Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото на постојана парична помош, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оценка и мислење за неспособноста за работа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2015) и
– Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2015).
2. Елвис Шаќири од Тетово, Надире Реџепи од Тетово, Алберт Мемети од Тетово, Суад Скендери од Гостивар, Самет Скендери од Гостивар, Дениз Селмани од Гостивар, Себијан Фејзула од Скопје и Љатифа Шиковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на Правилниците означени во точка 1 на ова решение.
Според подносителите на иницијативата, со оспорените правилници бил повреден принципот на забрана за ретроактивно дејство на законите и другите прописи, утврден со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
Според решенијата коишто ги донеле центрите за социјална работа, центрите се повикувале на член 4 став 1 точка 7 од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, кој бил донесен на 02.01.2015 година, а влегол во сила по објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Имено, со тие измени на конкретниот правилник било наведено дека примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 70.000 денари ќе се сметаат за приход. Поради тоа што овој член влегол во сила по донесувањето на позитивните решенија од страна на центрите, а носителите на правото на социјална парична помош истата им била прекината и било утврдено дека за 2014 година овие лица незаконски ги користеле наведените средства поради тоа што примиле парични средства преку брз трансфер повисоки од 70.000 денари, истиот не можел да се употреби во конкретниот случај, а особено не можело врз основа на овој член да се донесе конкретното решение, поради тоа што тоа било ретроактивно дејство на подзаконскиот акт. Во сите случаи центрите донеле решение врз основа на Правилникот од 26.01.2015 година и се бара од носителите на правото да ја надоместат неоснованата исплата во периодот од 01.01.2014 година до 31.12.2014 година пред да влезе во сила Правилникот. Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат ретроактивно дејство, освен по исклучок, кога е тоа поповолно за граѓаните, што во конкретниот случај не било пример. Оттука, јасно произлегувало дека уставното начело за забрана на ретроактивното дејство на законите, значело забрана за примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила. Поради ваквото ретроактивно дејство на Правилникот се загрозувал и онака лошиот социјален статус на овие граѓани. Дополнително, со примена на овој член и пред времето од кога влегол во сила, освен социјалната сигурност, се загрозувале и правната сигурност и уставниот поредок.
Во прилог на иницијативата се доставени и четири решенија донесени од страна на центрите за социјална работа.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените правилници и истите да ги укине или поништи како несогласни со Уставот, со што ќе се спречи влошување на состојбата на социјално загрозените групи на граѓани, а посебно на припадниците на ромската етничка заедница.
3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото на постојана парична помош, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оценка и мислење за неспособноста за работа, има два члена.
Според член 1 од овој правилник, во Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото на постојана парична помош, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оценка и мислење за неспособноста за работа („Службен весник на Република Македонија″ бр. 58/13) во член 3 став 1 во точката 6 сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка.
По точката 7 се додава нова точка 8, која гласи:
„8. примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 50.000 денари и “.
Според член 2 на истиот правилник, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
Судот, исто така, утврди дека Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, има два члена.
Според член 1 од овој правилник, во Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, („Службен весник на Република Македонија″ бр. 54/13, 126/13 и 11/15), во член 4 став 1 во точките 7 и 8 износот „50.000“ се заменува со износот „70.000“ .
По ставот 2 се додава нов став 3, кој гласи:
„Доколку подносителот/корисникот на правото на социјална парична помош приложи потврда и сметка за набавка на ортопедско помагало или лекови, платените средства не се засметуваат во износот утврден во точките 7 и 8 од овој член.“
Ставот 3 станува став 4.
Според член 2 од истиот правилник, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 на истиот член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 180/014, 33/015, 72/2015, 104/2015 и 150/2015), се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита (член 1).
Според член 56 од овој закон, министерот за труд и социјална политика со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото, образецот на барањето и потребната документација.
Согласно член 67 од истиот закон, министерот со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права, образецот на барањето и потребната документација за остварување на правото, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за неспособноста за работа.
Врз основа на член 67 од Законот за социјалната заштита, министерот за труд и социјална политика донел Правилник за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото на постојана парична помош, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оценка и мислење за неспособноста за работа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2013). Во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2015 година, објавен е Правилник за изменување и дополнување на наведениот правилник, кој се оспорува со иницијативата. Овој правилник има два члена, при што во членот 2 се пропишува дека овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 27 јануари 2015 година.
Исто така, врз основа на член 56 од Законот за социјалната заштита, министерот за труд и социјална политика донел Правилник за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2013, 126/2013 и 11/2015). Во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2015 година, објавен е Правилник за изменување и дополнување на наведениот правилник, кој се оспорува со иницијативата. Овој правилник има два члена, при што во членот 2 се пропишува дека овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 20 февруари 2015 година.
Наведените правилници се оспоруваат поради тоа што со истите бил повреден принципот на забрана за ретроактивно дејство на законите и другите прописи, утврден со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, на начин што центрите за социјална работа, повикувајќи се на овие правилници, донесувале поединечни решенија со повратно дејство кое се протегало и на периодот пред донесување на Правилниците (за 2014 година), што било понеповолно за граѓаните.
Видно од одредбите за влегување во сила на оспорените правилници, истите влегуваат во сила наредниот ден од денот на нивното објавување во „Службен весник на Република Македонија“, од каде произлегува дека со нив не се предвидува повратно дејство спротивно на член 52 став 4 од Уставот, како што произлегува од иницијативата, поради што Судот оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на Правилниците.
Од аспект на примената на Правилниците од страна на центрите за социјални работи, при донесување на поединечни решенија за граѓаните за прашања регулирани со Правилниците, на што всушност се сведува иницијативата, Судот оцени дека станува збор за извршување на прописи (закони и подзаконски акти) за чија оценка Уставниот суд нема надлежност. Заштитата на законитоста на овие поединечни акти се обезбедува во управно-правна и управно судска постапка.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.64/2015
14 октомври 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева