65/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 244-а став 6 од Кривичниот Законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011).

2. Илијаз Керим од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на уставноста на член 244-а став 6 од Кривичниот законик означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената законска одредба било предвидено дека ќе се одземат во корист на државата недвижностите изградени без одобрение за градба или недвижностите изградени спротивно на одобрението за градба издадено од надлежен орган, што било спротивно на членовите 8 став 1 алинеја 6 и 30 став 3 од Уставот. Ова од причини што правото на сопственост било едно од темелните вредности на Уставот, а правото на сопственост можело да биде ограничено само ако постоел јавен интерес, при што случаите на постоење на јавен интрес биле таксативно наведени во Законот за експропријација, од каде се извлекувал заклучокот дека, согласно оспорената одредба недвижноста се одземала без постоење на јавен интерес. Напротив во одредбата бил содржан државен интервенционизам поради што истата била неуставна и незаконита.

Од друга страна во праксата се покажало дека се задирало и во правото на еднаквост на граѓаните од каде оспорената одредба била во спротивност и со членот 9 од Уставот. Имено, практичната примена на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, сопствениците на кои им била одземена недвижноста согласно оспорената одредба не можеле да ги легализираат истите, поради непостоење на право на сопственост, за разлика од другите на кои не им биле одземени недвижностите, заради запирање на постапката врз основа на споменатиот закон или пак заради укинување на слична одредба од Законот за градење. Со тоа сопствениците на одземениот недвижен имот биле ставени во нерамноправна положба по однос на другите сопственици на дивоградби, спротивно на членот 9 од Уставот.

Имајќи ја предвид специфичноста на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, подносителот на иницијативата смета дека не би било доволно оспорената одредба да биде укината, туку било потребно истата да биде поништена, бидејќи само на овој начин сопствениците на одземените, бесправно изградени објекти би имале можност истите да ги легализираат.

3. Судот на седницата утврди дека кривичното дело “Бесправно градење“ од членот 244-а од Кривичниот законик го врши тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, за што ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

Во оспорениот став 6 од членот 244-а од Кривичниот законик е предвидено дека, изградените недвижности се одземаат.

4. Правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 4). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) ги уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.

Правните основи за стекнување на правото на сопственост се уредени во членот 112 од Законот, кој предвидел дека правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување (став 1), како и дека право на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон (став 2).

Условите под кои може да се стекне сопственост на објект изграден без одобрение за градба е уредено во членот 121 од Законот. Според ставот 1 од наведениот член од Законот, на градежен објект изграден без одобрение за градење градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализација или рушење на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик, ако со закон поинаку не е определено.

Градителот на објектот од став 1 на овој член кој гради на свое или туѓо земјиште под услови утврдени во овој закон, може да стекне сопственост на таков објект, односно градбата да се лега-лизира, доколку објектот се вклопува во урбанистичкиот план, а градбата се потврди со одобрение за градење од надлежен орган и се запише во јавната книга за запишување на правата на недвижностите (став 2).

Ако за земјиштето каде што е изграден градежен објект без одобрение за градење не постои урбанистички план, а надлежниот орган утврди дека поминале десет години од изградбата на објектот и ја потврди градбата со одобрение за градење, градителот стекнува сопственост со упис во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, ако со посебен закон поинаку не е предвидено (став 3).

Одговорот, пак, на прашањето во кои случаи се смета дека одреден објект е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење и што содржи ваков вид на одобрение се наоѓа во Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011 и 13/2012).

Проблематиката по однос на нелегалните објекти е предмет на уредување на комплексна правна регулатива, па така одредби што ја уредуваат наведената проблематика се среќаваат и во Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/10, 18/11 и 53/2011).

Врз основа на нaведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот ја штити и гарантира сопственоста, но само онаа која е стекната на легален начин, според условите предвидени во наведените закони. Оттаму, Уставот не ги штити бесправно изградените објекти, односно објектите изградени без одобрение за градење или објектите изградени спротивно на одобрението за градење, од каде оспорениот член 244-а став 6 од Кривичниот законик, кој предвидел одземање на изградените недвижности, не може да се доведе под сомнение поради ограничување на сопственоста без постоење на јавен интерес, како што погрешно смета подносителот на иницијативата.

Напротив, откривањето на сторителите на кривични дела, меѓу кои и на сторителите на кривичното дело Бесправно градење од членот 244-а од Кривичниот законик, но и одземањето на изградените објекти не само што е јавен интерес за државата, туку и за целата заедница. Ова од причина што државата има интерес за планско развивање на урбаниот простор кој треба да ги задоволи потребите не само на поединецот, туку и пошироко, на сите граѓани во заедницата од каде Уставот ја штити само онаа сопственост што настанала на начин предвиден со закон.

Инаку, извршител на наведеното кривично дело може да биде инвеститорот (градител, изведувач, вршител на надзор), службеното лице кое во локалната самоуправа или во органот на државна управа е надлежно за вршење на работите од областа на уредување на просторот или под услови утврдени со Кривичниот законик и правното лице, односно градежната компанија, компанијата за надзор и слично.

Заради извршување на наведното кривично дело, согласно оспорениот став 6 од членот 244-а од Кривичниот законик во неговиот основен облик или пак во посебните облици предвидено е и одземање на изградените предмети како предмет на стореното кривично дело, според правилата на Главата VII Конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети која ги содржи членовите 97 до 100-а од Законикот.

Според членот 97 став 1 од Кривичниот законик, никој не може да ја задржи непосредната и посредна корист прибавена со кривичното дело. Имотната корист од ставот 1 ќе се конфискува со судска одлука со које е утврдено извршување на кривичното дело по условите предвидени со овој законик (став 2). Одлуката за конфискација судот ќе ја донесе во постапка определена со закон и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривичната постапка спрема сторителот на делото (став 3).

Според членот 100-а став 1 од Кривичниот законик, никој не може да ги задржи или присвои предметите што настанале од извршувањето на кривичното дело.

Конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети преставува посебна казнено-правна мерка која е правна последица на самото дело, заради попречување или отстранување на опасноста од противправно стекнување на имотна корист, односно на сопственост на правно недозволен начин, бидејќи во спротивно би дошло до состојба да се легализира нова вредност која настанала од противправно делување, односно од кривично казниво дело. Наведеното е во согласност со уставната определба за заштита на сопственоста стекната на легален, законит начин, па со оглед на тоа никој не може да стекне право на сопственост врз предмет што настанал како резултат на сторено кривично дело или пак е упоребен за сторување на делото. Оттаму, конфискацијата или одземањето на изградената недвижност согласно оспорената законска одредба треба да ги даде своите ефекти врз сузбивањето на појавата на извршување на кривичното дело Бесправно градење од членот 244-а од Кривичниот законик.

Од друга страна, законодавецот заради решавањето на проблемот со значителниот број на бесправно изградени градби, но и спречување на нивна изградба го донесе и Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011 и 54/2011).

Согласно член 1 од Законот, целта на законодавецот била да ги уреди условите, начинот и постапката за евидентирање, утврду-вање на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти.

Тоа што одреден број на граѓани ги искоритиле поволностите од наведениот Закон и ги легализирале бесправно изградените објекти на законски утврден начин и постапака, наспроти граѓаните кои подлежеле во минатото или ќе подлежат во иднина на кривична одговорност според членот 244-а од Кривичниот законик, односно изградениот објект им бил или ќе им биде одземен не го покренува прашањето за повреда на принципот на еднаквост на граѓаните согласно членот 9 од Уставот. Ова од причини што во прашање е конкретна примена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и на Кривичниот законик, односно неговиот член 244-а, во секој одделен случај, за секој конкретен сторител на наведеното кривично дело, според точно утврден временски период на важење, на двата по суштина различни закони, за чија примена водат сметка редовните судови, но не и Уставниот суд, кој нема надлежност за спроведувањето на законите.

Според Судот, исто така, несоодветно е повикувањето на подносителот на иницијативата на постоење на јавен интерес за ограничување или одземање на сопственоста согласно Законот за експропријација кога е во прашање заштитата на сопственоста наспроти барањето заштита на бесправно изграден објект, како резултат на сторено кривично дело, кога Уставот таква заштита не предвидел.

Од сето наведено произлегува дека определбата на законодавецот за одземање на изградениот објект, во постапка пропишана со закон, не преставува државен интеренционизам, како што смета подносителот на иницијативата, туку спроведување на казнена политика со цел сузбивање на општестевно опасни појави, меѓу кои, секако спаѓа и појавата на градење на објекти без одобрение за градење или пак спротивно на издаденото одобрение. Оттаму, оспорената законска одредба е во согласност со 8 став 1 алинеја 6 и 30 став 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.65/2012
10 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски