69/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста на член 18 и член 65 став 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.38/91, 46/93, 55/95 и 17/97-пречистен текст).

2. Стево Мерџановски од Гостивар и Страшо Кимовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на членовите 18 и 65 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со примена на членот 18 од Законот на лицето кое било вработено на определено време, а по вработувањето започнало да користи надоместок за породилно боледување истото го користел од породувањето до денот до кога било примено на определено време, а не 270 дена согласно член 58 од Законот за работните односи, се повредува начелото на еднаквост.

Оспорениот член 65 став 3 не е во согласност со начелото на еднаквост затоа што со воведувањето на обврската за плаќање на придонесите за здравствено осигурување во зависност од просечниот коефициент на сложеност на трудот работникот со повисок степен на образование плаќа поголем придонес и ако во конкретниот случај работниците со различен степен на образование примаат иста плата.

3. Судот на седницата утврди дека по предметот У.бр.26/96 од 12 јуни 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на член 17а став 1 и 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.38/91, 46/93 и 55/95) кој според пречистениот текст на Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.17/94) е нумериран како член 18.

Во образложението на решението е наведено дека остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со Законот. Оттука и произлегува дека во здравстгвеното осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според мислењето на Судот, принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполенти обврските за плаќање на придонесот.

4. Судот исто така утврди дека со решение У.бр.17/96 од 14 февруари 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на член 65 став 3 од Законот за здравствена заштита со образложение дека со законските и другите прописи со кои се уредуваат прашањата во оваа област мора да бидат утврдени начела и принципи кои еднакво се однесуваат на сите осигуреници корисници на здравствена заштита. Во тие рамки утврдувањето на основицата за пресметување на придонесот за здравствено осигурување претставува еден од условите на остварувањето на правото на граѓаните на социјално осигурување. Со оглед на тоа што висината на основицата (како еднаква мерка за сите) е врзана за сложеноста на трудот, Судот оцени дека со тоа се утврдуваат еднакви критериуми за пресметување на стапките на придонесот за здравствено осигурување на оние категории осигуреници кои се наоѓаат во еднаква фактичка положба односно имаат ист коефициент на сложеност на трудот.

5. Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија ги оценувал оспорените членови, а по повод на наведените иницијативи не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.60/99 и 69/99
28 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков