66/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на

(1) Одлуката за исплата на паричен надоместок по основ на структурни реформи, бр.23-1453/1, донесена од Владата на Република Македонија на 19 март 2002 година;

(2) Одлуката за исплата на паричен надоместок по основ на структурни реформи за работниците од ХЕК “Југохром”-Јегуновце, бр.23-2951/1, донесена од Владата на Република Македонија на 4 јуни 2002 година;

(3) Одлуката за исплата на паричен надоместок по основ на структурни реформи за работниците до Кожарскиот комбинат “Гоце Делчев” АД – Скопје, бр.23-4139/1, донесена од Владата на Република Македонија на 13 август 2002 година;

(4) Одлуката за исплата на еднократен паричен надомест по основ на структурни реформи за работниците од МК “Астибо” АД Штип, бр.23-4844/1, донесена од Владата на Република Македонија на 24 септември 2002 година;

(5) Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за исплата на еднократен паричен надомест по основ на структурни реформи за работниците од МК ” Астибо” АД Штип, бр.23-5206/1, донесена од Владата на Република Македонија на 8 октомври 2002 година;

(6) Одлуката за изменување на Одлуката за исплата на паричен надомест по основ на структурни реформи за работниците од Модна конфекција “Астибо” АД – Скопје, бр.23-5206/1, донесена од Владата на Република Македонија на 16 декември 2002 година.

2. Група граѓани од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 130 став 3 од Законот за работните односи со оглед дека определувале линеарна (фиксен износ на надоместокот) и континуирана (на повеќе пати) исплата на надоместокот, а не едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж кај работодавецот (најмногу до 12 плати) и еднократно односно одеднаш исплатување на таа испратнина како што определува наведената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека првата одлука определува од буџетските средства за 2002 година да им се исплати на работниците во ФАС “11 Окто мври” АД – Скопје паричен надоместок линеарно за секој работник во висина од 8.986,00 денари за секои 2 години работен стаж, но најмногу до 12 надоместоци (точка 1) и тоа да биде континуирано (точка 2).

Втората одлука определува од буџетските средства за 2002 година да им се исплати паричен надоместок на работниците од ХЕК “Југохром” – Јегуновце на кои им престанал работниот однос поради ликвидација на претпријатието, за што се издвојуваат 135.051.866,00 денари.

Третата одлука определува од буџетските средства за 2002 година да им се исплати паричен надоместок на работниците од Кожарски комбинат “Гоце Делчев” АД – Скопје на кои им престанал работниот однос поради ликвидација на друштвото, за што се издвојуваат 88.684.680,00 денари.

Четвртата одлука определува од буџетските средства за 2002 година да им се исплати еднократен паричен надоместок на работниците од МК “Астибо” АД – Штип на кои им престанал работниот однос поради ликвидација на друштвото, за што се издвојуваат 95.797.000,00 денари.

Петтата одлука врши измена на четвртата одлука, така што определува бришење на зборот “еднократен” односно определува исплата на испратнината на повеќе пати.
Шестата одлука врши измена на износот на средствата определени со четвртата одлука така што на работниците од МК “Астибо” се определува да им се исплатат 95.972.500,00 денари (претходниот износ беше помал – 95.797.000,00 денари).

Покрај тоа, Судот утврди дека првата одлука веќе беше предмет на оцена, при што иницијативата беше отфрлена со оглед дека Одлуката не е општ акт, односно се однесува на конкретно претпријатие и на конкретно дејство – исплата на испратнина (У.бр. 205/2002 од 19 март 2003 година).

4. Со оглед на тоа што првооспорената одлука веќе беше предмет на оцена, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на останатите пет одлуки, Судот исто така оцени дека се однесуваат на конкретни претпријатија и за конкретни дејства – исплата на испратнина, поради што и тие не се општи акти, односно прописи, па не влегуваат во делокругот на Уставниот суд според член 110 од Уставот.

Со оглед на тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.66/2003
7 мај 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов