68/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 5 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски .МК домен („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „ваквата подзаконска одредба нема основа во Уставот на Република Македонија и во Законот за основање на македонска академска истражувачка мрежа. Имено, според член 10 алинеите 8 и 9 од овој закон, врз основа на кој е донесена и оспорената одредба, Управниот одбор донесува општ акт за начинот на водење на регистарот и донесува општи акти за користење на телекомуникациските услуги, а не и забрани каква што е оспорената одредба. Такви забрани можат да се предвидуваат само со Уставот, Законот за основање на македонската академска истражувачка мрежа или некој друг закон, а не со подзаконска одредба каква што е оспорената одредба.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „обврската што со оспорената одредба им се наметнува на постојните регистранти, не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а и загрозување на нивната правна сигурност како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ако се има предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку не постапат според оспорената подзаконска одредба.“

Покрај тоа, подносителот на иницијативата смета дека „со оспорената одредба, исто така, се доведува во прашање и остварувањето на легитимните очекувања на постојните регистранти, кои тие ги имале во моментот на регистрацијата согласно условите што во тогаш важечките прописи биле утврдени за регистрација. Ова, од друга страна, значи дека со овие одредби се создава правна ситуација односно новиот Правилник да се применува и на односи кои се настанати и решени пред неговото влегување во сила, со што Правилникот има и повратно дејство. Поради тоа, со оспорената одредба се повредува не само принципот на владеењето на правото, туку и принципот на забрана на повратното дејство на законите и другите прописи утврден во член 52 став 4 од Уставот.“

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба од Правилникот не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и со став 2, член 32 став 1, член 51, член 52 став 4, член 54 став 1 и член 55 од Уставот, како и со член 1, член 5 став 2 и член 10 алинеите 8 и 9 од Законот за основање на македонската академска истражувачка мрежа.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 од Правилникот определува дека „регистрантот не смее доменот да го дава или пренесува на користење на друг субјект, само во случаеви утврдени со актите на МАРнет. Регистрантот не смее да се откаже, да го пренесе или да превземе било која форма што значи пренесување на доменот, доколку со тоа стекнува финансиска или било која друга корист од субјектот во чија корист го отстапува доменот“ (став 1). „Доколку Регистрантот постапи спротивно на став 1 од овој член, МАРнет презема дејства за бришење на сите домени регистрирани од страна на Регистрантот кој постапил спротивно на овој член“ (став 2).

Судот, исто така, утврди дека на 21 мај 2014 година Управниот одбор на Македонската академска истражувачка мрежа донесе нов Правилник за организирањето и управувањето со врвниот македонски .МК домен и врвниот .МКД домен („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2014).

4. Според член 110 алинеjа 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Правилникот престана да важи по донесувањето на Правилникот за организирањето и управувањето со врвниот македонски .МК домен и врвниот .МКД домен („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2014), со што таа одредба не е повеќе во позитивниот правен поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата предвидени во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.68/2014
5 ноември 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева