата обврска преку извршеното плаќање.

Според тоа, подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорените одредби од Законот се повредувале член 15 од Уставот, со кој се гарантирало правото на жалба против поединечни правни акти донесени во прв степен од страна на суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овлстувања, членовите 30 до 37 од Уставот со кои на граѓаните им се гарантирале економските и социјалните права, како и член 55 од Уставот со кој се гарантирала еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.

Бидејќи оспорените одредби од Законот формално биле пренесени и во подзаконските акти, односно Правилникот и стандардниот договор, подносителите на иницијативата ја оспоруваат уставноста и законитоста на член 18 алинеја 1, член 20 став 2, член 21 став 4 и член 23 алинеја 1 од Правилникот и член 6 став 9 алинеја 1, член 7 став 7, член 8 став 1, член 9 став 4 и член 12 став 4 точка 1 од стандардниот договор.

Со овие одредби на подзаконските акти во кои било уредено операторот да има право своето фактурирано побарување да не го докажува со податоци кои требало да ги содржи секоја прописно изготвена фактура или тие податоци посебно да ги издаде со детална сметка како составен дел на непрописната фактура, се повредувале повеќе законски одредби, и тоа: член 53 и член 54 од Законот за додадена вредност и член 18 од Правилникот за спроведување на Законот за додадена вредност, член 12, член 14, член 15, член 122 и член143 од Законот за облигационите односи, како и членовите 53, 64, 58, 61, 71 и 76 од Законот за потрошувачите.

Според подносителите на иницијативата, со оспорените одредби од член 12 став 2 и член 15 од Правилникот и член 4 ставовите 2 и 5 и член 6 став 3 од Стандардниот договор со кои било уредено правото на операторот да наплатува месечна претплата во фиксен износ за користење на претплатничка линија покрај веќе уреденото право да наплатува еднократен надомест за инсталирање на претплатничката линија при склучувањто на договорот, преку која линија се овозможувал пристап до јавната телефонска мрежа, како и правото да наплатува надоместок за користените услуги во зависност од нивниот обем, кој надоместок да се наплатува месечно и тоа однапред за секој нареден месец, независно дали корисникот наредниот месец ќе ги користи услугите или не од кои било причини, се повредувале основните одредби од Законот за електронските комуникации (член 1, член 33 точка а), член 95 и член 96) со кои било уредено што е предмет на работа на овој оператор, од каде произлегувало што може да биде и предмет на наплата. Од овие одредби се утврдувало дека со закон било уредено предметот на работа на операторот да му биде единствено обезбедување на физички-техничкиот пристап кој јавната телефонска мрежа преку инсталирање на претплатничка линија која ја поврзува куќната инсталација со јавната телефонска мрежа преку приклучна точка. Услугата за инсталирање на претплатничката линија корисникот ја плаќал при склучувањето на договорот како еднократен надоместок кој на операторот му ги подмирувал сите трошоци за инсталирање на претплатничката линија, поради што од тој момент таа претплатничка линија станувала во сопственост на корисникот бидејќи со сопствени средства целосно го инвестирал нејзиното инсталирање. Со истиот закон било уредено дека втор предмет на работа на операторот бил да обезбеди користење на јавната телефонска мрежа, односно говорен – тонски пристап кон оваа јавна мрежа која операторот ја наплатувал месечно во зависност од обемот на дадените услуги односно од должината на секој обавен телефонски разговор и ништо друго. Од ова се утврдувало дека операторот немал право со оспорените одредби да уредува право на трет дополнителен предмет на работа и за него да наплатува како за извршен трет промет.

Понатаму, дополнително се поставувало прашањето за основаноста на оваа месечна претплата, бидејќи корисникот не можел да се терети со плаќање за користење на оваа претплатничка линија, бидејќи тој таа линија ја платил при склучувсњето на договорот за да ја користи и со таквото плаќање таа станала сопственост на корисникот, поради што само тој како нејзин сопственик имал право да бара надоместок од операторот кога тој ја користи за давање услуги во обратен смер по барање на други корисници. Со фактот што овој дополнителен неоснован надоместок се наплатува однапред за секој месец независно дали корисникот во наредниот месец воопшто ќе бара услуги или ќе има можност да ги бара и добие, се утврдувало дека овој надоместок бил уреден да се бара врз основа на претпоставка дека корисникот секогаш има намера и идниот месец да ги користи телефонските услуги, односно да ја користи сопствената претплатничка линија иако токму врз основа на таа намера корисникот склучил договор за постојано користење на претплатничката линија и јавната телефонска мрежа и платил инсталирање на таа линија, односно ја купил од операторот.

Поради тоа, со наведените одредби на Правилникот и Стандардниот договор, грубо се повредувале одредбите од членовите 13, 14, 15, 46, 52, 210 и 458 од Законот за облигационите односи, член 53 од Законот за потрошувачите, членовите 30 до 33 и член 55 од Уставот.

Со одредбата од член 10 став 3 во врска со став 1 од истиот член од Правилникот со која била уредена обврска на корисникот да мора да го исплати фактурираниот износ во законски рок и во случај кога операторот ги променил тарифите, цените и другите договорени општи услови за давање на услугите, а притоа пропуштил да ја исполни сопствената обврска променетите тарифи, цени и другите општи услови претходно да ги објави во Службен весник или најмалку во два дневни печати, се повредувал членот 95 од Законот за електронските комуникации, како и членовите 12, 15, 122 и 142 точките 2 и 3 од Законот за облигационите односи, како и членовите 53, 54, 62 и 118 став 2 од Законот за потрошувачите.

Истата одредба од Правилникот била пренесена и во член 13 став 2 од стандардниот договор, поради што подносителот на иницијативата ја оспорува нејзината законитост од исти причини.

Законитоста на одредбите од член 13 ставовите 3 и 5 и член 18 алинеја 11 од Правилникот се оспорува поради тоа што со нив се уредува обврска на корисникот да мора да ја исплати фактурата во законски рок и во случај кога операторот ќе пропушти да ја достави фактурата на корисникот, а корисникот се обврзува во ваков случај сам лично да ја подигне фактурата од операторот и да ја плати во истиот законски рок до 18-ти во месецот. Со истите одредби било уредено право на операторот, доколку корисникот задоцни со исплатата на подоцна испоставената фактура да наплатува законска камата за доцнење, а доколку корисникот не ја подигнел лично фактурата од операторот и не ја исплател истата, да следи исклучување и раскинување на договорот. Со вака уредените одредби од Правилникот се повредувале член 15, член 122, членовите 324, 325 и 326 од Законот за облигационите односи, како и членовите 53, 54 и 62 од Законот за потрошувачите.

Оваа иста спорна одредба од Правилникот била истоветно пренесена и во член 13 став 2 од Стандардниот договор, поради што се оспорува законитоста на оваа одредба во стандардниот договор од истите причини.

Одредбата од член 14 од Правилникот се оспорува затоа што со истата, спротивно на членовите 210 и 277 од Законот за облигационите односи, за операторот се уредувало право за неоснованите наплатени средства кои ги наплатил со уцени и закани, да ги враќа средствата во неопределен рок и без камата.

Се оспорува законитоста на одредбата од член 13 став 1 од Стандардниот договор со која е уредено како составен дел на договорот да се сметаат и одредбите од општите услови за пристап и користење на услугите без разлика дали тие општи услови претходно биле објавени јавно во најмалку два дневни печати иако само претходно објавени општи услови можеле да го обврзуваат корисникот и можеле да бидат сметани како составен дел на договорот. Со ваквата одредба се повредувал членот 52 од Уставот, членот 96 точка 3 од Законот за електронски комуникации, членовите 12, 53, 54, 62 и 118 став 5 од Законот за потрошувачите.

Дополнително се оспорува Стандардниот договор во целост како правен јавен акт бидејќи и тој не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ ни во кој било дневен печат иако содржел права и обврски кои воопшто не биле содржани ниту во Правилникот за општите услови ни во Законот за електронските комуникации, а на корисникот му се нудел истовремено и на увид и на потпишување откако корисникот претходно ќе морал да го плати еднократниот надоместок на инсталирање на телефонската линија, а откако ќе бил платен овој надоместок, корисникот морал принудно да го потпише договорот поради веќе платениот надоместок иако за прв пат се запознавал со уредените права и обврски. Со ова пропуштање на објавувањето на Стандардниот договор, повредена била одредбата од член 52 од Уставот, член 96 став 3 од Законот за електронските комуникации, членовите 53, 54, 62 и 118 став 5 од Законот за потрошувачите и член 12 од Законот за облигационите односи. Исто така, повредено било уставното начело од 55 од Уставот, бидејќи само на овој пазарен субјект му било уредено право да бара прво да му се плати еднократниот надомест за инсталирање на телефонска линија, па дури потоа да му се нуди на увид и потпишување договор со уредените права и обврски.

Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации со која била дадена согласност за примена на тарифникот и ценовникот за пристап и користење на телефонски услуги се оспорува од причини што не била јавно објавена во ниту еден дневен весник, ниту во Службен весник, поради што корисниците на услугите, за барањата на фиксниот оператор и за донесените одлуки на Агенцијата, по тие барања, биле запознаени исклучиво врз основа на новоизготвените фактури од операторот, но корисниците сеуште не можеле да утврдат дали операторот ги фактурирал своите услуги согласно одлуките што ги донела Агенцијата или фактурирал и нешто што не им било дозволено, а Агенцијата го премолчува ваквото фактурирање. Со избегнување на обврската да ја запознае јавноста за сите барања на операторот, Агенцијата истовремено ја избегнала и обврската да објасни по кој основ е удоволено на тие барања на операторот да ги зголеми надоместоците за своите услуги по сите основи. На таков начин, Агенцијата, со наведената одлука го повредила член 52 од Уставот, член 93 став 3 и член 9 точка бб) од Законот за електронските комуникации, како и членовите 12, 14, 15, и 210 од Законот за облигационите односи и член 53 од Законот за потрошувачите.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 101 став 3 од Закон за електронските комуникации, на претплатниците им се доставува детална сметка за различни видови на телефонски услуги без поединечен приказ на податоци за локален сообраќај, а по барање на претплатникот и со приказ на овие податоци, без надомест.

Согласно член 104 став 1 од овој закон, операторите на јавни комуникациски мрежи можат да го ограничат пристапот до нивните услуги и/или можат да ги исклучат претплатниците и да го раскинат претплатничкиот договор само во случај кога претплатникот не ги испонил своите обврски или не постапил според другите услови наведени во претплатничкиот договор. Согласно став 6 на истиот член, доколку претплатникот поднесе приговор во врска со износот на сметката, операторот не смее да постапи согласно со ставот 1 од овој член се до донесувањето на конечна одлука, а претплатникот е должен да плати износ во определениот рок.

Понатаму, Судот утврди дека согласно член 10 став 3 од Правилникот за видот и содржината на податоците кои операторите на јавните комуникациски мрежи и/или давателите на јавните комуникациски услуги се должни да ги објават ви врска со општите услови за пристап и користење, цените и тарифите и параметрите за квалитет на јавните комуникациски услуги, доколку операторот и/или давателот на услуги не постапи во согласност со ставот 2 од овој член, тоа нема да ги ослободи претплатниците од плаќање на пристигнатите и неплатени обврски или исполнување на договорените обврски пристигнати пред извршените измени во условите наведени во претплатничкиот договор.

Според член 12 став 2 од Правилникот, претплатникот плаќа еднократен надоместок за почетно приклучување, месечен надоместок за претплатничка линија (претплата), како и надоместок за остварениот обем на комуникациски сообраќај и дополнителните услуги што ги користи.

Согласно член 13 став 3 од овој правилник, непримањето на сметката или непоседувањето на сметка од која и да било причина не го ослободува претплатникот од обврската да го плати должничкиот износ во предвидениот рок, односно претплатникот треба сам да побара сметка доколку истата не ја примил на време.

Според член 14 од истиот правилник, операторот и/или давателот на услуги ќе ги врати паричните средства на претплатниците во следните случаи:

– доколку при засновањето на претплатничкиот однос, барателот изврши уплата на надоместокот за почетно приклучување, а потоа се откаже од намерата за засновање на претплатнички однос во периодот до инсталирање на приклучокот. Враќањето на паричните средства се врши во целост;
– во случај на привремен прекин на претплатничката линија од сообраќај поради пречки на линијата, операторот и/или давателот на услуги врши враќање на паричните средства во делот на претплатата и надоместоците за користење на дополнителни услуги (доколку претплатникот ги има намирено своите долгови) за износ пропорционален на деновите кога линијата не била во функција, доколку прекинот трае подолго од 48 часа. Износот ќе биде одбиен во наредната сметка;
– во други случаи на основан приговор од страна на претплатникот за утврдена неточна обработка на податоци што доведува до зголемување на износот за користени комуникациски услуги, доколку ги има намирено своите долгови, во висина на погрешното задолжување;
– во случај на престанок на обезбедувањето на јавната комуникациска услуга не по вина на претплатникот, операторот и/или давателот на услуги ќе изврши враќање на остатокот од паричните средства што биле депонирани однапред како аванс, месечната претплата, надоместокот за користење на дополнителни услуги, како и на непотрошениот износ од вредносниот ваучер во пре-паид системот .

Според член 15 алинеја 1 од овој правилник, операторот и/или давателот на услуги има право да наплатува надоместок за почетно приклучување, месечен надоместок за претплатничка линија (претплата), како и сите други надоместоци утврдени во неговиот ценовник.

Согласно член 18 алинеја 1 на Правилникот, претплатникот е должен навремено да ги плаќа фактурираните износи за користени јавни комуникациски услуги, во рокот наведен во сметката, како и во случај на поднесен приговор за износот на сметката. Согласно алинеја 11 од овој член, во случај на недобивање на месечна сметка за користени услуги да се информира во специјализираните служби за односи со корисници и да побара изготвување на истата.

Според член 20 став 2 од овој правилник, во случај на повреда на одредбите од претплатничкиот договор, операторот и/или давателот на услуги е должен писмено да го извести претплатникот и да му определи разумен рок за исполнување на договорените обврски.

Според член 21 став 4 од Правилникот, во случај на поднесен приговор во врска со износот на сметката, се до донесувањето на конечна одлука, претплатникот е должен да плати износ во определениот рок.

Согласно член 23 алинеја 1 од овој правилник, операторот и/или давателот на услуги може да го раскине претплатничкиот договор во рок определен во претплатничкиот договор, особено поради неисполнување на обврските на претплатникот предвидени со претплатничкиот договор.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, кое според членот 61 е носител на законодавната власт на Републиката, донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Согласно член 1 од Законот за електронските комуникации, со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста од областа на електронските комуникации во Република Македонија, основањето на Агенција за електронски комуникации, изградба, одржување, безбедност, надзор и користење на комуникациски мрежи и услуги, интерконекција и пристап до електронските комуникации, обезбедување на универзална услуга, обезбедување на конкуренција, користење и контрола на радиофрекфенцискиот спектар, нумерација, односи меѓу давателите и корисниците на услуги, управувањето, заштитата на тајноста и доверливоста на електронските комуникации и други прашања што се однесуваат на електронските комуникации.

Во главата десета на овој закон, во чии рамки се и оспорените членови 101 и 104, законодавецот ги утврдил правата на корисниците на јавните комуникациски услуги.

Така, со членот 101 од Законот, се утврдува обврска за операторот на јавните комуникациски услуги на претплатниците на јавни телефонски услуги да им обезбеди преглед на детална сметака заради контрола на наплатениот износ за услугите. Притоа, со оспорениот став 3 на овој член, се утврдува дека на претплатниците им се доставува детална сметка за различни видови на телефонски услуги без поединечен приказ на податоци за локален сообраќај, а по барање на претплатникот и со приказ на овие податоци, без надомест. Понатаму, во истиот член, поблиску се утврдува содржината на деталната сметка за јавните телефонски услуги, односно се утврдува дека деталната сметка за јавни телефонски услуги мора да содржи особено податоци за: периодот на кој се поднесува сметката; износот на претплатата; видот и износот на еднократните и други плаќања за пресметковниот период; број на повици и нивното времетраење и број на пресметковни единици и вкупно пресметани износи за: локален сообраќај, национален сообраќај, меѓународен сообраќај, сообраќај кон мобилни јавни комуникациски мрежи, пренос на податоци и други дополнителни услуги.

Со член 102 на истиот закон, се уредува правото на корисниците на приговор и тужба против одлуките или активностите на операторите. Така, се утврдува дека приговор може да се поднесе во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, односно од започнувањето на активностите кои се предмет на приговорот, дека операторите се должни да одлучат по приговорот во рок од 15 дена од денот на приемот на истиот и за тоа писмено да го известат претплатникот, дека доколку претплатникот не е задоволен со донесената одлука по приговорот, односно доколку операторот не одлучи по приговорот во определениот рок, претплатникот има право во определен рок да побара заштита на своето право пред Агенцијата за електронски комуникации.

Од анализата на наведените законски одредби, Судот оцени дека законодавецот, уредувајќи ги наведените прашања, не излегол надвор од рамките на уставните одредби наведени во иницијативата, како што сметаат нејзините подносители.

Имено, законодавецот, уредувајќи ги односите меѓу давателите и корисниците на услуги во областа на електронските комуникации, утврдил обврска за операторот на претплатниците на јавни телефонски услуги да им обезбеди преглед на детална сметка на наплатениот износ на услугите, при што ја определил содржината на деталната сметка, на начин што ги определил податоците што треба да ги содржи деталната сметка за различни видови на телефонски услуги, за кои оценил дека обезбедуваат доволно податоци за да може претплатникот да направи контрола на наплатениот износ за услугите кои ги користел. Притоа, со определбата поединечниот приказ на податоци за локалниот сообраќај да не биде елемент на деталната сметка, туку да се доставува само по барање на претплатникот, без надоместок, според Судот, не се отстапува од обврската на операторот кон претплатникот за обезбедување на увид и информирање за фактичката состојба со реализираниот локален телефонски сообраќај во пресметковниот период, како елемент од кој зависи висината на надоместокот за овие услуги. Сепак, оценката на целисходноста на ваквото законско решение, не е во надлежност на Уставниот суд.

Освен тоа, неспорно е дека законодавецот утврдил право на претплатникот на приговор за доставената сметка, кое право неспорно ги опфаќа и случаите кога претплатникот е незадоволен од дополнително доставениот поединечниот приказ на податоци за локалниот сообраќај. Фактот што во законската одредба со која се утврдува обврска за операторот, на барање на претплатникот, да му достави детален преглед на податоците за локалниот сообраќај, не е пропишан рок за доставување на овие податоци, според Судот, не е од влијание за остварувањето на правото на приговор и во овој случај, од причина што роковите и постапката за приговор пропишани со членот 102 од Законот, се однесуваат и на овој вид приговори.

Оттука, неспорно е дека законодавецот, согласно Амандманот XXI на Уставот, го уредил правото на правна заштита против поединечните акти донесени од операторите како органи што вршат јавни овластувања, поради што Судот оцени дека наводите во иницијативата, дека со оспорената одредба во членот 101 став 3 од Законот се оневозможувало да се вложи основан приговор темелен на докази, а со тоа фактички се губело уреденото право за вложување на приговор, односно истото право било бесцелно уредено во секој случај, што било спротивно на член 15 и членовите 30 до 37 и членот 55 од Уставот, се неосновани.

Случаите на исклучување на претплатникот од комуникациската мрежа се регулирани со членот 104 од Законот. Така, согласно ставот 1 на овој член, кој се оспорува со иницијативата, операторите на јавни комуникациски мрежи можат да го ограничат пристапот до нивните услуги и/или можат да ги исклучат претплатниците и да го раскинат претплатничкиот договор само во случај кога претплатникот не ги исполнил своите обврски или не постапил според другите услови наведени во претплатничкиот договор. Согласно ставот 6 од истиот член, кој исто така се оспорува со иницијативата, доколку претплатникот поднесе приговор во врска со износот на сметката, операторот не смее да постапи согласно со ставот 1 од овој член се до донесувањето на конечна одлука, а претплатникот е должен да плати износ во определениот рок.

Наведената регулатива се оспорува во однос на тоа каква е целта на утврденото право на приговор против фактурираниот обем на извршени услуги ако корисникот се уценува и принудува прво да ја плати фактурата, па потоа да приговара против тоа исплатено побарување.

Имајќи ги предвид оспорените одредби, во однос на наводите во иницијативата, Судот оцени дека наведената регулатива не излегува надвор од уставните рамки, како што се наведува во иницијативата.

Имено, со наведените одредби, законодавецот уредува режим на постапување во случај кога претплатникот не ги исполнил своите обврски утврдени со претплатничкиот договор, во ситуација кога операторот ја извршил услугата за која е склучен договорот.

Согласно одредбите на Законот, оператор на јавна комуникациска мрежа е правно лице кое има право да гради, поседува, изнајмува и работи со јавна комуникациска мрежа и придружни средства и може да дава јавна комуникациска услуга (член 4 точка 9). Претплатник е физичко или правно лице кое за користење на јавни комуникациски услуги склучува договор со оператор на јавна комуникациска мрежа или давател на јавна комуникациска услуга (член 4 точка 31).

Согласно член 96 од Законот, операторите обезбедуваат приклучок или пристап до јавните комуникациски мрежи врз основа на договор склучен со претплатниците, чии елементи се утврдени со овој член.

Оттука, произлегува дека операторот и претплатникот склучуваат договор за користење на јавните комуникациски мрежи, во кој се уредени нивните права и обврски, вклучително и условите за продолжување и престанок на договорот, како и на давањето на услуги.

Во оваа смисла, со оспорениот став 1 од членот 104 од Законот, определени се мерките кои можат да бидат применети од страна на операторот во случај на неисполнување на договорните обврски на претплатникот, а тоа се ограничување на пристапот до нивните услуги и/или исклучување на претплатникот и раскинување на договорот.

Од друга страна, со забраната утврдена во ставот 6 на истиот член, според која операторот не смее да го ограничи пристапот до јавните комуникациски услуги и/или да го исклучи претплатникот и да го раскине договорот, до донесување на конечна одлука, во случај кога претплатникот ќе поднесе приговор во врска со сметката, но со обврска претплатникот да го плати износот во определениот рок, според Судот, законодавецот балансирано ги заштитува и операторот и претплатникот во услови на двостран однос. Имено, од една страна се овозможува претплатникот да ги користи услугите до конечното одлучување по приговорот, независно од неговата основаност, што е заштита на претплатникот, при што ако се докаже дека приговорот е основан, на претплатникот му се враќаат паричните средства во висина на погрешното задолжување. Од друга страна, се заштитува и операторот од можните злоупотреби од страна на претплатниците преку правото на приговор неоправдано да се одложува плаќањето на сметките, што во крајна линија би имало за последица отежнување или оневозможување на пружање на потребните јавни комуникациски услуги.

Поради тоа, Судот оцени дека законодавецот, при уредувањето на наведената регулатива, го имал предвид приговорот како форма на правна заштита гарантирана со Уставот, поради што наводите во иницијативата дека со оспорената регулатива од ставовите 1 и 6 на членот 104 од Законот, се повредувале правото на приговор гарантирано со член 15 од Уставот, корпусот економски и социјални права гарантирани со членовите 30 до 37 од Уставот и еднаквоста на пазарот гарантирана со член 55 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

6. Правилникот за видот и содржината на податоците кои операторите на јавните комуникациски мрежи и/или давателите на јавните комуникациски услуги се должни да ги објават во врска со општите услови за пристап и користење, цените и тарифите и параметрите за квалитет на јавните комуникациски услуги, е донесен од страна на Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации, врз основа на член 14 точка а), член 95 и член 97, а во врска со членовите 96, 98, 100, 101, 102, 103, 104, 112, 113, 115 и 118 од Законот за електронски комуникации.

Содржината на Правилникот е поделена во единаесет глави (Општи одредби; Податоци за општите услови за пристап и користење и цени и тарифи; Јавни говорни телефонски услуги; Јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети (интернет протокол и други протоколи); Јавни услуги на изнајмени линии; Радиокомуникациски услуги; Јавни услуги за дистрибуција на радио и телевизиски програми преку кабелска мрежа; Јавни услуги за пренос на податоци; Услуги со посебна цена на чинење; Квалитет на јавни комуникациски услуги и Преодни и завршни одредби).

Оспорените членови со иницијативата се содржина на втората глава – Податоци за општите услови за пристап и користење и цени и тарифи.

Со иницијативата се оспоруваат член 18 алинеја 1, член 20 став 2, член 21 став 4 и член 23 алинеја 1 од овој правилник, од истите причини од кои се оспоруваат и членовите 101 став 3 и 104 ставовите 1 и 6 од Законот, односно се оспоруваат затоа што со нив било уредено операторот да имал право своето фактурирано побарување да не го докажува со податоци кои требало да ги содржи секоја прописно изготвена фактура ( со податоци за детален приказ на локалниот телефонски сообраќај), како и било уредено корисникот безусловно во законски рок да ја изврши паричната обврска, иако операторот со ништо не докажувал дека ја извршил својата обврска, односно ги реализирал услугите што се фактурирани.

Од анализата на оспорените одредби од Правилникот, произлегува дека со истите се уредуваат прашања за обврските на претплатникот, исклучување на претплатникот, приговори и жалби и раскинување на претплатничкиот договор од страна на операторот и/или давателот на услугата, при што Судот констатира дека истите претставуваат разработка на одредбите на членовите 101, 102 и 104 од Законот за електронските комуникации, чија анализа на уставноста е дадена во точка 5 на ова решение. Поради тоа, неспорно е дека оспорените одредби на Правилникот се во согласност со наведените одредби од Законот за електронски комуникации, поради што пред Судот не се постави прашањето за уставноста и законитоста на овие одредби.

Со оглед дека оспорените одредби од Правилникот претставуваат разработка на одредбите од Законот за електронски комуникации, како посебен закон со кој се уредува областа на електронските комуникации во Република Македонија, при што не ги надминуваат рамките на овој закон, Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со оспорените одредби се повредувале членовите 53 и 54 од Законот за данокот на додадена вредност, со кои се уредува издавањето на фактура, начелата на совесност и чесност, забрана на создавање и искористување на монополска положба и начелото на еднаква вредност на давањето, прокламирани со Законот за облигационите односи, како и одредбите од членовите 53, 58, 61, 64, 71, 76 и 82 од Законот за заштита на потрошувачите, а кои се однесуваат на нечесни определби во потрошувачките договори.

Со оспорената одредба од член 10 став 3 од Правилникот, се уредува обврската на претплатниците да ги измират своите обврски кои произлегуваат од претплатничкиот договор, а кои се пристигнати пред извршените измени во условите наведени во претплатничкиот договор и во случај кога операторот или давателот на услугите не ги известил претплатниците за направените измени. Судот утврди дека оваа одредба е истоветна со одредбата од член 96 став 4 од Законот за електронските комуникации, каде законодавецот ги утврдил правата и обврските на операторот и претплатникот во наведената ситуација, односно утврдил дека доколку операторот, во законскиот рок кој не може да биде пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, не го информира претплатникот за предложените измени во условите наведени во договорот, тоа не го ослободува претплатникот за плаќање на пристигнатите и неплатени обврски пред извршените измени на условите наведени во претплатничкиот договор. Притоа, за одбележување е фактот дека операторот има законска обврска да ги информира претплатниците за сите предложени измени во условите наведени во претплатничкиот договор во одреден рок пред воведувањето на измените, како и за правото на претплатниците, во истиот рок да го раскинат претплатничкиот договор доколку не се согласуваат со предложените измени ( член 96 став 3 од Законот и член 10 став 2 од Правилникот).

Со оглед дека содржината на оспорената одредба од Правилникот е во рамките на Законот за електронски комуникации, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Правилникот се повредувала одредбата од член 95 став 1 од Законот за електронските комуникации според која операторите и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да објавуваат детални и транспарентни информации за цените и тарифите што се применуваат и за општите услови за пристап и користење на јавни комуникациски услуги. Од истите причини, Судот ги оцени како неосновани и наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се повредувале одредбите во Законот за облигационите односи и Законот за заштита на потрошувачите на кои се повикува иницијативата.

Со оспорениот член 12 став 2 од Правилникот се регулира дека претплатникот плаќа еднократен надоместок за почетно приклучување, месечен надоместок за претплатничка линија (претплата), како и надоместок за остварениот обем на комуникациски сообраќај и дополнителните услуги што ги користи. Во оспорениот член 15 алинеја 1 од Правилникот, се регулира дека операторот и/или давателот на услуги има право да наплатува надоместок за почетно приклучување, месечен надоместок за претплатничка линија (претплата), како и сите други надоместоци утврдени во неговиот ценовник. Овие одредби се оспоруваат од аспект на тоа што според подносителите на иницијативата, со плаќањето на еднократниот надоместок за инсталирање на претплатничката линија, претплатничката линија преминувала во сопственост на претплатникот, од каде произлегувало дека операторот нема правен основ да наплатува месечен надоместок за претплатничка линија (претплата), уште повеќе што тоа се наплаќа однапред, како претплата, независно дали ќе се користи услугата. Исто така, се оспорува и дека операторот нема правен основ да ја наплаќа оваа претплата, затоа што тоа било спротивно на основните одредби од Законот каде било утврдено што е во надлежност на операторот.

При анализата на оваа одредба, Судот ја имаше предвид одредбата од член 4 точка 5 од Законот, според која јавна телефонска мрежа е електронска комуникациска мрежа што се користи за обезбедување на јавни телефонски услуги достапни на јавноста и која овозможува пренос на говор и други комуникации, како што се факсимил и пренос на податоци меѓу определени точки на мрежата. Според точка 9 на истиот член, оператор на јавна комуникациска мрежа е правно лице кое има право да гради, поседува, изнајмува и работи со јавна комуникациска мрежа и придружни средства и може да дава јавна комуникациска услуга.

Согласно одредбата од член 29 став 1 од Законот, изградбата, одржувањето и работата на јавните комуникациски мрежи и придружната инфраструкура се работи од јавен интерес.

Согласно член 38 од Законот, давателот на универзалната услуга има право на надоместок кој не смее да ги надмине реалните трошоци за обезбедување на универзалната услуга.

Оттука, според Судот, подносителот на иницијативата погрешно смета дека претплатничката линија во јавната телефонска мрежа, со плаќањето за нејзиното инсталирање, преминала во сопственост на корисникот.

Претплатникот има право да ја користи оваа линија, во која смисла плаќа еднократен надоместок за нејзиното инсталирање, со што му е овозмежен пристап кон јавната телефонска мрежа, но исто така има обврска да плаќа за нејзиното користење и одржување, што е насловено како месечна претплата, која всушност се плаќа како надоместок на фиксните т.е.постојните реални трошоци за ставање на располагање, односно за редовно одржување на телефонскиот приклучок на секој корисник, заради обезбедување на негов непречен, квалитетен и ефикасен пристап до јавната телекомуникациска мрежа овозможувајќи му во секое време да повикува и да биде повикан, независно дали повиците се реализирани или не.

Поради наведеното, според Судот, надоместокот за инсталирање на претплатничка линија, надоместокот за одржување на таа претплатничка линија и надоместокот за остварениот обем на комуникациски сообраќај, спаѓаат во групата на реални трошоци на кои давателот на услугата има право согласно член 38 од Законот, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од Правилникот не ги надминуваат рамките на Законот за електронски комуникации.

Од наведените причини, Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со оспорените одредби се повредувале одредби од Законот за облигационите односи, на кои се повикува во иницијативата.

Со член 13 од Правилникот се уредува начинот на плаќање надоместок за пристап и користење на јавните комуникациски мрежи и/или јавните комуникациски услуги, при што во оспорениот став 3 се утврдува дека непримањето на сметката или непоседувањето на сметка од која и да било причина не го ослободува претплатникот од обврската да го плати должничкиот износ во предвидениот рок, односно претплатникот треба сам да побара сметка доколку истата не ја примил на време, а во оспорениот став 5 се регулираат мерките кои операторот и/или давателот на услуги, по претходно писмено известување до претплатникот, може да ги преземе доколку претплатникот не ја плати сметката во рокот за плаќање определен со истата.

Согласно оспорениот член 18 алинеја 11 од Правилникот, се утврдува обврска за претплатникот во случај на недобивање на месечна сметка за користени услуги да се информира во специјализираните служби за односи со корисници и да побара изготвување на истата.

Подносителите на иницијативата сметаат дека со вака уредените прашања се повредувале повеќе одредби од Законот за облигационите односи, и тоа: начелото за сразмерни права и обврски (член 15), начелото на истовремено извршување на обврските (член 122), спротивно на членовите 324, 325 и 326 се утврдувало дека операторот, иако пропуштил да ја достави фактурата, се сметало како да не паднал во задоцнување, а корисникот, кој поради недоставувањето на фактурата не ни можел да го плати износот, се сметало дека паднал во задоцнување. Поради истите причини, подносителите на иницијативата сметаат дека се повредени и членовите 53, 54 и 62 од Законот за заштита на потрошувачите.

Од анализата на оспорените одредби, Судот утврди дека истите претставуваат разработка на Законот за електронски комуникации, во смисла на утврдување на единствен начин на плаќање за извршените јавни комуникациски услуги за сите оператори и претплатници, со што се постигнува истите да бидат ставени во еднаква положба пред законот, како едно од основните начела загарантирани со член 9 став 2 од Уставот. Исто така, според Судот, при пропишувањето на начинот на плаќање, се водело сметка за општите начела на Законот за облигационите односи и Законот за заштита на потрошувачите, за заштита на двете договорни страни, поради што Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за повреда на овие закони.

Во оваа насока, според Судот, и оспорениот член 14 од Правилникот, со кој се уредуваат случаите на враќање на паричните средства кои операторот и/или давателот на услугата ќе ги врати на претплатниците, претставува разработка на начинот на плаќањето за извршената услуга, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со одредбите на членовите 210 и 227 од Законот за облигационите односи.

7. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот стандарден договор со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите на АД Македонски телекомуникации – како оператор на јавна комуникациска мрежа, од една страна и Претплатникот – како краен корисник на јавна комуникациска услуга, од друга страна, нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Имено, оспорениот стандарден договор е само образец за склучување на поединечни договори помеѓу АД Македонски телекомуникации – како оператор на јавна комуникациска мрежа, од една страна и Претплатникот – како краен корисник на јавна комуникациска услуга, од друга страна, со кои ќе се уредуваат правата, обврските и одговорностите на двете идни договорни страни. Оттука, произлегува дека оспорениот образец на стандарден договор со кој би се уредувале облигационо-правните односи помеѓу договорните страни не е пропис кој според својот доносител и содржината која ја уредува, би подлежел на уставносудска оцена.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел..

8. Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што според известувањето доставено до Уставниот суд на Република Македонија од страна на Агенцијата за електронски комуникации, бр. 03-2985/2 од 09.08.2007 година, дека Агенцијата за електронски комуникации нема донесено Одлука со која била дадена согласност за примена на тарифникот и ценовникот за пристап и користење на телефонски услуги, која се оспорува со иницијативата, ниту пак согласно надлежностите утврдени во член 9 од Законот за електронски комуникации, Агенцијата има право и обврска да дава согласност за примена на тарифникот и ценовникот за пристап и користење на телефонски услуги, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел, поради што се исполнети условите од член 110 од Уставот и член 28 алинеја 3 од Деловникот, за нејзино отфрлање.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.69/2007
14 ноември 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски