64/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 150 став 2 и член 154 став 1 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).

2. Адвокат Ивана Ефтимов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата Уставот на Република Македонија го прифатил принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Согласно Уставот судската власт ја вршеле судовите и тоа самостојно и независно, додека јавното обвинителство бил единствен и самостоен државен орган кој ги гонел сторителите на кривичните дела. Имајќи ја предвид уставната позиција на судската власт и јавното обвинителство оспорените одредби од Законот за кривичната постапка не биле во согласност со член 98, односно со член 106 од Уставот. Имено, судот прибирал докази и податоци што му биле потребни на јавниот обвинител за тој да одлучи дали ќе подигне обвинителен акт или постапката ќе биде запрена што упатувало на заклучок дека судот бил во функција на извршен орган на јавниот обвинител, а судската функција на овој начин ја преземал јавниот обвинител, како извршна власт.

Откако истражниот судија ќе ги приберел доказите и податоците предложени од јавниот обвинител продолжувала следната фаза на кривичната постапка во која јавниот обвинител поднесува обвинителен акт до судот со докази прибавени од страна на судот. Токму во оваа фаза кулминирала неуставноста со тоа што на главниот претрес повторно се изведувале доказите кои веќе биле изведени од истражниот судија од што произлегувало дека судот и обвинувал и судел.

При ваква поставеност на работите било нелогично да судијата што суди се посомнева во вистинитоста на доказите изведени пред неговиот суд што одбраната ја ставала во подредена положба и се повредувало начелото на контрадикторност во постапката.

Во иницијативата се укажува дека и практичната примена на Законот за кривичната постапка ја покажала оваа недоследност, па по тој повод биле одржувани и повеќе советувања на кои се констатирало дека се нужни промени во оваа смисла.

Поради изнесените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 точка 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 150 став 1 од Законот истрага се поведува против определено лице кога постои основано сомнение дека сторило кривично дело.

Според оспорениот став во истрагата ќе се соберат докази и податоци што се потребни за да може да се одлучи дали ќе се подигне обвинителен акт или ќе се запре постапката, докази за кои постои опасност дека не ќе можат да се повторат на галвниот претрес или дека нивното изведување би било сврзано со тешкотии, како и други докази што можат да бидат од полза за постапката за чие изведување, со оглед на околностите на случајот се покажува како целесообразно”.

Според член 154 став 1 истрагата ја спроведува истражниот судија на надлежниот суд.

Со закон може да се определи еден суд во кој за подрачје на повеќе судови ќе се спроведува истрагата (истражен центар).

Истражниот судија врши истражни дејствија по правило само на подрачјето на својот суд. Ако интересот на истрагата бара, тој може одделни истражни дејствија да изврши и надвор од подрачјето на својот суд, но е должен за тоа да го извести судот на чие подрачје ги врши истражните дејствија”.

4. Во членот 8 од Уставот на Република Македонија, како темелна ведност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според членот 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Организацијата на судството е единствена.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањет, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Во членот 106 од Уставот е предвидено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години.

Од означените одредби произлегува дека Уставот судската власт ја конституирал како одвоена и независна власт. Определувајќи дека видовите и надлежноста, основањето и укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со Закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Уставот во уредувањето на правосудниот систем во организационен и процесно-правен план, во прв ред поаѓал од уставните решенија за карактерот на државата како демократска и социјална држава и темелните вредности на уставниот поредок кои ги гарантираат човековите права и слободи. Во тој контекст темелната вредност за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како и владеењето на правото обезбедуваат ограничување и контролирање на власта и несомнено пружаат процесно-правни гаранции за остварување на слободите и правата на граѓаните, како и за правната сигурност на граѓаните.

Оттука, според мислењето на Судот, спорното прашање што се иницира со иницијативата треба да се лоцира на релација дали со оспорените одредби се повредуваат слободите и правата на граѓаните и дали овие одредби го нарушуваат приницпот на поделбата на власта, самостојноста и независноста на судовите и самостојноста на јавното обвинителство.

Како што е наведено Уставот уште во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија судската влст ја одвоил од законодавната и извршната власт и согласно така извршената поделба на власта според членот 98 од Уставот утврдил дека судската власт ја вршат судовите како самостојни и независни органи и дека нивната организација и надлежност се утврдува со закон. Според тоа, не е спорно дека со Законот за кривичната постапка можат да се утврдат и правилата на истрагата кога постои основано сомнение дека некое лице сторило кривично дело.

Со Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93, 9/94 и 9/96), се основа јавно обвинителство, се уредува неговата организација и надлежноста, се определуваат подрачјата и седиштата на јавното обвинителство и се уредуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и заменици јавни обвинители.

Според членот 3 од Законот јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон. Според тоа, и Уставот и Законот јасно ги дефинирал функциите на јавното обвинителство и остварувањето на неговите функции, заради обезбедување на гаранцијата за остварување на правата и слободите на граѓаните пред тој орган и во никој случај, ниту по уставната позиција ниту со законското уредување на надлежностите и функцијата, јавното обвинителство не може да се подведе под извршна власт (како што е наведено во иницијативата).

Од членот 106 од Уставот, од означената и другите одредби од Законот за јавното обвинителство произлегува дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, поради што јавното обвинителство својата функција ја врши врз принципот на организационо единство и вертикална поврзаност на сите организациони единици на јавното обвинителство како единствен орган.

Со Законот за кривичната постапка, конкретно со одредбите од Главата шеснаесетта, седумнаесетта и осумнаесетта е дефинирана целта и е определен обемот на истрагата. Имено, целта на истрагата е да се соберат докази и податоци и во таков обем што ќе овозможи обвинителот да донесе одлука дали ќе подигне обвинителен акт или постапката ќе се запре. Покрај тоа, целта на истрагата е да се соберат докази кои оспорената одредба од член 150 став 2 од Законот изрично ги определува, односно докази за кои постои опасност дека повеќе не ќе можат да се повторат на главнит претрес, доказите чие изведување подоцна би било сврзано со потешкотии и други докази што можат да бидат од корист во постапката, а чие изведување со оглед на околностите на случајот е целисходно.Според тоа, истражниот судија ја утврдува состојбата на работите во врска со кривичното дело во обем кој ќе овозможи законито одлучување и преземените дејствија во истрагата не може да се поистоветат со изведувањето на доказите на главниот претрес или мешање на јавнито обвинител во вршењето на судската власт.

Според оспорената одредба на членот 154 став 1 од Законот, истрагата се спроведува по барање од јавниот обвинител. Барањето на јавниот обвинител всушност ја определува димензијата на истрагата, дали истрагата се однесува на конкретно определено лице или повеќе лица, а со тоа се определуваат димензиите на субјективниот и објективниот идентитет помеѓу барањето на обвинителот и истрагата, со што се обезбедува функцијата на начелото на акузаторност во кривичната постапка.

Преку барањето на обвинителот да се извидат определени околности, да се преземат одделни истражни дејствија, да се утврдат факти, јавниот обвинител ја остварува својата функција во несочувањето на претходната постапка, а со цел успешно гонење на сторителите на кривичните и други казниви дела.

Тргнувајќи од уставната поставеност на судството и јавното обвинителство како и од законските овластувања на истражниот судија и јавниот обвинител, Судот смета дека истражните дејствија што ги презема истражниот судија во истрагата и покрај тоа што се во функција на кривичното гонење и остварување на уставните надлежности на јавното обвинителство, не може да ја доведе во прашање темелната вредност на уставното уредување на Република Македонија за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска ниту, пак, може да ги доведе во прашање правата на граѓаните во кривичната постапка. Имено, оспорените одредби овозможуваат и јавниот обвинител и истражниот судија да дејствуваат самостојно во рамките на своите надлежности утврдени со Устав и закон врз начелата легитимитет и легалитет.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на член 150 став 2 и член 154 став 1 од Законот за кривичната постапка поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.64/2001
18 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов