У.бр.67/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 09 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015 и 192/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а во делот“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје и Зоран Стојановски адвокат од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот Александра Илиева Милчова со оспорениот член 2 став 1 точка 12-а во делот се повредувал членот 35 од Уставот на Република Македонија од причини што давањето на овластување регистрационен агент да биде лице со завршен економски факултет, кое составува правни акти – договори, изјави и одлуки и да ги застапува лицата врз основа на полномошно пред Централниот регистар на Република Македонија се крши уставната определба за самостојност на адвокатурата. Воедно, со давањето на можноста на нестручни лица да застапуваат и составуваат правни акти се врши кривично дело надриписарство од член 381-а од Кривичниот законик.

Понатаму, според подносителот на иницијативата со оспорениот член 35 став 7 од Законот, адвокатот бил ставен во подредена положба и неовластено му се наметнувала должноста да ги извршува работите без надоместок, како да е вработено лице во Централниот регистар, што било спротивно на уставната определба за самостојноста и независноста на адвокатот.

Според наводите на подносителот на иницијативата Зоран Стојановски, кој го оспорува член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем, а во суштина се работи за член 35 став 7 од основниот текст на Законот кој ќе биде предмет на анализа во конкретниов случај, оспорениот член не бил во согласност со член 8 алинеите 3, 6 и 7, член 32 став 3, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што со оспорената одредба на регистрационите агенти им се забранува да наплаќаат надоместок за услугите што ги пружаат на клиентите, со што ги става во нееднаква и нерамноправна положба во однос на другите физички и правни лица на кои основна трговска дејност им е услужна и на кои им е загарантирана заработувачката како и на секој друг вработен.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 7 од членот 35 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е предвидено дека:

Извршената услуга за упис на основање на трговец поединец и трговско друштво преку Системот за е-регистрација, регистрациониот агент ја врши без надоместок и награда.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 3 на овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на член 53 од Уставот произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.

Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011 и 113/2012), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).

Во членот 3 од Законот е определено дека правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и други правни лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

Во ставот 2 од членот 4 од Законот за адвокатурата е предвидено дека, во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.

Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Според член 19 од Законот, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека адвокатот во обезбедувањето на правна помош може да преземе голем број на разновидни дејствија за кои има право на награда и надомест на трошоците за извршената работа во висина определена со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Според член 1 од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015 и 192/2015),со овој закон се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанствата, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.

Во членот 2 од Законот,е утврдено значењето на одделни изрази кои се употребуваат во Законот.

Во членот 2 став 1 точка 12а од Законот е определено значењето на регистрационен агент така: “Регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност адвокат и адвокатско друштво кои имаат овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.

Во членот 34-а од Законот поместен во насловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент “ предвидено е дека:

1. За добивање на овластување за регистрационен агент, лицето треба да ги исполни следниве критериуми:

1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или да е запишан во Именикот на адвокати, или Именикот на адвокатски друштва;

2) да има вработено лицe со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, или да e вршител на адвокатска дејност согласно со Законот за адвокатурата;

3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето, да има потпишано договор за користење на Системот за е- регистрација со Централниот регистар на Република Македонија и да поседува личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и

4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата и дека ке ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.

2. Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.“

Во членот 34-б поместен во насловот„Трошоци за добивање на овластувањето “ е предвидено дека:
(1) Трошоците за добивање на овластувањето ги сноси барателот.
(2) Трошоците од ставот (1) на овој член ги определува Централниот регистар.

Во членот 34-в во поднасловот „Постапка за добивање на овластувањето“од Законот е предвидено дека :

(1) За добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар.
(2) Со барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
1. доказ за вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител, кога се работи за трговец поединец или трговско друштво за вршење сметководствени работи.
2. изјава дека исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема, соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
3. изјава за заштита на личните податоци потпишана од барателот на овластувањето и дека ќе ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.
(3) Барањето од ставот (2) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
(4) Централниот регистар ги пропишува формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член.
(5) Доколку се исполнети критериумите утврдени со овој закон Централниот регистар со лицето од ставот 1 на овој член потпишува договор за користење на Системот за е- регистрација и во рок од 15 дена, од денот на поднесувањето на барањето од ставот 1 на овој член донесува решение за овластување регистрационен агент.
(6) Решението од ставот (4) на овој член се издава со трајна важност.
(7) Oвластувањето не може да се пренесува.

Од анализата на цитираните одредбите од Законот за едношалерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица недвосмислено произлегува дека регистрациониот агент за да може да ја врши оваа услуга потребно е да поседува,односно да исполнува определени услови утврдени со закон, да поднесе барање до Централниот регистар кој донесува посебно решение со трајна важност,кое не може да се пренесува, при што направените трошоци за добивање на решение за овластување регистрационен агент ги сноси подносителот на барањето.

При проучување на прашањето за тоа кој може да биде регистрационен агент и дали за вршење на со закон утврдената надлежност односно извршената услуга за упис преку системот за е-регистација во Централниот регистар треба да прими надоместок или не како што е предвидено во оспорениот член 35 став 7 од Законот за едношалерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица се наметна потребата да се изврши увид и во Законот за трговските друштва.

Во членот 87 во насловот „Постапка за упис“ од Законот за трговските друштва е предвидено дека постапката за упис во трговскиот регистар се води според посебна управна постапка утврдена со прописите за едношалтерскиот систем.

Имено, во членот 92 од наведениот закон е предвидено дека:

(1) Постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување на пријава на пропишан образец во која е содржано барањето за упис. Пријавата се поднесува од овластен подносител во писмена форма или во електронска форма, освен за упис на основање на ДОО и ДООЕЛ за кои пријавата се поднесува исклучиво во електронска форма, потпишана со електронски потпис согласно со Системот за е-регистрација и поднесена согласно со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

(2) Пријава за упис на трговско друштво поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со овој закон поинаку не е определено.

3) Пријавата од ставот (2) на овој член, може да ја поднесе и полномошник со полномошно дадено од овластениот подносител, во писмена форма заверена кај нотар или дадено во електронска форма потпишано со електронски потпис согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис .

(4) За вистинитоста и за законитоста на податоците одговара овластениот подносител од ставот (1) на овој член, односно лицата определени со овој закон.

Од наведените одредби произлегува дека постапката за упис во трговскиот регистар на трговското друштво се води според прописите за едношалтерскиот систем, а пријавата се поднесува од овластен подносител при што покрај фактот што како овластен подносител може да се јави законскиот застапник на трговското друштво, ополномоштено лице од него како и регистрациониот агент согласно Законот за едношалтерскиот систем ……

При тоа, според мислењето на Судот, доколку како поднесувач на пријавата за упис во Централниот регистар во системот на е-регистрација се јавува законскиот застапник на правното лице кој е во работен однос, не е логично да се очекува да се предвиди надоместок за направената услуга. Меѓутоа, ако како подносител на пријавата за регистрирање во Централниот регистар во системот на е-регистрација се ангажира регистрационен агент кој за вршење на услугата има посебно решение за овластување регистрационен агент за кое имал и посебни трошоци, Судот смета дека тој треба да добие соодветен надоместок.

Во поткрепа на наведеното стојалиште дека секое лице за својата работа има право на соодветна заработувачка зборуваат и меѓународните документи.

Така, според член 6 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кон кој нашата држава има пристапено согласно Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународно правните документи за основните човекови права и слободи, (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/1993), државите – страни на овој пакт го признаваат правото на работа кое го опфаќа правото што го има секое лице и можноста за заработувачка преку слободно избрана или прифатена работа и презема мерки за зачувување на ова право, а според членот 7 од овој меѓународен пакт, државите – страни го признаваат правото што го има секое лице да се користи со правичните и поволните услови за работа што особено обезбедуваат награда што им обезбедува минимум на сите работници, праведна заработувачка и еднаква награда за работа од иста вредност, како, и пристоен живот за нив и за нивното семејство, согласно со одредбите на овој пакт.

Во членот 4 од Европската социјална повелба (“Службен весник на Република Македонија” бр.89/2004) е предвидено дека со цел да обезбедат вистинска примена на правото на правична заработувачка, страните договорнички се обврзуваат, покрај другото, да им го признаат правото на работниците на заработувачка доволна за да им обезбеди, нив како и на нивните семејства, пристоен животен стандард.

Од наведените уставни одредби поместени во делот на основни економски, социјални и културни права, како и од одредбите на наведените меѓународни акти произлегува дека правото на заработувачка, односно плата е есенцијално право на работникот, а кое право нему и на неговото семејство, му овозможува пристоен животен стандард.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека во конкретниов случај со основ може да се постави прашањето дали со исклучувањето од правото на надоместок и награда на регистрациониот агент за извршената работа законодавецот не ги надминал уставните овластувања, односно не ги довел во прашање наведените уставни одредби и одредбите од меѓународните акти со кои се гарантира правото на соодветна заработувачка. Ова особено ако се има предвид дека давањето на конкретните услуги спаѓа во корпусот на услуги што вообичаено ги пружаат адвокатите и трговските друштва за што остваруваат соодветна награда. Притоа, законодавецот не пропишал дека наместо странката во чие име се дава услугата, дека државата ќе му исплати награда на адвокатот, односно регистрациониот агент за стручната услуга што од него се бара да ја пружи, имајќи предвид колку се строги условите за тоа кој може да биде регистрационен агент.

Со оглед на наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот 35 став 7 од Законот со одредбите на Уставот на кој се повикуваат подносителите на иницијативите.

6. Судот, исто така утврди дека во оспорениот дел од членот 2 став 1 точка 12-а од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица предвидено е дека регистрационен агент„ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност“.

Во натамошната постапка е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.120/2013 од 19 март не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3, поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“, член 34-а и 34-б став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на РМ“ бр.70/2013).

Во оспорениот член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е предвидено дека по точка 12 се додава нова точка 12-а, која гласи: „12-Регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.

Со воведувањето на системот за е-регистрација во Централниот регистар, утврдувањето на тоа дека е-регистрацијата може да биде спроведена односно, поднесена од регистрационен агент кој за да го има овој статус треба да врши точно определена дејност, не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата. Тоа поконкретно значи дека право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на одредена дејност, кои подеднакво ќе се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, па токму, врз основа на овие принципи законодавецот ги определил условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на самостоен регистрационен агент, овластен да поднесува пријави за упис во Централниот регистар, преку системот за електронска регистрација. Со овие законски одредби практично се уредува електронскиот начин на упис во регистарот.

Понатаму, утврдено е дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.80/2014 од 12 ноември 2014 година ја отфрлил иницијативата за оцена на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007,150/2007, 140/2008,17/2011, 53/2011, 70/2013 и 115/2014).

Во образложението на решението се наведува дека Уставниот суд на Република Македонија веќе ја ценел уставноста на одделни одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на РМ“ бр.70/2013), при што со решение У.бр.120/2013 од 19.03.2014 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3 (член 2 став 1 точка 12-а од интегралниот текст на Законот), поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“, член 34-а и 34-б став 2 од овој закон. Во ова решение Судот изразил став дека со воведувањето на системот за е-регистрација во Централниот регистар, утврдувањето на тоа дека е-регистрацијата може да биде спроведена односно поднесена од регистрационен агент кој за да го има овој статус треба да врши точно определена дејност (сметководствена дејност), не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата (член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот). Тоа поконкретно значи дека право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на одредена дејност, кои подеднакво ќе се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, па токму врз основа на овие принципи законодавецот ги определил условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на самостоен регистрационен агент, овластен да поднесува пријави за упис во Централниот регистар, преку системот за електронска регистрација.

7. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорениот дел од членот 2 став 1 точка 12-а од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица како и наведената уставно судска практика наспрема наводите од новоподнесената иницијатива, Судот оцени дека истите не се основани, односно во неа не се содржани наводи кои би можеле да влијаат на веќе изнесениот став на Судот за поинакво одлучување, од кои причини иницијативата за делот од наведениот член согласно членот 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд ја отфрла.

8. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Судот решението од точката 1 го донесе едногласно, а решението од точката 2 со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2015
09 март 2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева