У.бр.66/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 288 ставови 2, 4 и 5 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 51/2011 и 100/2012).

2. Оливер Давидовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 288 ставови 2, 4 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со донесувањето на новиот Закон за кривична постапка се укинало правото на оштетениот преку поднесување на супсидијарна тужба да стапи на местото на јавниот обвинител кој не започнал, односно се откажал од веќе започнато кривично гонење и на тој начин како супсидијарен – овластен тужител да го преземе, односно продолжи кривичното гонење против обвинетиот кога станува збор за кривично дело кое се гони по службена должност.

Со новиот Закон за кривична постапка, според подносителот на иницијативата, Јавниот обвинител се стекнал со целосен монопол врз кривичното гонење, целосно дискреционо право околу оценката дали воопшто ќе се подигнува и претходна постапка. Правната заштита на оштетениот која му била одземена со укинување на правото на супсидијарна тужба, била компензирана со препишување на можноста утврдена во член 288 став 2 од Законот за кривичната постапка, негативната одлука на основниот јавен обвинител со која истиот ја отфрлил кривичната пријава, оштетениот да може да изјави редовен правен лек – жалба до непосредно повисокиот, односно до вишиот јавен обвинител.

Според наводите во иницијативата оваа законска одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, поточно со Амандман XXI од Уставот, согласно кој се гарантира правото на жалба против поединечни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека гаранцијата на правото на жалба исклучиво се остварувало преку нејзиното деволутивно дејство кое овозможувало во втор степен да одлучува друг, повисок орган од оној што одлучувал во прв степен. Деволутивното дејство би било остварено,само доколку по жалбата би одлучувал друг непосредно повисок и независен орган од оној кој одлучувал во прв степен.

Според наводите во иницијативата со содржината на оспрените ставови на законската одредба на членот 288, законодавецот предвидувал против негативната одлука донесена во прв степен од страна на Основното јавно обвинителство, повторно да одлучува ист орган, што било во спротивност со Амандман XXI од Уставот. Вишото јавно обвинителство, според подносителот на иницијативата, не можело да се смета за друг, повисок орган во однос на Основното јавно обвинителство чија негативна одлука се обжалува.

3. Судот на седницата утврди дека, во член 288 од Законот за кривична постапка е предвидено следново:

(1) Јавниот обвинител со решение ќе ја отфрли кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело;

(2) Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, а подносителот на пријавата се известува за причините за отфрлањето;

(3) Доколку жалбата е недозволена или ненавремена повисокиот јавен обвинител писмено ќе го извести оштетениот;

(4) Повисокиот јавен обвинител во рок од 30 дена по приемот е должен да одлучи по жалбата на оштетениот;

(5) Постапувајќи по жалбата, повисокиот јавен обвинител може со решение да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или жалбата да ја уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката.

4. Според Амандман XXI од Уставот на Република Македонија, со кој е заменет членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Со Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) се уредуваат надлежноста, основањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Според член 3 од Законот, јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во членот 6 од истиот закон, е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација согласно со закон. Почитувањето на принципите од став 1 на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.

Операционализација на овие принципи јасно може да се согледа преку анализата на одредби од членовите 20 до 28 во кој се уредени прашањата кои се однесуваат на одговорноста, надзорот, оценувањето, давање задолжителни писмени насоки од непосредно повисокиот јавен обвинител при вршење надзор, оценка како и преземање кривично гонење за кое е надлежен понискиот јавен обвинител.

Според член 30 став 1 од Законот за јавното обвинителство во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител ги има овластувањата што ги имаат Министерството за внатрешни работи и другите државни органи за откривање на кривични дела и нивните сторители и на прибирање на докази заради кривично гонење на сторителите на кривични дела; во предистражна постапка има овластувања да издава наредби за примена на посебните истражни мерки; ја раководи предистражната постапка и ги има на располагање овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во согласност со закон; може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа; одлучува за преземање или продолжување на кривичното гонење за сторителите на кривични дела; поднесува и застапува обвиненија пред судовите; изјавува редовни или вонредни правни лекови против судски одлуки; да поднесува барање за поведување прекршочна постапка и да врши и други дејствија определени со закон.

Јавниот обвинител врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривично правниот систем и спречување на криминалот.(став 2) Во случај на непостапување на другите државни органи од ставот (1) алинеја 1 на овој член, јавниот обвинител може сам да ги презема дејствијата што ги вршат овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи или другите државни органи.(став 3).

Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ“ бр.150/2010, 51/2011 и 100/2012) ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка (член 1).

Оспорениот член 288 од Законот е поместен во втор дел од истиот, со наслов „Тек на постапката – оддел А. Претходна постапка“. Во истиот дел е содржана и XX Глава со поднаслов: „Предистражна постапка“ во кој се содржани членовите 272 – 290.

Според член 272 од Законот, јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава.

Во член 274 од истиот закон се предвидува дека кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини (став 1). Ако пријавата е поднесена преку електронски уред се обезбедува нејзин електронски запис и се составува службена белешка (став 2). Ако кривичната пријава се поднесува усно, пријавувачот ќе се предупреди за последиците од лажно пријавување. За усната пријава ќе се состави записник, а ако кривичната пријава е соопштена по телефон ќе се состави службена белешка (став 3). Ако кривичната пријава е поднесена до полицијата, до судот или до ненадлежен јавен обвинител, тие ќе ја примат пријавата и веднаш ќе ја достават до надлежниот јавен обвинител (став 4).

Според оспорениот член 288 од Законот:

(1) Јавниот обвинител со решение ќе ја отфрли кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело.

(2) Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, а подносителот на пријавата се известува за причините за отфрлањето.

(3) Доколку жалбата е недозволена или ненавремена повисокиот јавен обвинител писмено ќе го извести оштетениот.

(4) Повисокиот јавен обвинител во рок од 30 дена по приемот е должен да одлучи по жалбата на оштетениот.

(5) Постапувајќи по жалбата, повисокиот јавен обвинител може со решение да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или жалбата да ја уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката.

Со донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка се воведе целосно нов систем на казнената постапка со целосно преуредување на начинот на водењето на истрагата која премина кај јавниот обвинител, воведување на нови институции како правосудна полиција и истражни центри на јавното обвинителство, редефинирање на начинот на водење на главната расправа, на системот на правни лекови, како и субјектите на гонење за сторени кривични дела, односно според прифатениот концепт во новиот Закон за кривичната постапка единствен овластен тужител во редовната кривична постапка е јавниот обвинител. Со ваквиот концепт се напушти супсидијарната тужба како коректив на постапувањето на обвинителот и истовремено е воспоставен контролен механизам според кој оштетениот може да се обрати со жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител од оној кој ја донел одлуката за откажување од гонење, односно за неповедување кривична постапка, а што не е во спротивност со Уставот од причина што дискреционо право е на законодавецот да го утврди овластениот тужител во постапката, што впрочем и го сторил со оспорената законска одредба.

Од анализата на целината на Законот за кривичната постапка, како и уставната поставеност на јавниот обвинител, која децидно е утврдена во Законот за јавното обвинителство и во кој е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, неспорно произлегува дека наводите во иницијативата со кои се тврди дека член 288 од Законот е во спротивност со Амандман XXI од Уставот, се неосновани.

Имено, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспореното законско решение се повредува деволутивното дејство на жалбата како редовен правен лек бидејќи, според подносителот на иницијативата, по жалбата на решението за отфрлање на кривичната пријава повторно одлучувал еден ист орган, јавниот обвинител, кој бил еден, единствен самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела. Ова од причини што од анализата на целината на Законот за јавното обвинителство, јасно произлегува дека јавното обвинителство е организирано врз принципот на хиерархија и субординација, што подразбира дека оспореното решение во член 288 од Законот не се доведува во прашање по однос на неговата уставност vis a vis Амандман XXI од Уставот, од причина што по жалбата на решението за отфрлање на кривичната пријава донесена од страна на јавниот обвинител, одлучува непосредно повисокиот јавен обвинител, кој согласно принципот на хиерархија и субординација врши контрола и надзор над работата на пониските јавни обвинители. Преку оценката на решението за отфрлање на кривичната пријава, непосредно повисокиот јавен обвинител, (значи друг орган, а не ист) по повод жалбата на оштетениот цени дали јавниот обвинител основано ја отфрлил кривичната пријава . Ова, дотолку повеќе што во случајов не се работи, односно не станува збор за судска одлука, туку за јавно обвинителска одлука или дејствие кое го презема јавниот обвинител. На тој начин испочитувани се принципите на хиерархија и субординација предвидени во член 6 од Законот за јавното обвинителство, поради што и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека е повреден Амандман XXI од Уставот, односно дека по изјавената жалба одлучувал ист орган.

Врз основа на наведената уставно- судска анализа, според Судот, оспорениот член 288 ставовите 2, 4 и 5 од Законот за кривичната постапка не може да се доведе под сомнение по однос на Амандман XXI од Уставот, на кој се упатува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.66/2015
16 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева