У.бр.66/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 151 став 7 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015 и 23/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 151 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со цитирање на членот 3 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, според кој, постапката на вршење на надзор и контрола над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон се врши согласно со Законот за инспекциски надзор и Законот за даночната постапка.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 151 од истиот закон во кој е содржан и оспорениот став 7 во кој е предвидено дека: „Против решението од ставовите 4 и 6 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд“.

Во иницијативата се цитираат член 2 и член 43 ставови 1, 2 , 3 и 4 од Законот за инспекциски надзор; член 1 став 1 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка; како и член 2 став 1 од Законот за управата за јавни приходи.

Врз основа на анализата од целината на Законот за игрите на среќа и за забавните игри и посебно цитираните одредби од овој закон подносителот на иницијативата заклучува дека на даночните инспектори од Управата за јавни приходи им било доверено правото да вршат надзор над спроведувањето на одредбите од Законот, како и над прописите донесени врз основа на наведениот закон, а таквиот надзор се вршел согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за даночната постапка. Во случај кога ќе била констатирана повреда на Законот за игрите на среќа и за забавните игри надлежниот инспектор носел решение против кое било дозволено правно средство-тужба за водење на управен спор.

Од цитираните одредби од Законот за инспекциски надзор и посебно од неговиот член 43 произлегувало дека жалбата била правното средство кое можело да се изјави против решението донесено по спроведената инспекциска постапка од страна на инспектор во инспекторатот.

Исто така, од членот 2 точка 1 и членот 43 ставови 2 и 3, во врска со член 3 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, како и со член 1 став 1 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка произлегувало дека законското решение во оспорената одредба да се дозволи поднесување на тужба, како правно средство за водење на управен спор, било спротивно на овие цитирани одредби. Ова од причина што жалбата во правниот систем ја наоѓала својата оправданост во тоа да првостепената одлука не морала секогаш да биде правосилна и законита.

Со оспорената одредба се пропишувала тужба како правно средство, иако во материјалните закони било предвидено против одлука на инспектор, донесена по спроведена инспекциска постапка, да може да се изјави само жалба до надлежната комисија.

Сето наведено го слабеело принципот на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи оспорената одредба не била конзистентна со одредбата од членот 43 ставови 2 и 3 од Законот за инспекциски надзор во врска со членот 2 од истиот закон, како и со членот 1 став 1 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Од нивната правна заедница (на законите) произлегувало дека со материјален закон, а против одлука на инспекторот, донесена по спроведена инспекциска постапка, како правно средство, можела да се дозволи само жалба, но не и тужба за водење на управен спор.

Заради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине.

3. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 151 став 7 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, против решението од ставовите 4 и 6 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XXI на Уставот, со кој е заменет членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Од анализата на цитираниот уставен амандман произлегува дека уставотворецот остава простор со закон да се уреди правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, како што се во случајов актите на инспекторите донесени во постапката на инспекциски надзор кај приредувачите на игрите на среќа и забавните игри.

Во членот 151 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри се предвидени ситуациите кои подлежат на инспекциски надзор.

Така, според ставот 1 од членот 151 од наведениот закон, при вршењето на инспекцискиот надзор, овластеното службено лице на Управата за јавни приходи особено врши надзор:

1) над приредувањето на игрите на среќа, дали игрите на среќа се приредуваат во согласност со закон, во согласност со издадената лиценца, односно дозвола и во согласност со правилата на игрите на среќа;
2) на исполнување на просторните и техничко-технолошките услови за приредување на игрите на среќа и забавните игри;
3) на автоматите за игри на среќа во однос на нивниот број, техничката исправност и жигот и проверка на плочките за означување и регистрација на автоматите за игри на среќа и масите на кои се приредуваат игрите на среќа;
4) на водењето на деловните книги и другата документација поврзана со приредувањето на игрите на среќа и забавните игри;
5) над плаќањето на надоместоците за добивање на лиценца, односно дозвола надоместоците, посебните надоместоци и посебните давачки утврдени со овој закон, како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон, од страна на приредувачите на игри на среќа и забавни игри;
6) над депонираниот банкарски депозит, односно банкарската гаранција;
7) на лозовите, томболските картички и тикетите;
8) над приредувањето на игрите на среќа и забавните игри во случај на одземање, прекин и откажување на лиценцата, односно дозволата;
9) на достапноста на правилата за приредување на игрите на среќа на учесниците во игрите на среќа;
10) на продажните места на лозовите, томболските картички, тикетите и терминалите;
11) на посетата на лицата во просториите каде што се приредуваат посебни игри на среќа;
12) на учеството во игрите на среќа на лицата на кои со овој закон тоа им е забрането;
13) над приредувањето на забавни игри;
14) на работното време на просториите во кои се приредуваат игри на среќа и забавни игри;
15) на објавувањето, исплатата и подигањето на добивките на добитниците во игрите на среќа;
16) на неповредливоста на тајноста на податоците согласно со закон;
17) над исполнувањето на условите од членот 138 став (4) на овој закон и обврската на овластеното лице за придржување кон цените на чинење на секоја одделна услуга поврзана со утврдувањето на техничката исправност на автоматите за игри на среќа и
18) врши други работи заради надзор над приредувањето на игрите на среќа и забавните игри согласно со овој закон.

При вршењето на инспекцискиот надзор, овластеното службено лице на Управата за јавни приходи врши проверка на документацијата со која се докажува возраста на лицата во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа (став 2).

При вршењето на инспекцискиот надзор овластените службени лица изготвуваат записник (став 3).

Врз основа на записникот од ставот 2 на овој член овластеното службено лице со решение ќе му нареди на приредувачот на играта на среќа да ги отстрани утврдените неправилности во рок од 30 дена од денот на приемот на решението (став 4).

Ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврдат повреди на одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон кои претставуваат основ за одземање на лиценцата односно дозволата, Управата за јавни приходи за тоа веднаш го известува Министерството за финансии кое ќе поведе постапка за одземање на лиценцата, односно дозволата (став 5).

Ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловна просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, овластеното службено лице врши запечатување на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена, а вршење на друга дејност во рок од една година (став 6).

Против решението од ставовите 4 и 6 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд (став 7).

За сите цитирани можни ситуации, законодавецот предвидел само за случаите опфатени во ставовите 4 и 6 од членот 151 од Законот засегнатото лице да може да поведе управен спор со поднесување на тужба до надлежниот суд. Ваквото законско решение според оцена на Судот е во целосна согласност со определбата на уставотворецот од Амандманот XXI на Уставот за користење на едно од таму предвидените правни средства, жалба или тужба, против донесен поединечни правен акт во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Притоа, според образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри од август 2015 година, кога оспорениот член 151 став 7 од Законот ја добива сегашната содржина („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2015) законодавецот направил вакво уредување со цел да се постигне поголема ефикасност во управната постапка.

Оттаму, оспорениот член 151 став 1 од Законот оценуван од аспектите на иницијативата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и Амандманот XXI на Уставот.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од содржината на цитираната одредба произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на законите или како што бара подносителот на иницијативата да ја оценува законитоста на оспорената законска одредба и нејзината усогласеност со член 2 и член 43 ставови 2 и 3 од Законот за инспекциски надзор во врска, како и со член 1 став 1 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Оттаму, Судот не се впушти во оценување на основаноста на наводите за незаконитост на оспорената законска одредба.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.66/2016
18 јануари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски