У.бр.68/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на согласноста на Одлуката бр.02-222 за определување на бројот на членови на Собранието на Црвениот крст на Република Македонија во мандатниот период 2004-2008 година, донесена од Извршниот одбор на Црвениот крст на седница одржана на 27 февруари 2004 година, со Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

2. Општинската организација на Црвениот крст – Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на актот означен во точката 1 од ова решение со Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била нестатутарна од причини што бројот и структурата на претставниците на општинските организации во Собранието на Црвениот крст на Република Македонија било потребно да се определува согласно членот 19 од Статутот и дека утврдените критериуми на секои 35.000 жители да се избира по еден преставник ги оштетува поголемите општински организации на сметка на помалите кои добиваат поголем број места за застапување во Собранието. Со тоа се нарушувал принципот на демократичноста и влијанието на поголемите општински организации кое било предвидено во статутарните одредби со кои се регулира оваа материја. Според тоа се наведува понатаму во иницијативата, се одземале три претставника на општинската организација во Тетово, со што е повреден Статутот на Црвениот крст на Република Македонија и се бара од Уставниот суд на Република Македонија да ја отфрли одлуката како нестатутарна. Како неоснована и нестатутарна била и писмената кореспонденција што била упатена од страна на Извршниот одбор на Црвениот крст на Република Македонија и тоа:

– Писмо од Црвениот крст на Република Македонија бр.03-223 од 16 март 2004 година,
– Список на општини во Република Македонија со бројот на жителите,
– Член 19 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија,
– Член 26 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Извршниот одбор на Црвениот крст на Република Македонија врз основа на член 19 и 26 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија донел одлука бр.02-222 за определување на бројот на членови на Собранието на Црвениот крст во мандатниот период 2004 – 2008 година на седница одржана на 27 февруари 2004 година.

Согласно членот 1 од оспорената одлука Собранието на Црвениот крст на Република Македонија, во мандатниот период 2004 – 2008 година, ќе го сочинуваат вкупно 75 членови, избрани на собранијата на општинските организации на Црвениот крст и Младите на Црвениот крст.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека Собранијата на општинските организации на Црвениот крст, во сооднос со бројот на жители во општината избираат вкупно 71 претставници, а за Собранието на општинска организација – Тетово е определено да има 4 претставници.

Според членот 3 од Одлуката во составот на Собранието на Црвениот крст на Република Македонија се застапени 4 претставници, кои ги избираат Младите на Црвениот крст.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите, а според алинејата 7 Судот одлучува за уставноста на програмите и на статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината и карактерот на оспорената одлука Судот утврди дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија. Всушност, оспорената одлука претставува интерен акт и не произведува правно дејство врз неопределен број на субјекти во правниот промет.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот бара од Уставниот суд да утврди дека оспорената Одлука е неоснована и нестатутарна, бидејќи била донесена спротивно на одредбите од членовите 19 и 26 од Статутот на Црвениот крст на Република Македонија. Имајќи ја предвид утврдената надлежност на Уставниот суд на Република Македонија во членот 110 од Уставот, а врз основа на изнесените наводи, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на оспорената Одлука со Статутот на Црвениот крст на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2004
19 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова