69/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на

а.) Член 5 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993,14/1995, 71/ 1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003 и 50/2004), и

б.) Член 108 став 1 точка 5 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994,14/ 1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001,50/2001,25/2003 и 40/2003).

2. Борис Димзов од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на законските одредби означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата во двете оспорени одредби не било предвидено право на пензија кога на работникот ќе му престане работниот однос со навршување на 40 години пензиски стаж. Така можело да се случи лице што е вработено со 15 години кога ќе наполни 55,5 години (со шест месеци служење војска) со 40 години пензиски стаж да чека полни 8 години до навршувањето на 64 години возраст да оствари право на пензија. Со двете одредби се повредувале член 8 став 1 алинеја 1 и 8, член 34 и член 35 став 1 од Уставот.

Инаку во иницијативата подносителот ги оспорува алтернативно одредбите од двата закони, но во дополнувањето на иницијативата бара Судот истовремено да поведе постапка за оценување на уставноста на двете законски одредби.

Во иницијативата се оспорува член 116 став 1 точка 5 од пречистениот текст на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој нумерички и содржински одговара на член 108 став 1 точка 5 од основниот текст и измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, права од пензиско и инвалидско осигурување се:

1) право на старосна пензија;
2) право на инвалидска пензија;
3) право на распоредување на друго соодветно работно место, право на соодветно вработување, право на преквалификација или доквалификација и права на соодветни парични надоместоци;
4) право на семејна пензија;
5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6) право на најнизок износ на пензија.

Според член 108 став 1 точка 5 од Законот за работни односи, работниот однос по сила на закон престанува, меѓу другото, и ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор не одлучи работникот да остане во работен однос.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд определена во членот 110 од Уставот и наводите во иницијативата според кои оспорените одредби не содржат норма за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана, произлегува дека барањето излегува надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд утврдена со Уставот и дека Судот не е надлежен да одлучува за тој дел од барањето.

Од друга страна, доколку наводите во иницијативата се сфатат како барање за оценување на меѓусебната неусогласеност на двете законски одредби, исто така, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен за ваква оценка.

При одлучувањето Судот имаше предвид дека со Решение У.бр. 201/2003 од 10 и 11 март 2004 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/ 1996, 32/1997, 24/2000 и 96/2000, 50/2001, 85/2003). Во оваа одредба е определено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

По повод оценката на согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот, Судот направи анализа и на законското решение содржано во членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000), а со кој инаку се извршени покрупни реформи во пензискиот систем, се утврдени нови, односно поинакви услови за стекнување право на старосна пензија во однос на условите што беа утврдени пред овие измени.

Имено, со членот 5 од означениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, законодавецот го напушти дотогаш- ното решение според кое правото на старосна пензија, меѓу другото, можеше да се остварува и со навршување на пензиски стаж од 35 години (жена), односно 40 години (маж), без оглед на возраста, освен за осигурениците од членовите 30 и 31 од овој закон, чии одредби се од преоден карактер.

Со членовите 30 и 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) е дадена можност, односно правен основ определена категорија осигуреници правото на старосна пензија да го стекнуваат под условите утврдени според прописите кои важеле пред примената на овие измени на Законот.

Тоа практично значи дека осигурениците кои на денот на почетокот на примената на означениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (според членот 35 од овој закон, членот 5 ќе се применува од 1 септември 2000 година) имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж), односно 30 години (жена), правото на старосна пензија според членот 30 од Законот ќе можат да го остварат до 1 септември 2005 година само со навршени 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж без оглед на возраста. До овој датум е предвидено под овие услови правото на старосна пензија да можат да го остварат и осигурениците од членот 31 од овој закон.

Судот, исто така, имаше предвид дека со Решение У.бр. 136/1994 од 21 декември 1994 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи. Оценето е дека оваа одредба не е во несогласност со член 9, член 32 и член 34 од Уставот на Република Македонија, бидејќи Уставот не го определува остварувањето и обемот на правата од работен однос и од социјалното осигурување, туку создава обврска за нивно законско регулирање.

На крај, Судот со Решение У.бр.204/2001 од 5 декември 2001 година ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 108 став 1 точка 5 во делот: “40 години пензиски стаж” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000 и 34/2000), со оглед на тоа што Судот не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената одредба од законот со друг закон.

По однос на второоспорената одредба, бидејќи Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.69/2004
27 октомври 2004 год.
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова